Достапни линкови

Конкурсот за попишувачи објавен, пожелни се вакцинирани кандидати


илустрација
илустрација

Заводот за статистика веќе ги регистрирал првите пријавени на Конкурсот за реонски попишувачи и инструктори кој официјално е објавен денеска. Оттаму велат дека е пожелно пријавените да се имунизирани, но додаваат дека тоа нема да биде критериум по кој ќе се врши селекцијата

Од денеска и официјално сите кои се заинтересирани да бидат реонски попишувачи и инструктори можат да се пријават на конкурсот кој е објавен на веб страницата на Државниот завод за статистика и во уште четири дневни весници. Од државниот Завод за статистика ги повикуваат сите заинтересирани кандидати да ја пополнат апликацијата за да бидат дел од тимот кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот попис во земјава.

„Основните критериуми за да можат да се пријават на конкурсот е да се полнолетни, невработени, да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено најмалку средно училиште и да поседуваат компјутерски вештини. Сè се одвива нормално, од сабајле веќе имаме пријавени кандидати за реонски попишувачи и инструктори. Апликацијата е достапна и на мобилен телефон, така што и оние кои се на годишен одмор ќе можат да аплицираат и преку мобилниот телефон“, објаснува Јасмина Георгиева од Заводот за статистика.

Во врска со тоа дали попишувачите треба да бидат вакцинирани, од Заводот велат дека имунизацијата не е услов во конкурсот затоа што таа е на доброволна основа, иако во апликацијата има две прашања поврзани со тоа со цел да се има увид колку од кандидатите се вакцинирани, колку не се но и колку би се вакцинирале откако ќе бидат избрани на конкурсот.

„Со оглед на ситуациите низ кои поминавме пролетва и со она што се предвидува и за есенва, ние би сакале кога сите би биле вакцинирани. Тоа би било одлично заради безбедност, заради почитување на сите мерки и безбедност на сите учесници во пописот и на целокупното население кое ќе дава податоци. Меѓутоа ние никому не може да му наложите да се вакцинира, исто како што ние нема да знаеме ни во семејствата во кои ќе влегуваме, дали се тие вакцинирани или не. И тоа нема да биде услов за попишување, така што не може да биде критериум вакцинацијата“, вели Георгиева.

Инаку пописот првично требаше да се одржи во април годинава, но поради неповолната епидемиолошка состојба во тој период, истиот на барање на опозицијата беше одложен за есенва. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш побара да се остави доволно време до есен да се вакцинираат сите попишувачи со цел целиот процес да биде побезбеден.

Од Комисијата за заразни болести засега нема препорака попишувачите да мора да бидат вакцинирани, но здравствените власти апелираат лицата кои ќе бидат вклучени во попишувањето да се вакцинираат.

Инаку конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати.

Во меѓувреме од Заводот за статистика информираат дека заклучно со вчерашниот ден самопопишани се 190 281 лице од дијаспората и тоа преку посебната апликација која е активна во целиот овој период. Самопопишувањето почна на први март и трае цело време, но за разлика од март и април, одзивот на самопопишани од странство е намален во последните три месеци.

Податоците од оваа апликација ќе бидат регистрирани во категоријата на „државјани на Република Северна Македонија кои живеат или престојуваат во странство повеќе од една година“. Од Заводот уверуваат дека електронската контрола на апликацијата е максимална и дека секој кој ќе се обиде двапати да се самопопише, веднаш ќе биде исфрлен од системот.

Инаку на почетокот по стартувањето на апликацијата, програмери во Фејсбук група за програмери посочија дека има пропуст во системот за самопопишување, односно дека со прикриена ИП адреса може да се пристапи на апликацијата и од Македонија, и дека имало само еден степен на заштита.Набрзо потоа проблемот беше надминат, а од компанијата „Scalefocus“ која ја креираше апликацијата за самопопишување информираа дека имаат солиден степен на заштита на апликацијата и никој не може да го измами системот за самопопишување.

Договор за одложување на пописот беше постигнат на крајот на март по средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по што на 2 ри април во Собранието беше донесен нов закон за попис со кој процесот беше презакажан за периодот од 5 до 30 септември оваа година.

Во Македонија последен пат се одржа попис во 2002, обидот за попис во 2011 беше неуспешен. По формирањето на СЈО, ова обвинителство отвори предмет за пропаднатиот попис организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО, со стопирањето на пописот на населението тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е во бегство, Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра. Овој предметот по пропаѓањето на СЈО го презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Но истрагата за овој случај пропадна, оти не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат Груевски и Ахмети.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG