Достапни линкови

Ковачевски ќе има многу работа ако успее да го одржи мнозинството


Новиот владин состав.
Новиот владин состав.

Економската, енергетската криза, пандемијата и спорот со Бугарија се теми со кои новата влада треба да се зафати веднаш. Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека, главниот предизвик за премиерот е да ја одржи владејачката коалиција, оти без тоа ништо нема да направи.

Енергетската криза, пандемијата, инфлацијата и спорот со Бугарија се темите со кои новата владата треба да се зафати уште веднаш. На подолг рок ќе треба да се занимава со вечните теми – криминал и корупција, реформи во судство, невработеност, економски стандард...

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека првите 100 дена ќе бидат сериозен индикатор за тоа на каде оти новиот владин состав. Од друга страна, политикологот Петар Арсовски вели дека главен предизвик на новиот премиер ќе биде да ја задржи владејачката коалиција „на куп“. Без тоа не може ни да размислува да направи нешто.

Пет поенти за приоритетите на новата влада
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Новиот премиер, Димитар Ковачевски, изгласан на функцијата доцна на 16 јануари, во говорот пред пратениците во Собранието рече дека ја прифатиле пораката од граѓаните дека мора подобро и побрзо да креираат решенија и да испорачаат резултати во сите области. Во следните две години, рече Ковачевски, колку што има до редовните парламентарните избори, владата ќе биде посветена на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеноста.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека Ковачевски има предизвици со кои треба да се соочи веднаш и други со кои ќе треба да се справува на подолг рок. Првите 100 дена ќе бидат сериозен индикатор во кој правец ќе се движи владата, вели тој.

„Веднаш се проблемите на борбата против коронавирусот и пандемијата, енергетската криза и секако прашањето со Бугарија и тие ќе се чувствуваат многу брзо и на тие полиња треба да реагира веднаш. Дури и некои мерки кои ги најави во својот говор, како зголемување на пензиите, понатамошниот раст на минималната плата, а со тоа и на просечната плата, верувам дека се во рамки на амортизирање на ефектите на инфлацијата, која е и глобален проблем“, вели Муслиу.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели првиот предизвик во политичка смисла за новиот премиер е да ја задржи коалицијата „на куп“ и да го направи стабилно владиното мнозинство на еден среден рок.

„Тоа се разбира ќе зависи од успехот на преговорите со Бугарија, дали нешто ќе се случи до јуни или не. И од тоа колку, условно речено ќе ги пофаќа конците новиот премиер во подобрувањето на ефикасноста на испораката на сервисите на државата кон граѓаните. Ако во тие две работи се покаже некаков позитивен напредок во првиот период ќе може да се стабилизира мнозинството. Доколку не се покаже напредок во кус рок, да речеме до јули, ќе има притисок за дестабилизација на мнозинството“, вели Арсовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта нема легитимитет и бара предвремени парламентарни избори. СДСМ вели дека имаат стабилно парламентарно мнозинство кое го црпи легитимитетот од парламентарните избори во 2020 година. За изборот на нова Влада синоќа гласаа 62 пратеници „за“, 46 беа против, немаше воздржани. Собранието има 120 пратеници. Од претходната влада си замина партијата Беса, а на нејзиното место дојде Алтернатива.

Енергетска криза

Од први јануари поскапе струјата за речиси 10 проценти и се укина евтината дневна тарифа, граѓаните во Скопје ќе плаќаат повисоки цени на парното за речиси 15 отсто, освен тоа снабдувачот со топлинска енергија БЕГ поради високите цени на гасот побара владата да го преземе претпријатието и да менаџира со него до завршувањето на кризата. Најголемиот производител на струја во државата РЕК Битола работи со два од трите блока, а Комбинатот нема доволно јаглен, па увезува од странство.

Поскапите енергенси, стопанството погодено од последиците од коронавирусот предизвикаа и зголемена инфлација и повисоки цени на храната. Претходната влада на почетокот на декември минатата година ги замрзна цените на основните прехранбени производи. Мерката ќе важи до крајот на месецов.

На клучните економски сектори остануваат истите министри. Но, како што вели Арсовски, сега премиерот е сменет.

„Премиерот е тој кој ја диктира економската политика и спроведувањето на економската политика, така што ако премиерот наметне некое ново темпо, министрите ќе го следат“, вели Арсовски.

Пандемија на коронавирус

Заклучно со податоците од 16 јануари, во земјава има над 16 илјади активни случаи на заразени со ковид-19. Во последните недели дневните бројки на новозаразени се зголемени и повторно се четирицифрени, но според здравствените власти нема притисок во болниците, односно има прегледи во амбулантите, но не и многу хоспитализации.
Ковачевски неколку дена пред да стане премиер ги повика граѓаните да се вакцинираат, но напомена дека тој не е за решенија со притисок бидејќи смета дека треба да се почитува и јавното мислење.

Спорот со Бугарија

Првата средба со странски државник на новиот премиер ќе му биде со, исто така, новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18 јануари доаѓа во посета на Скопје.

Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека земјата ја очекува ново предавство од власта во преговорите со Бугарија. Македонските евроинтеграции се блокирани повеќе од една година од страна на Бугарија поради историски прашања.

„Ќе треба да почекаме да видиме како ќе заврши состанокот со бугарскиот премиер Кирил Петков и тука веќе ќе ги имаме првите сигнали во кој правец ќе се движи владата. Од друга страна, борбата против корупцијата и реформите во судството беа едни од сериозните пораки кои ги доби минатата влада и верувам дека тука ќе треба да покажат храброст и одлучност“, вели Муслиу.

Инаку, земјата е кандидат за членство за ЕУ од 2005 година. Преговорите не се почнати најпрвин поради блокадата од Грција која се надмина со Преспанскиот договор во 2017, а потоа и со блокадата од Бугарија поради историски прашања.

Правна држава и борба со корупција

(Не)Зависноста на судството, концентрацијата на моќ, политичкото мешање и корупција се клучните проблеми кои никако да се надминат во изминативе осум години покажува извештајот на Европскиот ревизорски суд за тоа колкаво влијание има европската финансиска и политичка поддршка во спроведувањето на основните реформи за владеење на правото во Западен Балкан. Македонија делумно ја дели одговорноста со петте земји од регионот каде што корупцијата и натаму останува причина за загриженост на европските власти, стои во извештајот.

Правдата која ја ветуваа СДСМ кога дојдоа на власт пред повеќе од 4,5 години за многумина уште не е задоволена, оти за многу од високопрофилните личности, за кои се зборуваше во таканаречените „бомби“ сè уште се водат судски предмети, а поранешниот премиер, Никола Груевски, кој е обвинет во неколку случаи, избега од земјата и е во азил во Унгарија.

Зад решетки е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, осудените за настаните од 27 април 2017, има неправосилна пресуда за прислушувањето, за кое е осуден и некогашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, но тој беше пуштен од притвор откако понуди гаранција од 11 милиони евра. Во затвор за злоупотреба на службената должност и примање поткуп е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која беше избрана за да се справи со корупцијата и криминалот кои произлегоа од прислушуваните разговори.

За нов вицепремиер за борба против корупцијата е избрана Славица Грковска. Функцијата ја измисли СДСМ и на тоа место досега беше Љупчо Николовски, кој сега се враќа во Министерството за земјоделство.

Ковачевски е осмиот премиер во независна Македонија

Димитар Ковачевски е осмиот премиер во независна Македонија. Тој доаѓа на местото на Зоран Заев, кој поднесе оставка, и на премиерската и на лидерската функција во СДСМ, по поразот на локалните избори есеноска. Ковачевски беше избран за нов лидер на СДСМ на 12 декември, а по оставката на Заев на премиерската функција, претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање нова влада пред крајот на минатата година. Заев формираше влада по парламентарните избори во 2020 година, но не го доврши мандатот и се повлече после поразот на локалните избори. Мандатот на овој парламентарен состав е до 2024 година. Ковачевски досега беше заменик министер за финансии. Тој е доктор на економски науки и беше професор на Американ колеџ во Скопје.

Владата има 21 член, еден повеќе од претходниот состав. Во кабинетот има 11 членови од СДСМ, шест од ДУИ, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП. Новото министерско место, министер без ресор, и припадна на Алтернатива.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG