Голем број мигранти или бегалци кои транзитираат низ Северна Македонија, се жртви на насилство од страна на криумчарите, но и на психолошки и финансиски притисок, предупредуваат од Црвениот крст.
Според организацијата, шверцерите на мигрантите им наплаќаат од 800 до 1.000 евра за да ги пренесат од јужната до северната граница на земјава, но тие често и физички ги малтретираат. Има многу случаи на претепани мигранти, но и такви кои завршуваат со тешки повреди во сообраќајни несреќи.
„Наидуваме на многу насилство на терен. Наидуваме на луѓе кои се претепани и кои се здобиле со сериозни повреди, загубиле раце или нозе, пример во сообраќајки. Овие луѓе многу страдаат. Освен финансиски, тие се под голем психолошки притисок од криумчарите. Ние помагаме колку што можеме, но тоа е многу жално да се гледа“, вели Сузана Тунева-Пауновска - секретар на Црвениот крст.
Меѓу последните жртви на криумчарење беше млада девојка која во април го загуби животот во земјава, во инцидент кај гевгелиската касарна. Македонски полицаец ја застрелал мигрантката, додека полицајата вршела контрола на две патнички возила со осум мигранти кои почнале да бегаат. Криумчари нападнале еден од полицајците и се обиделе да му го одземат пиштолот, по што пиштолот испукал и ја погодил девојката“, соопшти МВР. Шверцерите се во притвор, а Обвинителството го истражува случајот.
Северна Македонија е дел од таканаречената Балканска рута, низ која транзитираат мигрантите и бегалците од војните на Блискиот исток и Северна Африка. Според одредени проценки, над милион луѓе ја минаа во периодот од 7 години.
Сепак, според податоците на Црвениот крст во земјава добиле азил само 13 мигранти од 2015 година, што покажува дека таа не е крајна дестинација за мигрантите.
Овие 13 мигранти останале во Севрна Македонија токму поради тешките повреди со кои се здобиле додека транзитирале, како што е губење на екстремитети, велат од Црвениот крст. Морале да одат на операција и поради тоа одлучиле да бараат азил, за да имаат пристап до здравствена заштита и програмите за интеграција.
Загинатата девојка е само еден од низата случаи последниве месеци во кои беа апсени шверцери на мигранти. Нема забележителен раст на мигранти кои пристигнуваат на границите, но полицијата апси повеќе шверцери.
Тоа е поради заедничките напори на македонската полиција и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс, која на 14 април ја започна својата мисија во земјава.
Во мисијата „Фронтекс“ работат 111 полициски службеници, според податоците, кои ги добивме агенцијата.
„Со отпочнувањето на мисијата Фронтекс, откривачката активност се зголемува од страна на мешаните патроли Фронтекс и полициските службеници“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.
И невладините организации, кои долго работат со мигрантите кои пристигнуваат во земјава, гледаат повеќе приведувања на криумчари поради заедничките напори на „Фронтекс“ и македонската полиција.
„Фронтекс“ е скоро еден месец активен на терен на јужната граница на Северна Македонија и мислам дека таа поддршка на нашата гранична полиција вродува со резултати, со поголеми бројки на решени случаи и поголема превенција на криумчарење на мигранти и бегалци“, вели Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“ која обезбедува помош за мигрантите во земјава.
„Фронтекс“ на 14 април ја започна мисијата. Со тоа граничната контрола и безбедноста на границите е засилена, со распореден контингент од повеќе граничари на границите на Северна Македонија.
Граничарите на Фронтекс заедно со македонската полиција се распоредени на јужната граница со Грција, на Табановце на северната граница со Србија, и во Ново Село на источната граница со Бугарија. Се уште на границите се и полициските сили на земјите од Вишеградската група.
Од почетоков на годинава до крајот на март, спречeни се вкупно 1.849 обиди за илегална миграција, што е за околу 300 обиди помалку за разлика од истиот период минатата година, според податоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Сепак, во моментов од 10 до 30 мигранти или бегалци од војна дневно влегуваат во земјава, најчесто од Грција, според податоците на Црвениот крст. Оттаму велат дека во месец април има зголемување на бројот на мигранти кои влегле во земјава.
„Луѓето кои во моментов поминуваат низ државата најчесто доаѓаат од Сирија, Авганистан, Бангладеш, Мароко и Тунис. Во првиот квартал од годината исто така луѓе кои доаѓаат од Пакистан, а нешто што ние очекуваме во следниот период е можеби да дојдат луѓе од Судан“, вели Тунева – Пауновска.
Фронтекс им помага на македонските власти при патролирање, спроведување на проверки на документи и собирање информации за прекугранични криминални активности.
Мисијата на Фронтекс беше поздравена од меѓународните организации и од регионалните влади, кои се надеваат дека тоа ќе биде ефективен чекор кон ублажување на тековната мигрантска криза во регионот.
Таканаречената балканската рута се движи главно од Турција и Грција, преку Македонија и Србија кон европските држави кои се крајна цел на мигрантите. Тие бегаат од воените дејства во нивните земји, економската нестабилност и се почесто до климатските промени кои носат глад.