Државата треба да ги реализира капиталните инвестиции, да создаде добра бизнис клима, да работи на тоа јавниот сектор да не му должи на стопанството, да се направат олеснувања кај давачките и царините за да му помогне на бизнис секторот во надминување на корона-кризата, посочуваат стопанските комори. Владата досега донесе четири пакети директна помош за справување со последиците од коронавирусот врз економијата. Помош за исплата на плати, бескаматни кредите, олеснување на некои давачки се дел од тие мерки, но што ќе прави бизнисот кога ќе престане директната помош од државата?
„Новороденчето еднаш ќе мора да престане да се дои“
Бизнисменот Мендерес Кучи, кој е дел од Стопанската комора на Северозападна Македонија вели дека компаниите кои се дел од оваа комора не се зависни многу од помошта на државата, оти компаниите се подигнати, како што вели на сопствени мускули. Но државата може да помогне и на друг начин, вели Кучи.
„Оваа ситуација малку ми личи на новороденче кое навикнало да се дои, но ќе дојде еден период кога ќе мора да престане да се дои и да се научи да јаде. Нам ќе ни биде многу од корист ако државата се фокусира на создавање на услови, а тоа значи да се тргне од непродуктивните трошоци што самата ги прави, да се фокусира на капиталните инвестиции, на подобри патишта. Локалната самоуправа да не им биде должник на компаниите. А треба да се вложува и во човечкиот капитал, во негово образование, оти ако денеска не се гледа на тоа како на проблем, утре ќе ни се појави тоа како хендикеп“, вели Кучи.
Тој додава дека на кризата треба да се гледа не само како на проблем, туку и како можност, да се извлече поука, за како што вели „веќе да не заболуваме пак од истата работа. Комората одбележа 15 години од создавањето. Кучи вели дека и покрај пандемијата, 100-те најдобри компании во Комората забележале подобри резултати во споредна со лани. Тоа се должи на доброто менаџирање, вели Кучи и на имањето визија на несреќата да се гледа како на шанса.
Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески во колумна објавена на сајтот на Комората, пишува дека „на почетокот на пандемијата, државата му помогна на бизнисот да преживее, а сега е време кога треба да си помогнеме сите заедно, а на крајот, ќе дојде време кога бизнисот ќе и помогне на државата“. Тој наведува дека сега е извесно дека ова ќе потрае и дека клучниот момент ќе биде кога државната помош полека ќе спласнува. Комората изработи документ за економијата за време на кризата и во постковид периодот. Во него се посочува дека помошта за економијата од државата мора да се проектира и за периодот по истекот на првиот квартал од 2021 година, оти како што се наведува економската криза нема да престане тогаш кога ќе престане здравствената, односно ќе има период на закрепнување.
„Затоа е важно мерките на државата да не бидат краткорочно насочени исклучиво кон преживување на кризата, туку треба да содржат и елементи на произведување подолгорочни ефекти за одржување на економската активност на приватниот сектор“, стои во документот на Стопанска комора.
Од Комората наведуваат дека бизнисмените се соочуваат со исклучително тешка ситуација, во која не можат да ги планираат своите идни чекори. Бараат државните органи да се произнесат за активностите што планираат да ги преземат за здравствената криза, со цел здравствената криза да не произведе длабока економска криза со големи последици. Во време на рецесија, велат од Комора, приоритет би требало да имаат инвестициите, извозот и институциите. Максимално да се реализираат капиталните инвестиции во земјава, со максимално вклучување на домашни компании. Како и да се олеснат даноците и царините и да се олесни отплатата на обврските спрема банките.
За разлика од многу земји во Европа и во соседството кои во последните месеци преземаа рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид -19, кои вклучуваа и ограничување во работата на многу економски оператори, во земјава е ограничено работењето на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава. Со ковид-мерките освен угостителскиот сектор и понатаму остануваат погодени транспортниот и туристичкиот сектор. Здравствените власти велат дека за новогодишните празници не се размислува за полициски час, но ќе се разговара за евентуална дополнителна рестрикција во однос на работното време на места каде што може да се собираат луѓе.
Четирите пакети економска помош на владата тежат околу една милијарда евра. Првите три сета економска помош изнесуваа 550 милиони евра, а се реализирани 194, 4 милиони евра. Четвриот пакет мерки е проектиран на 470 милиони евра. И со последниот пакет помош се продолжува со поддршката за исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември. Планирано е оваа мерка да опфати 250 илјади вработени за сите три месеци и да се потрошат 70 милиони евра. УЈП информираше дека за месец октомври се одобрени барања за исплата на плати на околу 58 илјади работници, а исплатени се 15 милиони евра. Според плановите на владата со оваа мерка се предвидуваше да бидат опфатени 83 илјади работно места на месечно ниво. До петок, пак, трае пријавувањето за субвенционирање на ноемвриските плати. Работодавачите имаат обврска да ги задржат работниците на работа уште два месеци по истекот на оваа мерка. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека на економско социјалните совети се разговара и за тоа и се прават анализи.
„Тамам работа да ги остават работниците на цедило, не верувам дека тоа ќе го направат ниту нашите социјални партнери, ниту ние како синдикати. Ние како Синдикат работиме на терен, ништо не смееме да оставиме на случајност, ги следиме светските трендови кои навестуваат дека од март, април со вакцината оваа ситуација со ковид ќе исчезне“, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Освен субвенционирањето на платата, која за последното тромесечие од годината е скалесто во согласност со падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Овој пакет опфаќа и зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1, како и нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Македонија.
Владата посветено работи на создавање амбиент за развој на приватниот сектор, вели премиерот Зоран Заев. Тој вели дека работат на планови за подобрување на состојбите на среден и на долг рок.
„Овие денови ќе имаме дополнување на четвртиот пакет со цел да помогнеме максимум колку што е можно. Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување и предвидлив деловен амбиент и како Влада се стремиме тоа да го овозможиме. Со влезот во НАТО и со примената на стандардите на ЕУ кои треба да станат домашни стандарди, обезбедуваме сигурност на инвестициите преку механизмите за владеењето на правото, за намалување на сивата економија, на парафискалните давачки и со борбата против корупцијата, рече Заев.
Македонската економија влезе во рецесија, откако два последователни квартали БДП бележи пад. Економијата од почетокот на годината до крајот на септември доживеала пад од 5,7 отсто. Според проекциите на Народна банка економијата би се вратила на преткризно ниво во 2022 година.