Достапни линкови

Како против климатските промени со зголемена употреба на фосилни горива?


Илустрација - централта на јаглен РЕК Битола. Во Македонија е зголемена употребата на фосилни горива во однос на изминатите две години.
Илустрација - централта на јаглен РЕК Битола. Во Македонија е зголемена употребата на фосилни горива во однос на изминатите две години.

Употребата на фосилните горива оваа година е зголемена за двојно повеќе во однос на минатата, со што се отвора прашањето како властите ќе се борат против климатските промени. Според Владата, покачувањето е поради зголемување на производството на некои компании споредено со 2017 и 2018 година.

Само потрошувачката на горивото петрол кокс, кое се употребува во индустријата за железо и челик, како и во индустријата за градежен материјал, цемент, глина, керамика и слично, оваа година е скоро двојно зголемена во однос на минатата 2019 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2018 година во Македонија биле потрошени над 36.000 тони петрол кокс, додека во 2019 година биле употребени над 57.000 тони.

Но, од граѓансакта организација „О2 Иницијатива“ алармираат дека до октромври оваа година во земјава биле употребени над 103.000 тони петрол кокс, што претставува зголемување за 81 отсто во однос на претходната 2019 година.

„За цели 46.140 тони повеќе од лани, а податоците уште не ги земаат предвид последните два месеци од годината. Од 2018 година потрошувачката е зголемена за огромни 66.993 тони“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

Во однос на ваквите податоци, побаравме одговор од Владата како земјата ќе се бори против климатските промени доколку ја зголемува употребата на фосилни горива, но и како во ваква ситуација планира да ја спроведува Зелената агенда, со која се обврза дека ќе спроведе исти мерки против загадувањето и климатските промени како земјите членки во ЕУ.

Од Владата велат дека потрошувачката на фосилните горива во индустријата е на ниво од последните неколку години, а дека покачувањето се должи на тоа што одредени компании го зголемиле производството споредено со 2017 и 2018 година „кога или не работеле или работеле со помал интензитет.“

Од институцијата велат дека прават напори за намалување на националните емисии, согласно климатскиот Договор од Париз, преку кој земјите треба да ги постигнат глобалните цели за лимитирање на зголемувањето на температурата под 2 степени целзиусови до крајот на векот.

Предложените Национални придонеси за климата (NDC) се доставени до Владата каде ќе има постапка на разгледување и усвојување, велат од Владата.

„Ревидираниот NDC го повторува Зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергијата до 2040 година, која за прв пат воведе димензија на декарбонизација, усвоена во јануари 2020“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека зеленото сценарио е целосно усогласено со нацрт Националниот план за енергија и клима и дека е во согласност со долгорочните цели до 2040 година.

Тие цели се намалување на емисиите на стакленички гасови за 61,5 отсто во однос на 2005 година, потоа намалување на примарна енергија за 51,8 отсто во однос на на вообичаеното сценарио, како и намалување на финалната енергија за 27,5 отсто, велат од Владата.

Планот на Владата е 45 отсто од бруто потрошувачката на финалната енергија да биде од обновливи извори.

„Потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови во 2030 година во однос на 1990 година изнесува 51%, или изразено преку нето емисии-82%. Со ваквиот пристап директно се дава и придонес кон компонентата за декарбонизација и инвестициската рамка од Зелената агенда за Западниот Балкан“, велат од Владата.

Македонија во номеври оваа година ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврза да спровува исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите членки на Европската унија.

Но, од „О2 Иницијатива“ велат дека како земјата „очигледно“ ја нема започнато борбатаа со климатските промени. Според организацијата, не само што не се намалува потрошувачката на фосилните горива, таа се зголемува значително од 2018 година навака.

„Тоа значи дека и проблемот со аерозагадувањето не го решаваме, но и дека сме потполно игнорантни кон климатските промени. Крајно неприфатливо и неодговорно“, велат од „О2 Иницијатива.“

Според претставниците на организацијата, во услови на зголемена потрошувачка на фосилни горива, мора да запре ослободувањето од акциза на петрол коксот за цементарници, тулани и други процеси.

Освен на петрол коксот, расте и потрошувачката на битуменозните јаглени, односно лигнити, кои се покалорични и содржат големи колични на сулфур.

Податоците на Државниот завод за статистика пкажуваат дека индустријата за градежен материјал и керамика употребила над 82.000 тони камен јаглен во 2019 година, исто како и протходната 2018 година, што е значително повќе во однос на 2017г. кога биле потрошени над 26.000 тони.

Над 121.000 тони суб-битуминозен јаглен потрошила индустријата за железо и челик во 2019 година, според државните статистички податоци, што е значително повеќе во однос на претходните две, кога оваа индустрија потрошила над 74.000 тони во 2018 година и над 58.000 тони во 2017 година.

Инаку, Декларацијата за зелена агенда за Запден Балкан се заснова на пет столбови: првиот е клима, енергија и мобилност, вториот е циркуларна економија, потоа следуваат деполуција, одржливо земјоделство и производство на храна и последниот столб е заштита на биодиверзитетот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG