Достапни линкови

Кина ги користи инвестициите за да купува политичко влијание во Европа


Билборд со кинескиот претседател Си Џинпингин во Белград, 30 март 2021 година
Билборд со кинескиот претседател Си Џинпингин во Белград, 30 март 2021 година

Индексот за кинеската економска моќ, прва сеопфатна проценка на економското влијание на Кина во Централна и Источна Европа, покажува дека Пекинг тежнее и кон политичко влијание. Од Рид Стендиш

Студијата, објавена од бугарскиот Центар за проучување на демократијата на 9 септември-вели дека растечкиот економски отпечаток на Пекинг во Централна и Источна Европа во последната деценија се совпадна со падот на стандардите за управување и предизвикува загриженост за животната средина и зголемувањето на нивото на долгот во регионот.

Извештајот е прва широка студија за проширувањето на кинеското присуство во Централна и Источна Европа, откако Пекинг стана најголемиот трговски партнер во регионот.

Ја изгуби ли ЕУ битката со Кина и Русија за Балканот?

Влијанието на Кина од 2009 година беше овозможено со прилив на околу 14 милијарди долари во грантови, заеми и економски концесии и на околу 50 милијарди долари во инфраструктурни, енергетски и телекомуникациски проекти кои или се во тек или чекаат имплементација.

Истражувањето исто така покажува дека колку повеќе една земја е финансиски врзана за Кина, „толку е поголема веројатноста“ Кина да ги искористи проблемите со владеењето на правото за да го прошири „своето економско и политичко влијание “.

„Тоа е маѓепсан круг каде што авторитарните земји како Кина ги искористуваат правните дупки и корумпираните практики за да го прошират своето влијание на теренот“, вели за РСЕ Мартин Владимиров, еден од авторите на извештајот. „Податоците покажуваат многу силна корелација помеѓу протокот на кинески пари и опаѓачкиот квалитет на управување“, додава тој.

Оваа врска се мери преку индексот на кинеската економска моќ во институциите, кој има за цел да го покаже целиот обем на економското влијание на Кина.

Најголемиот дел од проширената моќ на Пекинг се фокусираше врз Чешка, Унгарија и Западен Балкан-првенствено Босна и Херцеговина и Србија.

Според наодите на извештајот, Босна и Херцеговина, Унгарија, Црна Гора и Србија доживеале најзабележителни падови во тие категории во врска со зголемените кинески инвестиции, при што компаниите поддржани од Пекинг добиле даночни ослободувања, способност да ги заобиколат локалните закони за работна сила и други форми на повластен третман.

Тагесшпигел: Пропаганден удар на Србија и Кина пред вратата на ЕУ

Студијата додава дека особено на Западен Балкан, „локалните компании со блиски врски со владите во регионот лобираа директно за спроведување на кинески проекти“, при што многу од овие локални бизниси имаат силен комерцијален интерес да дејствуваат како мост помеѓу Кина и националните влади“.

„Сите овие активности се технички легални. Но, севкупниот ефект е дека владините институции веќе не ги регулираат кинеските компании и овие институции престануваат да му служат на јавниот интерес и наместо тоа им помагаат на приватните во форма на политички поврзани конгломерати или локални олигарси“, се наведува во извештајот.

„Многу ефикасна задна врата“

Присуството на Кина во Централна и Источна Европа е големо, особено на Балканот, каде што Пекинг инвестираше милијарди во последните години и предизвика загриженост во западните политички кругови за финансиската зависноста на регионот од Кина.

Србија, каде што Белград функционира како економски и политички центар за Пекинг да се шири низ Западен Балкан, е забележителен пример за ова. Имено, според извештајот, Србија работи како витрина за разни кинески иницијативи - од телекомуникациски и надзорни технологии до јавното здравје среде пандемијата на коронавирусот - што можат да ги усвојат соседните земји.

Како Кина стана изборна тема во Унгарија

Но, многу кинески проекти ширум регионот неодамна беа ставени во центарот на вниманието поради контроверзиите околу нетранспарентните договори и обвинувањата за корупција за време на тендерскиот процес.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со кинескиот претседател Си Џинпинг на форумот за иницијатива Појас и пат во 2019 година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со кинескиот претседател Си Џинпинг на форумот за иницијатива Појас и пат во 2019 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со протести и политички притисоци од градоначалникот на Будимпешта, откако беше откриено дека неговата влада планира да земе заем од 1,5 милијарди долари од кинеска банка за изградба на локален кампус за Шангајскиот универзитетот Фудан.

Долго одложуваниот проект за автопат во Црна Гора вреден милијарда долари, исто така, беше во центарот на дебатата за кинеското влијание во Европа, откако малата балканска нација откри дека нема да може да го плати својот долг кон кинеската Експорт-импорт банка. Покрај тоа што беше одложен, автопатот се соочи со критики поради зголемените трошоци.

Долгот на Црна Гора кон Кина и кредибилитетот на ЕУ на Балканот

На крајот, Подгорица доби помош од повеќе американски и европски институции за да ги стабилизира финансиите и да ги исполни исплатите на заемот. „Централна и Источна Европа беа многу ефикасна задна врата за кинеските бизниси кон Европа и Европската унија. Тоа е дел од долгорочна стратегија“, смета Владимиров.

Загриженост за животната средина

Извештајот, исто така, открива дека економскиот раст на Кина доведе до зголемено користење на јагленот за производство на електрична енергија во Централна и Источна Европа, како и до намалување на еколошките стандарди за проекти низ целиот регион.

Изградба на дел од автопатот што го поврзува градот Бар на црногорскиот јадрански брег со соседна Србија
Изградба на дел од автопатот што го поврзува градот Бар на црногорскиот јадрански брег со соседна Србија

Покрај загриженоста за долгот, контроверзниот автопат во Црна Гора, исто така, беше во центарот на вниманието на активистите поради еколошката штета што изградбата ѝ ја донесе на реката Тара, заштитена од УНЕСКО.

Слично на тоа, еколошката штета предизвикана од рудникот за бакар во сопственост на Кина во близина на српскиот град Бор, доведе до протести поради загадувањето, принудувајќи ја компанијата привремено да го прекине работењето.

Борел: ЕУ мора да го задржи Западен Балкан на европскиот пат

Извештајот предупредува дека зголемените емисии на јаглерод и кинеските инвестиции можат да ги попречат аспирациите на земјите од Западен Балкан кои сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ.

Унијата обелодени амбициозни планови за постепено укинување на употребата на јагленот во текот на следната деценија, како и цели за намалување на емисиите на јаглерод за 2030 и 2050 година.

„Кина не се обидува да ги спречи земјите да влезат во ЕУ. Но, законите и политиките што се донесуваат за да се олеснат кинеските инвестиции, индиректно го поткопуваат пристапниот процес за многу земји“, се наведува во извештајот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG