Не се знае кога повторно ќе отворат угостителските објекти, ниту пак, дали ќе почнат со работат градинките. Сето тоа ќе зависи од препораките на здравствените власти. Се чекаат одлуките на власта како и од кога постепено треба да се враќаат на старо компаниите и субјектите кои беа затворени, а на работа треба да се врати и администрацијата. Угостителите со кои разговаравме велат дека не се запознаени што треба да прават, чекаат на официјални информации, а стравуваат дека новите обврски дополнителни ќе чинат пари.
„Во меѓувреме доаѓаме, чистиме и средуваме, оти ни е досадно. Ако треба да се става некаква преграда меѓу масите, тоа ќе биде малку потешко, оти ќе треба да се најде и мајстор што ќе го прави тоа, а и ќе чини пари.“
„Дали јас работам со 20 отсто од капацитетот или работам фул, мене струјата исто ми иде, фрижидери мора да се вклучени, светилки мора да се вклучени. Ме иритира што цело време се калкулира. Ако треба од понеделник да ги отвориме објектите, имаше такви најави, и сега ако ни кажат ќе имаме само два дена да ги испочитуваме тие мерки за да почне да работиме“, велат угостители од Скопје.
Во понеделникот министерот за здравство Венко Филипче рече дека верува оти до крајот на неделава ќе бидат завршени сите протоколи врз кои ќе се олеснуваат мерките и дека тие ќе може да се пременуваат од почетокот на следната недела. Тој рече дека рестораните и кафичите за почеток ќе работат само надвор, со одржување дистанца. Угостителските објекти кои имаат тераси ќе може да отворат по повеќе од месец и половина откако беа затворени поради коронавирусот. Маси на растојание, келнери со заштитна опрема, а претходно задолжителна дезинфекција на целиот објект, се дел од мерките кои ќе треба да се почитуваат.
Повеќе од половина од угостителите се подготвени да почнат со работа со преполовен капацитет, односно со скратено работно време и ограничен простор, покажало истражувањето на Туристичко-угостителската комора.
„Од угостителите, 59 отсто одговориле потврдно дека се подготвени, додека 41 одговориле дека не се подготвени за делумно функционирање. На прашањето дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при почнување со работа, а поврзани со превенција на вработените и гостите од КОВИД-19, вкупно 78 отсто одговориле дека досега не добиле, односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22 одговориле потврдно“, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Угостителите одговориле и дека Владата треба да преземе мерки во однос на подигнување на свеста на посетителите на угостителските објекти дека се преземени сите неопходни мерки за заштита и безбедност. Од анкетираните, 69 отсто сметаат дека Владата треба да спроведе кампања со прецизни инструкции за заштита на вработените и гостите од КОВИД-19.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не се знае дали од понеделник угостителските објекти ќе се отворат.
„Што се однесува до отворањето на кафулињата, рестораните, угостителскиот сектор во нашата држава, секако дека е формирана работна група, истовремено се консултираат и стопанските комори, особено коморите кои ги претставуваат угостителите и мислам дека за кратко Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука, во моментот не можеме да прејудицираме каква одлука ќе биде донесена од страна на владата и која би била препораката од Комисијата“, рече Бектеши.
Министерот вели дека и по отворањето на угостителските објекти ќе се продолжи со поддршка и помош на туризмот, угостителството и на транспортот, како најпогодени сектори во моментот.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека пред отворање на рестораните треба да се спроведе целосната дезинфекција.
„Бидејќи рестораните кои беа затворени не работеа кетеринг и подолг период беа запечатени, ќе ги кажам само главните мерки. Ќе треба да направат повторно чистење и дезинфекција на опремата и површините кои служат за обработка на храна и пред отворањето на рестораните ќе треба да извршат една општа дезинфекција во самиот објект, бидејќи подолго време стоел запечатен, неотворен и не знаеме што се случувало таму“, вели Зоран Атанасов, директор на АХВ.
Од Министерството за труд велат дека градинките ќе бидат отворени кога ќе биде безбедно, и дека приоритет е зачувување на здравјето на децата и на вработените во градинките. Во меѓувреме се работи на протокол со кој ќе се овозможи повторно отворање на градинките и нивно безбедно функционирање, одговори дополнителната заменик министерка, Санела Шкријељ.
„Во секој случај, сакаме да порачаме дека децата нема да останат незгрижени. Значи, услугите кои стојат на располагање дали значат отворање повторно на градинките или продолжување на мерките што сè уште важат, а тоа е ослободување од работа и работни активности на родител кој се грижи за дете што посетувало градинка или дете до 10-годишна возраст, сè уште се во сила и тие продолжуваат да важат. Исто така, продолжува да важи и Уредбата за пролонгирање на породилното отсуство на сите мајки на кои породилното отсуство им завршува сега за времетраење на вонредната состојба“, вели Шкријељ, како одговор на прашање на Радио Слободна Европа.
Како дел од мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот Владата ги затвори кафулињата, а рестораните може само да вршат достава на храна и да работат со шалтерски систем, затворени се школите и градинките, а за таа цел од работа е ослободен еден од родителите на деца до 10 години, за да може да ги чува децата. Административците кои се од внатрешноста, а работат во Скопје, не доаѓаат на работа, затворени се шопинг моловите во затворени објекти, како и спортски центри, вежбалници и базени.
Од спортскиот центар „Борис Трајковски“ соопштија дека го дезинфицираат објектот и се преземаат сите превентивни мерки за заштита на здравјето на сите корисници на центарот.