Достапни линкови

Справувањето со ковид-19 не е приоритет во предизборието


Зголемување на платите и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, да се задржат лекарите во земјава, и подобрување на здравствените услуги за пациентите, како и нов клинички центар се дел од изборните ветувања на политичарите и годинава како и на претходните изборни циклуси.

„Коронавирусот нема да замине, мора да се научиме да живееме со него се додека не создадеме колективен имунитет преку вакцината која не се очекува пред 2021 година. Треба да се навикнеме на новото нормално во користење на индивидулните мерки за заштита“.

Овие реченици политичарите секојневно ги кажуваат истакнувајќи дека здравствената криза нема да заврши набрзо, но ако ги прочитате детално нивните предизборни програми, во дел од нив овој проблем не е во приоритетите.

Поранешниот министер за здравство доктор Ѓорѓи Оровчанец вели дека изминативе месеци состојбата налага да се преземаат ад хог решенија, затоа што се соочуваме со непознат вирус.

„Реално во следниот период е потребна заштита за зравствените работници и лек до тогаш, се надеваме дека ќе се најде и вакцина,потребно е спроведување на мерките“ вели тој.

Што ветуваат партиите

Според владејачката СДСМ здравствениот систем е подготвен за евентуален следен бран од коронавирусот. Во нејзината програма е наведено дека во наредниот период ќе се инвестира 33 милиони евра во одделенија за интезивна нега, и времето на одговор за брза помош ќе се намали на 10 минути во градски и 20 минути во рурални средини. СДСМ повторно ветува нов клинички центар, како и тоа дека Охрид Тетово и Струмица ќе добијат модерни регионални здравстевни центри, работи што речиси на сите предвремени избори најголемите политички партии ги ветуваат.

Претседателот на здружението на приватните лекари, докторка Лилија Дарвишова Чолакова, вели која партија и да дојде на власт не смее да го прекине континуиетот во проекти кои се однесуваат на потребите на граѓаните, и дека треба да ја научат клучната лекција.

„Огромен број на политичари до сега не ја научија лекцијата, дека тоа што ќе го ветат пред избори , по нив треба да го исполнат ветувањето.Кон здравствените работници последната влада вети 90 денари бод, не го реализира тоа, вети пациенти на ФЗО не го реализира, вети закон за лекарска дејност не го реализира, претходните исто така ветуваа,“ вели Чолакова.

Власта во програмата наведува дека успеала да го стави ковид-19 под контрола и да го заштити здравствениот систем и работниците од италијанското сценарио.

„Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за новиот бран на есен и ќе го дочекаме поподготвени да го заштитиме здравјето на граѓаните. Во следниот период со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати за врвна здравствена заштита. Оваа влада покажа што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навремено се делува во случај на криза“ се вели во програмата

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на последната телевизиска дебата со неговиот опонент од ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека со министерот за здравство Венко Филипче започнале инцијатива за зголемување на платите на здравствените работници за месец јуни за десет проценти и дека ќе предложи претседателот Стево Пендаровски да им додели ордени за храброст на сите кои биле во првите редови во битката против ковид 19.

„Сите лекари, сите медицински сестри се нашите храбри јунаци, кои 24 часа посветено работат на секој пациент. Мене ми е драго што успеваат да извадат луѓе од респиратори, што имаме двојно повеќе капацитети, да нема чекање пред болници, направен е добар план за ротација на медицинските сестри и лекарите, за да може да ги одмараме тие луѓе, но на крајот на денот треба да сфатиме дека од вниманието на сите нас, граѓаните, почитувањето на рестриктивните мерки, најмногу може да им помогнеме“, изјави Заев во телевизиско соочување на МТВ.

Мицкоски, пак, реплицираше дека поради лошото менаџирање со кризата, земјава е рекордер по бројот на заразени и починати од Ковид-19.

„Во мај прогласивме победа врз пандемијата, а сега имаме рекордни бројки на заразени и починати. ВМРО-ДПМНЕ предлагаше мерки уште од 26 февруари, предлагаше сет на мерки во делот на здравствената заштита, како и сет на мерки коишто ќе ги опфатат и економијата и бизнисот и реалниот сектор. Ниту еден предлог на министерот Наќе Чулев не беше сослушан, а камо ли прифатен, ниту се отворила дискусија за предложените мерки од страна на опозицијата“, рече Мицкоски.

Во изборната програма на опозицијата здравствената криза се спомнува само во контекст на справување со економските последици. Во делот на тоа што треба да се направи во наредната година, нема детали кои се однесуваат на пандемијата, но се ветува поголема плата за медицинскиот персонал, намалување на административни обврски за матичните лекари и зголемена капитација, дежурни матични лекари, електронско медицинско досие (слично на елекстронската здравствена картица која се воведуваше и остана како нереализиран проект во 2011 година) потоа нулта корупција во здравството, лекарите и медицинските работници ќе добијат 20% повисоки плати, а специјализантите ќе имаат гарантирана плата и платени дежурства, како и Национална стратегија за млади лекари.

Албанските партии немаат објавено политичка програма на македонски јазик на нивните официјални интернет страни. Во програмата на ДУИ на албански јазик ковид-19 се спомнува во контекст на економски мерки за справување со економските последици од пандемијата, додека здравствената криза е во втората половина од програмата и секторот здравство е на 140 страница. ДУИ која е на власт речиси 18 години ветува дека ќе го подобри организациониот систем во здравството и дека ќе воведе мерка именува како „Доктор 24 часа - поблиску до граѓаните“, потоа мерки за секундарното здравство и за стоматологијата.

На пример во програмата на ДПА е наведено дека сметаат оти клучно во здравството е реформа и подобрување на здравствените услуги за Албанците во Северна Македонија. Зборот коронавирус или пак ковид 19 ниту еднаш не е спомнат.

Во програмата на Алијансата за Албанците која е составена од 40 тина точки, на секторот здравство се посветени две реченици. Првата е дека Алијансата е посветена на стандардизирана здравствена грижа и дека се посветени на социјална политика која ќе посвети внимание на семејството и здравствените потреби.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG