Модерната технологија ги модернизираше и политичките партии во Северна Македонија, па старите лепачи на плакати станаа дигитални лепачи на плакати. „Лепат“ на Фејсбук, на Инстаграм, во коментари, во постови, лајкуваат, фалат и кудат, колнат и пцујат... Некои под вистинско име, но повеќето со лажни профили, за да не се препознае дали се од овој или од оној табор, туку да изгледаат како да се обични граѓани со „реални“ граѓански критики и фалби. Многумина им „наседнуваат“ и ги споделуваат нивните објави, но има и такви кои веќе „ги научија“ кои се, па ги заобиколуваат или ги означуваат: „Партиските тролови и ботови се во акција“.
Тим на Радио Слободна Европа (РСЕ) ги следеше објавите од најголемите партии и нивните челници во последните неколку недели. Евидентиравме дека речиси на секоја од тие објави редовно коментираат 30-ина исти профили, со речиси идентични коментари. Тие профили се јавуваат со коментари и кај нивната партија и кај опонентот, а во исто време партиската објава ја споделиле или идентично ја препишале на својот профил или во неколку групи како сопствен став. Додека едни го прават тоа со прикривање на партиските бои, други одат во крајност: „Ура за нашиот, бесилка за вашиот“
Таквите профили стручната фела ги именуваше како тролови или живи ботови. По команда од партијата или по лично политичко убедување тие брзаат да напишат пофалба на секоја објава од лидерот или од партијата или да критикуваат под секој пост на политичкиот противник. Според признанија на неколкумина политичари, партиите имаат цели оддели за ваква пропаганда и мала армија „фејсбук војници“.
Тролови и живи ботови: Значење, задача и организирање
Интернетски бот, интернет-бот, веб-робот или само бот е скратен назив за софтверски робот, односно интелигентен софтверски агент.
Иако погрешно, кај нас ботови ги нарекуваат „дежурните навивачи“ или „редовните критичари“ на некоја, во случајотв, политичка опција на социјалните мрежи, главно на Фејсбук и Твитер. Всушност, тоа се тролови. Некои ги нарекуваат и „живи ботови“.
На интернет постојат неколку дефиниции за трол. Тие во основа се исти. Трол е сленг термин за лице што објавува инфламаторни, навредливи и лажни содржини на интернет (социјални мрежи, блогови, чет-соби...) или во реалниот живот, во јавниот простор.
Терминот датира од 1610 година, со поекло од скандинавскиот фолклор, каде означувал суштество кое бавно размислува и чија задача е да отежнува нечиј живот. Тоа „отежнување на нечиј живот“ важи и денес, а онлајн тролањето постои колку што постои Интернетот.
За разлика од (ро)ботот, тролот е вистинска личност која времето на интернет го поминува во објавување на пораки или коментари кои создаваат поделби или се нерелевантни, за да вознемируваат или да разлутуваат други луѓе.
Целта и намерите на тролот се да испровоцира емоции на омраза и/или страв, како и да манипулира со перцепцијата на другите. Целта на тролањето е да се нарушат онлајн активностите на ривалот или намерно да предизвикуваат конфузија или штета на другите корисници на интернет.
Тролот не мора да биде дел од организирана пропагандна структура. Сепак, ефектите од дејствувањето на тролот ги користат организираните структури кои спроведуваат пропаганда на интернет и во јавниот простор. Во секој случај, троловите често се дел од групи на истомисленици, најчесто поврзани со политички партии. Во одредени случаи се дел и од организирани групи што функционираат според корпоративни принципи (т.н. трол-фабрики).
За троловите речиси секогаш се врзуваат и популарни хаштагови кои во себе содржат „теми кои се во тренд“, кои овозможуваат лесно да бидат најдени, видени, споделени... Се верува дека партиските живи ботови и тролови, заедно со разузнавачки групи, политички партии, разни моќни структури... се најчестите креатори на лажни вести и дезинформации.
Како се организираат македонските тролови?
Порано тие активисти настапувале самостојно, но сега откако интернетот и социјалните платформи станале место за политичка борба, партиите се организирале, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), универзитетскиот професор д-р Сеад Џигал.
„Идентификувавме еден феномен едни исти информации да се објавуваат на повеќе веб страници. Има оформување на медиумски групи или кластери каде тие го зголемуваат своето влијание на интернетот со тоа што мултиплицираат, односно окупираат иста содржина на повеќе интернет сајтови и го зголемуваат нивното присуство во онлјан сферата, а потоа го трансферираат во социјалните мрежи, на Фесјбук, во фејсбук групи, фејсбук страници, а сега и на ТикТок за да допрат и до младите. Стануваат се повешти партиски центри кои што знаат како и каде да пласираат за да стасаат до одредени демографски групи“, објаснува професорот Џигал.
Интернет кампањата на партиите е сосема законско нешто, вели комуникологот и експерт за социјални медиуми, Бојан Кордалов, но дека е сериозен проблем т.н. црна кампања, односно злоупотребата на тролови и ботови, за која сведочат и низа скандали со такви интернет акции да се промени демократкста волја на граѓаните и при гласања и при носење геостратешки одлуки.
„Дигиталните медиуми треба да ја збогатуваат демократијата, да се место каде граѓаните ќе се борат за повеќе права и поголема демократија, а со користењето на тие ботови и тролови се суспендира демократијата и се врши влијание на граѓаните, односно имаме обратен процес, односно се узурпира нивната слободна волја во демократските процеси“, вели Кордалов.
Колку троловите влијаат на граѓаните?
Според стручната фела, овие интернет агитатори со своите објави и коментари можат потенцијално многу да влијаат на граѓаните и на нивното мислење.
Проф. Џигал вели дека сме сведоци на тоа дека граѓаните се подложни на партиски и политички дезинформации, на лажни вести или на пропаганда и тие активисти го знаат тоа и се свесни дека можат да влијаат.
„Проблемот е во тоа што луѓето се затвораат во еден информациски меур, се поврзуваат со луѓе кои имаат слични ставови како нас и некритички ги прифаќаме. Ако некој наш роднина, пријател или колега сподели нешто во што веруваме, ние тоа критички не го преиспитуваме. Значи, намален е не само едукативниот спетен на граѓанинот туку и вниманието, свесноста колку лесно можат да бидат дезинформирани. Значи влијанието и опасностите се многу големи“, заклучува Џигал.
И комуникологот Бојан Кордалов се сложува дека троловите и ботовите можат да влијаат многу врз неопределените и неупатените, но поважно според него е тоа зошто државата и општеството не преземаат акција.
„Зошто не вложуваат во критичко и креативно размислување уште од најмали нозе кај децата? Најдобрата одбрана да не може да пројде една дезинформација, да не може да пројде една дезинформација од ботови и тролови е да имате изградено критичко размислување, бидејќи интернетот во исто време ви дава и негативни работи како овие, но во исто врме ви дава и можност со еден клик да ја проверите секоја информација и да ја најдете точната информација, да ја верификувате сами“, вели Кордалов.
Тој додава дека троловите и ботовите ќе влијаат се додека државата, социјални медиуми, регулацијата не создадат одбрана од ваквите напади.
Во војна со ботовите
Политички независни граѓани, твитерџии и фејсбукчии не ретко отораат фронтови со троловите и ботовите, се обидуваат да ги разобличат, на сите да им покажат „кој е кој“. Една таква интернет војна отвори и Игор Трајковски, сопственикот на најголемиот агрегатор на вести во државата.
„Фала на сите овие, што придонесовте да детектираме вакво ботовско однесување, никогаш повеќе да не се прикаже”, напиша Трајковски, откако во рубриката на неговиот агрегатор на вести, каде до неодамна се објавуваа најчитаните постови на Твитер, беа прикажани слични објави на, како што вели тој, ботовите на СДСМ и неговиот поранешен лидер Зоран Заев. Со коментарот, Трајковски објави и твит со, како што тој вели, листа на ботови.
Признанија дека партии имаат трол-фабрики
Поранешниот директор на Државниот архив и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, во изјави за неколку медиуми, изјави дека партиите ги користат своите членови на социјалните мрежи ефикасно и бескрупулозно. Според него, се работи за добро разработени системи за пласирање на главно невистини или партиски аксиоми, а во кои поединецот е само штраф.
Петровски признава дека во време на Шарената револуција и објавувањето на „бомбите на Заев“, го има смислено „Фејсбук Репортер“, кој ги собира сите тези кои одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. Ова, според него, всушност било основа за создавање на „Дувло“, кое го направил како одговор на нападите од Шарената револуција, и како што вели, „да им се парира на нападите финансирани од Сорос“. Тој објаснува дека откако поранешниот премиер Никола Груевски загризал за неговиот изум, се создало т.н. „Дувло“, односно неколку „дувла“.
