Достапни линкови

Кој стои зад нападите врз косовската полиција?


Во нападите врз косовската полиција биле користени камења, рачни гранати, автоматско оружје и пиротехнички средства (на фотографијата, припадник на косовската полиција во Јариње, септември 2021 година).
Во нападите врз косовската полиција биле користени камења, рачни гранати, автоматско оружје и пиротехнички средства (на фотографијата, припадник на косовската полиција во Јариње, септември 2021 година).

Помина повеќе од една недела од првиот напад врз косовската полиција на северот на Косово, но засега косовските институции не соопштуваат дали некој е идентификуван за тоа. Шкелќим Хисенај

На 15 април, косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави на вонредна прес-конференција со генералниот директор на косовската полиција Самедин Мехмети дека полицајците биле „цел на вооружени напади од криминални групи на север“, каде што живее мнозинско српско население.

Свечља и Мехмети изјавија дека нападите врз припадниците на косовската полиција се случиле на подрачјето меѓу Зубин Поток и Брњак, граничниот премин со Србија.

Курти повика Белград да ги осуди нападите врз косовската полиција

Првиот напад, како што тогаш беше објавено, се случил на 13 април, а од тогаш биле евидентирани вкупно пет напади врз косовската полиција.

Според министерот Свечља, во нападите врз полицијата биле употребени камења, рачни бомби, автоматско оружје и пиротехнички средства. Исто така, постои сомнеж дека дел од експлозивните направи, но и истрели дошле од територијата на Србија.

„Пукањето се случи на околу 200 до 300 метри од полициската патрола“, рече Свечља, обвинувајќи ја Србија за нападите. „Мислам дека целта на Србија во овој момент не е да го нападне, туку да го дестабилизира Косово“.

По овие напади на косовската полиција немаше официјални реакции од Србија.

Северот на Косово се состои од територијално поврзани општини со мнозинско српско население - Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.

Во тој дел од земјата често се случуваат инциденти, а последниот посериозен беше во септември минатата година, кога локалните Срби две недели ги блокираа патиштата кон премините Брњак и Јариње поради одлуката на косовската влада да воведе реципрочни мерки околу регистарските таблички.

Можни мотиви за нападите

Шикари Суља, поранешен главен обвинител во Основното обвинителство во Митровица, смета дека нападите врз косовската полиција се поврзани со одлуката на косовската влада која не ги дозволи српските избори во Косово на 3-ти април.

Курти: Загрижени сме поради можноста инцидентите да се прошират на Западен Балкан

„Убеден сум дека неодржувањето на српските избори во Северна Митровица заживеа некои групи кои имаат повеќе политичко влијание отколку само загрозување на безбедноста на припадниците на полицијата или граѓаните“, изјави Суља за РСЕ.

Владата предводена од премиерот Албин Курти не дозволи отворање на избирачки места во српските средини во Косово за изборите организирани од Србија, со образложение дека тоа ги крши законите и Уставот на Косово.

На членовите на српската заедница им беше понудено да гласаат по пошта или во Српската канцеларија за врски во Приштина, но тие сепак го искористија своето право на глас во некој од пограничните градови на Србија.

Поранешниот главен обвинител Суља оценува дека институциите на Косово кои се финансирани од Србија и кои се нелегални за Косово, а кои постапуваат по инструкции на властите од Белград, се активни на север и обично дејствуваат на само еден повик од функционер на Владата на Србија.

Сличен став има и Рашит Ќалај, поранешен генерален директор на косовската полиција и моментално член на опозициската Демократска партија на Косово. Тој оценува дека нападите врз полицијата ги извршиле лица со „криминална позадина“, кои дејствуваат на територијата на Косово.

„Поединци од овие групи се дефинитивно од Косово, но тие ја користат територијата на Србија за напади врз косовската полиција“, рече Ќаљај.

Кривични пријави за полицајци од граничниот премин Блаце за поткуп

Во изјавата за РСЕ тој наведува дека веќе е докажано оти на северот на Косово дејствуваат криминални групи кои Србија ги користи за дестабилизација на тој дел од земјата.

„Мислам дека овие групи се координираат, не дејствуваат сами, туку Србија повеќе ги користи како криминални елементи за да предизвика некаква дестабилизација на Косово“, вели Ќалај.

Поранешниот обвинител Суља смета дека „присуството на српските нелегални структури на северот на Косово“ предизвикува нестабилност на земјата. „Дивите градби никогаш не биле целосно затворени и одвреме-навреме се појавуваат и ќе се случуваат во иднина“, вели Суља.

Претседателот на собраниската Комисија за безбедност и одбрана на Косово, Бека Бериша не сакаше да ги коментира нападите врз косовската полиција. За тоа прашање, како што рече, јавно ќе зборува на седницата на Собранието на Косово.

Седницата на Собранието на Косово за безбедносни прашања, требаше да се одржи на 19 април, но беше откажана поради бојкотот на опозициските партии.

Антон Чуни, член на оваа комисија, не сакаше да ги коментира нападите врз косовската полиција. Како што рече тој, Комисијата за безбедност и одбрана на Косово нема официјални податоци и додаде дека не може да каже ништо повеќе на таа тема.

Безбедносниот експерт Нуредин Ибиши смета дека блокадата на дивите патишта, кои со години се користат за шверц на стока, придонела за нападите врз косовските полицајци.

Косовската полиција во февруари соопшти дека почнала да затвора неколку нелегални патишта на северот кои се користеле за шверц на стоки со цел да се бори против криминалот.

Ибиши смета дека Србија преку своите „експонати што ги има на територијата на Косово“ се обидува да предизвика тензии.

Нападите врз косовската полиција претходно ги осудија Канцеларијата на Европската унија во Косово и Амбасадата на САД во Приштина, истакнувајќи дека страните не треба да користат реторика што може да ги зголеми тензиите.

Мисијата на КФОР предводена од НАТО ја потврди својата подготвеност да ја поддржи косовската полиција, доколку е потребно и побарано.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG