Зголемување на каматите секогаш се одразува на бизнисите и може да влијае на економскиот раст, велат бизнисмените, откако Народната банка повторно ја зголеми основната каматна стапка како дел од мерките за справување со инфлацијата. Сепак, каматите сè уште се ниски, но загриженост предизвикува несигурноста за тоа колку ќе трае војната во Украина и какво ќе биде нејзиното понатамошно влијание врз цените и економската активност во светски рамки. Експертите посочуваат дека поскапувањето на парите е единствениот логичен чекор во услови на речиси двоцифрена инфлација.
Народната банка на Македонија минатата недела повторно ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, трет пат од почетокот на руската инвазија врз Украина и сега основните камати се 2 отсто. Во март годинава, каматите беа 1,25 отсто. Ова е чекор што треба да ги стимулира и комерцијалните банки да ги зголемат каматите – и за граѓаните и за фирмите. Треба да поскапат кредитите, но исто така да се зголемат и каматите на штедните влогови.
Во периодот јануари – мај годинава, просечната инфлација била 9,1 отсто, што е повисоко од очекуваното, а ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени, соопшти НБРМ.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски вели дека секогаш кога поскапуваат парите, фирмите помалку инвестираат во проширување и во опрема, но оти им се јасни чекорите на Народната банка. Сепак, овие камати не се драматични, вели тој.
„Имавме ние периоди во нашето работење, светската економска криза 2008-2009 година, кога каматните стапки кои во одреден временски период ги нудеа комерцијалните банки, а фирмите беа принудени да ги прифатат, одеа до 20-тина проценти, така што овие каматни стапки од 3, 4 или 5 отсто мислам дека се далеку од тоа сценарио што го имавме. Секое зголемување влијае, но не така драматично како што го имавме во тој временски период“, вели Ангелоски.
Поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески вели дека треба да се навикнеме декаерата на евтини пари заврши. Сите централни банки во светот го зголемуваат каматите поради инфлацијата.
„Таа мерка ќе влијае на поскапување на кредитите, а со тоа и на намалување на побарувачката на кредити. Тоа е и целта, со намалување на побарувачката да се влијае и на цените“, вели Трпески.
Сегашните основни каматни стапки се најниските во историјата на Македонија. Во 2002 година, каматите одеа до 15 отсто, во 2005 до 10 отсто, па потоа се намалуваа за во 2009 да се покачат на 9 отсто. Оттогаш речиси постојано се намалува за во март 2021 година да се спушти на рекордно ниското ниво од 1,25 отсто, за од март годинава повторно да почне да расте и сега е 2 отсто.
Народната банка соопшти дека внимателно ги следи трендовите и потенцијалните ризици и ќе продолжи „соодветно да реагира во насока на постепена нормализација на монетарната политика, користејќи ги сите расположливи инструменти, а со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност“.
Инфлацијата за годинава, во ребалансот на Буџетот, кој е во собраниска процедура е проектирана на 7,2 отсто. Народната банка на Македонија инфлацијата за годинава, пак, ја проектира на 8,8 проценти.
Растот на економијата во првото тримесечје годинава бил 2,4 отсто. Во ребалансот, растот за годинава се проектира на 3,2 отсто, што е намалување од првичните очекување од 4,8 отсто, пред избивањето на војната во Украина. НБРМ го проектира растот за годинава на 2,9 отсто.