„Кратко кажано на партиските ботови им се сервираше што треба да одработуваат и обработуваат, кога веќе не беа во можност сами да изнесат автентичен политички и идеолошки став… Жално“, рече Петровски во изјави за неколку македонски медиуми.
И поранешниот министер на ВМРО-ДПМНЕ за здравство и за образование, Никола Тодоров, во едно телевизиско интервју, откри дека партијата создала и сé уште активно работи на онлајн „трол фарми”. Тој во интервјуто вели дека партијата има систем за поттикнување на членовите онлајн да искажуваат сериозни закани и да користат говор на омраза. Вели дека тоа функционира долго време, а како пример наведува „онлајн хајка против него“.
„Даваат насока - расчеречете го Никола Тодоров на социјалните мрежи. И знаете како тоа после функционира? Има 20-ина луѓе кои седат пред компјутер, имаат по 1- или 15 лажни профили, и со секој од нив почнуваат со закани, навреди, измислици... А позади се лажни профили. Така се креира перцепција дека се работи за огромен број луѓе, 200, 300, 400 луѓе кои имаат ист став, мислат на еден начин“, вели Тодоров во интервјуто.
На слични троловски дејствија јавно, на социјалните мрежи, предупредуваа и политичари од спротивниот табор, кај владејачкиот СДСМ.
По обвинувањата од опозицијата дека Владата и Министерството за одбрана за трол (бот) имаат „угледен универзитетски професор кој за своето дејствување на социјалните мрежи бил платен од народни пари“, се огласи и професорот.
Во изјава за Призма, универзитетскиот професор Темелко Ристовски, потврди дека „напишал 10 објави на Фејсбук и 20 агитациски текстови за 'Можеме'“.
И некогашната висока функционерска на владејачкиот СДСМ, Софија Куновска, тврдеше дека открива ботови кои, според неа, работат за социјалдемократите и во неколку наврати со постови и твитови коментираше на таа тема.
„Ова се странските ботови платени со наши пари кои ги ретвитаат твитовите на Костадин Костадинов (поранешен портпарол на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица н.з.). Вие сте срам за СДСМ. За ова ли сте платени? Забрчанец ова ли го одработува за државна плата? Вака ли го уредувате нашето општество? Ова е ВМРО-ДПМНЕ пуштено на најсилно. Многу е интересно да видиме каква ќе биде реакцијата на независните медиуми“, напиша Куновска на фејсбук.
Повеќемина политичари во последните неколку години алармираа дека се загрозени или се шират клевети за нив од страна на партиски тролови и ботови. Поголемиот дел од нив и објавуваа принт-скринови од тие објави на социјалните мрежи, но брзо ги повлекуваа со образложение дека морале да го сторат тоа, бидејќи тоа е можен доказен материјал во евентуална истрага по пријава за интернет криминал.
Како да се биде имун на онлајн партискиот активизам?
Според универзитетскиот професор Сеад Џигал, единствен преознатлив начин од научен и едукативен аспект, за заштита од тие онлајн партиски дигитални лепачи на плакати е зголемувањето на медиумската и дигиталната писменост на граѓаните.
„Со тоа граѓаните ќе можат да препознаваат политичка или партиска пропаганда и да ја идентификуваат, а потоа и да се справуваат со неа, со тоа што нема да подлегнат на неа. Значи некоја дезинформација или некоја пропагандна порака што ќе ја најдат на онлајн медиумите - да ја проверат, да видат дали таа објава е потпишана, дали има валидни извори во неа, дали е застапена втора, трета, четврта страна. Тоа е единствен пристап“, вели д-р Џигал.
Тој додава дека притисокот од политичките партии е се поголем, бидејќи на интернетот тие наоѓаат погодна сфера да пласираат нешто како што им одговара.
„Некогаш да наметнат тема, некогаш да дефокусираат... Единствен препорачлив начин е подобрување на медиумската и политичката писменост на граѓаните“, додава Џигал.
Балканот и пошироко
Зборовите „ботови и тролови“ во балкански рамки се почесто се користат за практиките што на меѓународно ниво најчесто се нарекува „армија“ или „фабрика“ за тролови – злонамерни корисници на социјални мрежи кои делуваат координарано, за што најпознат пример е фирмата Агенција за истражување на интернет (Internet Research Agency) од Санкт Петерсбург, обвинета за обиди за политичко влијание за сметка на Кремљ.
Тие на интернет се наречени „чорапките на Путин“.
Зборот „ботови“ во регионот се има одомаќинето поради прекарот на „интернет тимот“ на Српската напредна странка (СНС) кои се нарекувани „СНС ботови“.