Амбасадоре Коп, внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Но, реториката од двете страни се заострува. Дали во вакви услови уставните измени се гаранција за отпочнување на преговарачкиот процес?
Па, првата фаза од преговорите, започна во јули минатата година. Скрининг процесот е во тек, под водство на вицепремиерот Маричиќ и од него ќе се знае многу јасно каков напредок постигнала Северна Македонија и што уште треба да се направи. Тоа е корисно, но тоа е всушност што Северна Македонија веќе го знае, што треба да се направи. Втората фаза ќе почне во моментот кога Северна Македонија ќе ја смени Преамбулата во Уставот за да го вклучи бугарското малцинство, заедно со седумте етнички заедници кои се веќе споменати во Уставот. Заклучоците од Советот минатото јули јасно кажуваат дека штом Северна Македонија ги усвои уставните измени, веднаш ќе почне втората фаза, и без каква било друга политичка одлука. Значи, да менувањето на Преамбулата во Уставот го гарантира почетокот на новата фаза. Тоа следува автоматски.
Но токму за прашањето за уставните промени нема политички консензус. Во меѓувреме се формираше и работна група за уставните измени во која најголемата опозициска партија не учествува. Како го коментирате таквиот потег на опозицијата?
Ако погледнете малку назад ќе видите дека на почетокот на минатата година, двајцата нови премиери Петков во Бугарија и Ковачевски тука, формираа пет работни групи за проблемите кои постоеја меѓу двете земји. Овие проблеми се однесуваа на идентитетот, јазикот, историјата, економски прашања и малцинствата. Со помош на Европската Унија на крајот, некаде во мај минатата година, сите овие прашања беа намалени на само едно, малцинствата. Подоцна тоа стана договор за да се смени Преамбулата на Уставот за да се вклучат малцинствата. Тоа многу го поедностави ова прашање, за кое двете влади и на Бугарија и на Северна Македонија се согласија. Тие се согласија за ова прашање, да ја сменат Преамбулата за да го вклучат бугарското малцинство.
Ако ги слушате ВМРО-ДПМНЕ ќе забележите дека таа партија нема проблем со содржината на овој договор. Па што е тоа што ги натера да бидат надвор од ова, тоа нема врска со Бугарија. Некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе преговараат за подобар договор. Тоа се бесмислици. Нема подобар договор од овој. Овој е апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие. Според мене, ова што се случува е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи. Сега е моментот.
Како гледа Холандија на заканите од Бугарија за ново вето за Северна Македонија?
Како што веќе реков, нема ново вето. Ако Преамбулата на Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има вето таму. Исто така тоа не е толку многу важно. Земјата треба да ги заврши реформите. И тоа е единствениот начин да се влезе во Унијата. А скрининг процесот ќе даде јасно до знаење какви треба да се реформите и на крајот тоа е многу поважно од позицијата на Бугарија. Но, се согласувам со вас дека има преголемо внимание за ова прашање. Еве и вие веќе ми поставивте 3 прашања поврзани со оваа тема кога зборуваме за иднината на вашата земја. Но, дозволете ми да ве потсетам дека ова е билатерална обврска меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа е договор меѓу двете земји. Холандија не е дел од тој договор и како такви немаме интерес за тоа. Но, постои можност ова да стане еден вид оправдување за да не се завршат реформите, тоа го одвлекува вниманието за да не се завршат работите кои се навистина важни, а Бугарија ја сметаме за помалку важно, билатерално прашање поврзано со евроинтеграциите.
Може ли употребата на европското знаме за законите поврзани со проектот за изграба на коридорите 8 и 10д да има последици во натамошниот процес за евроинтеграции на Северна Македонија?
Да, мислам дека може. ЕУ законодавството е многу јасно. Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Има два услови кога е дозволено тоа. Првото е кога се работи за национална безбедност, кога имате тенкови на границата, не мора да чекате најдобар договор за да купите оружје и вториот е кога се работи за национална катастрофа. На пример, ако се случи земјотрес, не губите време за да купите крвна плазма, таа ви е потребна веднаш. Значи ЕУ законодавството е важно, а договорот со Бехтел и Енка не се совпаѓа со тој опис и не е усогласен со ЕУ законодавството. Исто така и целиот начин на кој е спроведен, е прилично нетранспарентен, што е исто така и мислење на ММФ на пример. Па, може ли Северна Македонија да го направи тоа? Па... национална катастрофа може да биде само ако кажете дека состојбата со инфраструктурата е национална катастрофа, но не мислам дека некој го прави тоа. Може ли Северна Македонија да го направи тоа? Да може, но само затоа што не е членка на ЕУ. Може ли следните постапки како оваа да станат проблем кога сакате да сте во Унијата, да, би кажал дека тоа е прашање.
Во врска со ЕУ знамињата јасно е, ЕУ веќе објави став дека употребата на европско знаме тука е погрешна, знаменцата се наменети за законите кои треба да ја доведат земјата поблиску до остварување на а-кито, до Копенхашките критериуми и со години ние и не само ние и други претставници на ЕУ делегацијата предупредувавме на злоупотребата на европското знаме во овој процес. Аргументот кој се користи за злоупотребата на знамето е да се одбегне филибастеринг од опозицијата во Парламентот. И да, се разбира, тоа е дилема. Но, прашањето е дали ќе го употребите европското знаме за прашања кои немаат некоја поврзаност со европското законодавство. А според наше мислење, токму тоа се случува сега со овој договор.
Борбата против корупцијата останува една од слабите точки, барем според релевантни меѓународни извештаи. Според вас како Владата се справува со овој проблем?
Па, не гледаме некој напредок, напротив сметаме дека работите се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Всушност годинешниот извештај од Антикорупциската комисија покажува дека 10 проценки од претставките се процесирани, тоа е многу помалку и во однос на 20-те проценти во извештајот од 2021 година, кој патем се уште не е разгледан од Парламентот во последните 2 години, нешто што требаше да се направи. Затоа нема причина за оптимизам. Како што кажав и порано корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега, зошто ако сакате да сте во Унијата во процесот на преговори, оваа состојба со менталитетот и политичката волја заедно со неказнивоста која оди со тоа и која е најпрезирана од граѓаните, мора да се смени веднаш. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија.
Довербата на граѓаните во правосудниот систем е на многу ниско ниво, а настаните во Судскиот совет, враќањето на пресудите за високопрофилни личности на повторно судење, се само последните случувања во оваа област. Како вие го гледате судството, кој е најголемиот проблем?
Ова е всушност истиот проблем како со корупцијата. Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна.
Амбасадоре, последниот пат кога разговаравме рековте дека не треба да не разочаруваат пречките на патот кон ЕУ и дека треба да ги надминеме и да продолжиме напред. Две години подоцна податоците за зголемениот евроскептицизам покажуваат дека граѓаните не се имуни на пречките и неправдата. Кој е вашиот коментар?
Ајде да зборуваме за популарноста. Последните анкети во земјава покажуваат дека најпопуларен политичар во земјава е Владимир Путин, човекот кој предизвика смрт и страдање на десетици илјади украински жени и деца. Најпопуларниот политичар во Северна Македонија! Интересно прашање, зошто? И јас мислам дека тоа е така зошто колку повеќе ја „обојувате“ ЕУ во црно, толку повеќе популарноста на личности како Путин ќе расте. Што всушност се случува тука. Мислам дека сите политичари тука, политичкото лидерство поддржани од некои медиуми и голем дел од невладиниот сектор, ја обвинуваат ЕУ за се. И тоа е многу чудно, зошто после декади на голема поддршка, потребните реформи можеа да бидат спроведени уште пред неколку години. Но, наместо тоа она што се повеќе го слушаме се обвинувања за ЕУ или зошто ЕУ не тера да чекаме повеќе и повеќе, а јас всушност мислам дека оваа земја не прави нас да чекаме предолго. Можевте да го направите многу порано, но наместо тоа сите ни раскажуваат бајка дека некако, ние правиме Северна Македонија да чека предолго. Не е така.
Во изминатите години помагавме и направивме се за да и помогнеме на Северна Македонија да влезе во ЕУ. И на врвот на таа огромна поддршка можеби е добро да ги потсетам луѓето дека нашите даночни обврзници платија за вашите ковид вакцини, нашите даночни обврзници платија за 200 милиони евра кои претседателката на Унијата, Урсула Фон дер Лаен и ги даде на Владата пред неколку месеци за да се справи со високата инфлација и високите цени на енергенсите. И затоа е многу чудно што трендот на обвинување кон ЕУ станува се погласен и погласен. И впечатокот е дека некако оваа земја не се труди да ја преземе судбината во своите раце. И многу е лесно да се обвини некој друг.
Македонија и Холандија годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Каква е вашата оценка за билатералните односи?
Во изминатите 30 години ние се трудевме да ве направиме дел од евроатланскиот свет. И тоа не е добро само за вас, туку и за нас. Целосно сме уверени дека ова може да се случи и целосно сме уверени дека нема вистинска алтернатива за тоа. Па ако се обидувате да ја постигнете истата цел, барем според јавните изјави на сите политички лидери гледаме дека таа е целта, тогаш може да го направите тоа. И тоа може да го постигнете до 2030 година, ако почнете сега, да работите на реформите и ги почитувате вредностите кои одат заедно со нив. Во изминатите 30 години дипломатски односи со вашата земја, многу работи се сменија. Но една работа, остана иста. А тоа е дека Холандија останува еден од вашите најголеми и најлојални поддржувачи и затоа мотото на нашата 30 годишнина од дипломатските односи е „Ќе сјаеме заедно“. И навистина е така.