Достапни линкови

Истрагите за корупција на власта го демантираат премиерот


Поткуп, илустрација.
Поткуп, илустрација.

Корупцијата била кај службениците во пониските ешалони, вели премиерот. Но за време на владеењето на Зоран Заев за наводи за корупција и местење тендери се отворија истраги против генерален секретар на Владата, секретар на Министерство за информатичко општество, директори на иституции.

Македонија годинава беше најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренски интернешнл. Стејт департментот посочи дека и покрај сите подобрувања, корупцијата останува главен проблем, а Европската унија во својот последен извештај оценува дека „корупцијата е сеприсутна во многу области“.

Властите, пак, велат дека силно се спротивставуваат на корупцијата, за разлика од претходната влада. Од владата соопштуваат дека ги земат предвид меѓународните извештаи и постапуваат по нив, иако по извештајот на Транспаренси интернешенл во јануари годинава рекоа дека корупцијата не пораснала, туку станува збор само за перцепција на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев како виновни за корупцијата ги посочи службениците на шалтер. Министрите и директорите не се корумпирани, рече премиерот коментирајќи го извештајот на Стејт департментот во кој меѓудругото се наведува дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија. Премиерот вели дека во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот не е препознаена корупција, туку корупција има во делот на административното функционирање на јавните институции.

„Нам ни е јасно од страна на Владата по сите анализи заедно со Транспаренси интернешенл, со Стејт департментот, со Европската делегација овде и со многу други граѓански организации го утврдивме нивото на корупција што се случува на трето ниво. Таму каде што граѓаните шалтерски допираат, имотен лист, одобрение за градба, решенија, согласност или слично и ќе го промениме“, рече Заев.

Но само во владеењето на СДСМ за наводи за корупција и местење тендери беа уапсени поранешниот генерален секретар на Владата на СДСМ, Драги Рашковски и генералниот секретар во Министерството за информатичко општество Јахи Јахиу. За некогашниот прв човек на Фондот за здравство се објавија видео снимки во кои тој наводно прима поткуп. Директорката на Националната агенција за европски образовни програми Лидија Димовска беше разрешение откако се обелодени аферата за незаконско доделување грантови на блиски луѓе. За време на владеење на СДСМ во затвор заврши и специјалната обвинителка Катица Јанева за поткуп при вршење службена должност. Афера имаше и со набавката на кинески вакцини во време на пандемијата, преку непозната фирма од Хонгконг, и наводна вмешаност на министерот за здравство Венко Филипче, но се остана на шпекулации.

Партиите од опозицијата реагираат на изјавата на Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарекоа „нов бисер“.

„И кога Заев вели дека нема криминал и корупција во највисоките ешалони, со тоа им се смее во лице на Стејт Департментот и на граѓаните кои секојдневно го гледаат криминалот“, вели портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Алијанса за Албанците бара премиерот Зоран Заев да се извини на јавната администрација за изјавата.

„Амнестирањето на министри и директори од корупција и обвинувањето на службениците е само низок обид да се дефокусира јавното мислење и силен удар врз оние кои веќе работат под постојан притисок и во мизерни услови“, велат од Алијансата.

Рашковски е во домашен притвор, осомничен дека ја злоупотребил службената положба при тендер за јавни набавки. Тој претходно беше обвинуван и за други афери, како онаа со италијанската фирма Леонардо за барање мито. Тој тогаш се извини и се спаси од тужба, но потоа падна на „Инвока“.

Јахија и негов колега, поранешен раководител беа уапсени оти земале мито за оддавање на доверливи податоци на италијанска фирма за да победи на милионски тендер. Јахија беше дел и од администрацијата на Заев, иако делата за кои се товари ги направил претходно. Тој беше уапсен во 2019 за дела сторени во 2014 и 2015.

Директен линк

Директор на ФЗО Ден Дончев беше на „мета“ во корупциски скандал кој опозицијата го нарече „Рекет 2“. Станува збор за случајот со „Диамед“ каде според обвинувањата на поранешната сопственичка, но и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обидел да ја попречи продажбата на оваа компанија на странски инвеститор.

Дончев е инволвиран и во уште еден случај за кој истрага води Управата за финансиско разузнавање по барање на Јавното обвинителство. Станува збор за период додека тој бил директор на Фондот за здравствено осигурување, а добивал пари за консулстански услуги по основ на плати, од компанија со основна дејност интернет-портали што била финансирана од странска компанија. Тој си поднесе оставка поради здравствени причини.

Годинава Македонија беше најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција. СДСМ дојде на власт на крајот на мај 2017. Во извештајот за 2018 година на Транспаренси во кој беше отсликана состојбата по едно и пол годишното владеење на СДСМ Македонија и Косово го делеа 93 место во однос на корупцијата, а и тогаш земјава беше најслабо рангирана на Балканот.

Стејт департментот во неодамна објавениот извештај за инвестициската клима наведе дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, но корупцијата е постојан проблем. Во него се нотира дека целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција, стои во извештајот. Во него се наведува дека Владата генерално ги спроведува законите, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности. Извештајот ја нотира и позитивната работа на Државната антикорупциска комисија, која, како што пишува, отвори голем број истраги поврзани со корупција, вклучително и оние во кои се вклучени високи функционери. Но претседателката на ДКСК деновиве изјави дека во таа борба се чини дека се осамени.

„За жал многу често имаме чувство дека сме осамени во оваа многу значајна борба, наспроти декларативната, но и селективно искажана волја за борба против корупција од страна на останатите структури, кои се надлежни за донесување важни одлуки на државно и локално ниво. Сметам дека зајакнувањето на интегритетот, е единствен излез, и треба да е заедничка мисија и одговорност на сите институции во системот“, изјави Биљана Ивановска, претседателка на ДКСК.

И во извештаите на ЕУ за напредокот на Македонија една од најголемите критики и натаму е за борбата против корупцијата. Во извештајот објавен лани во октомври ЕК оценува дека „корупцијата е сеприсутна во многу области“ и бара поактивен пристап од сите чинители. Во тој дел се поздравува и работата на Антикорупциската комисија.

И во извештај на МЦМС од лани се наведува дека перцепцијата за корупција како круцијален проблем скокнала за едно место погоре во однос на годината претходно, односно се наоѓа на четврто место веднаш после невработеноста, политичката нестабилност и ниските приходи како клучни проблеми.
Во однос на перспективите за сузбивање на корупцијата, најчестиот одговор или на околу 42 проценти од испитаниците е тврдењето дека корупцијата секогаш ќе биде присутна во земјата, но може да се намали во некоја мера.

Со новата Влада за прв пат беше назначен и воцепремиер за борба против корупција, а функцијата ја извршува Љупчо Николовски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG