Достапни линкови

Како руски ЛУКоил заработува милиони во Бугарија, а не плаќа данок


Илустрација - логото на ЛУКоил во Бугарија
Илустрација - логото на ЛУКоил во Бугарија

Рускиот енергетски гигант ЛУКоил се чини дека има просперитетен бизнис во Бугарија, генерирајќи милиони долари приходи. Но, компанијата плаќа малку данок, користејќи сметководствен трик. Бугарските политичари главно гледаат на друга страна. Генка Шикерова и Иван Бедров.

„Шампионот на нашата петрохемиска индустрија“. Така се пофали Тодор Живков, тогашниот комунистички лидер на Бугарија, кога првата рафинерија за нафта во земјата во Бургас на брегот на Црното Море започна да работи во 1963 година.

Речиси шест децении подоцна, планираната бугарска економија одамна ја нема, но таканаречениот шампион продолжува да ја рафинира нафтата во бензин и други деривати.

Тоа не е само најголемото енергетско претпријатие во Бугарија, туку и во целиот балкански регион. Еден клучен аспект, сепак, се промени: сопственоста.

Рафинеријата во Бургас веќе не е исклучиво во сопственост на бугарската држава. Рускиот енергетски гигант ЛУКоил сега е господар.

Бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков официјално ја отвора рафинеријата во Бургас во 1963 година.
Бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков официјално ја отвора рафинеријата во Бургас во 1963 година.

И според речиси сите мерила, LUKoil Neftochim Burgas, како што сега се нарекува компанијата, има огромен успех, генерирајќи некои од највисоките приходи во Бугарија, вкупно повеќе од 40 милијарди евра во изминатите 15 години.

Компанијата доминира на бугарскиот пазар, велат од Антимонополската комисија на земјата, при што речиси секое возило на патиштата во Бугарија работи на гориво од рафинеријата во Бургас.

Но, рафинеријата во сопственост на Русија редовно објавува загуби во Бугарија. Барем на хартија.

Најмалку од 2006 година, компанијата редовно известува за годишни финансиски загуби со неколку исклучоци. Во 2020 година, износот беше неверојатни 500 милиони лева (292 милионa долари).

Без декларирана добивка тоа значи дека нема даноци на доход уплатени во државната каса на Бугарија.

„Десет години без профит, кога сте џин на бугарскиот пазар...како е ова можно?“ неодамна праша Румен Спецов, шеф на Националната агенција за приходи.

Во последниве месеци, министерот за финансии и шефот на даночната агенција го кренаа својот глас, барајќи да се преземат мерки за затворање на очигледната голема даночна дупка за која експертите велат дека вклучува сметководствено лукавство познато како „трансферни цени“.

Како резултат на тоа, добивката се пренесува, на хартија, од Бугарија во Русија.


ЛУКоил доаѓа во Бугарија


Последното поглавје во историјата на рафинеријата Бургас датира од нејзината приватизација во 1999 година кога владата одобри продажба на 58 насто од капиталот на Neftochim Burgas.

Понудувачот беше ЛУКоил Петрол, подружница на рускиот енергетски конгломерат, а платената цена беше 101 милион долари. ЛУКоил, втората по големина руска енергетска компанија по Гаспром, управува и поседува нафтени и гасни полиња, како и рафинерии, тргувајќи во десетици земји.

Иван Костов, бугарскиот премиер во времето на приватизацијата, рече дека само руски компании изразиле интерес за купување на рафинеријата Бургас. Тоа не беше изненадување, бидејќи Бургас беше опремен со технологија од советската ера и зависел од нафта увезена од Русија.

Тогашниот бугарски премиер Иван Костов (десно) со претседателот на ЛУКоил, Вагит Алекперов (лево) и тогашниот руски амбасадор во Бугарија, Леонид Керестидјан, по потпишувањето на договорот за приватизација од Бургас во октомври 1999 година.
Тогашниот бугарски премиер Иван Костов (десно) со претседателот на ЛУКоил, Вагит Алекперов (лево) и тогашниот руски амбасадор во Бугарија, Леонид Керестидјан, по потпишувањето на договорот за приватизација од Бургас во октомври 1999 година.

Софија навистина се погрижи да го задржи таканаречениот златен удел во новоприватизираната фирма, гарантирајќи, во принцип, глас во сите стратешки одлуки.

Меѓутоа, повеќе од 20 години подоцна, се чини дека бугарската влада ретко или никогаш не го вмешала својот глас во некоја од одлуките донесени во Бугарија од ЛУКоил.

Руски „Газпром“ почна да ги полни европските резерви со гас

Со текот на годините, ЛУКоил ја зацврсти својата контрола врз Бургас, купувајќи повеќе акции, особено оние кои им беа доделени на вработените во времето на приватизацијата.

Денес главен акционер во LUKoil Neftochim Burgas е Литаско со 89,97 отсто и нафтената компанија ЛУКоил со 9,88 отсто. (Останатите 0,15 проценти се во сопственост на повеќе од 7.700 физички и правни лица.)

Литаско е регистриран во Швајцарија и е подружница на ЛУКоил, кој делува како негов ексклузивен купувач и продавач на меѓународниот пазар.


Нула данок?


Доминантна позиција на пазарот, висока побарувачка, робусни приходи. Сето тоа звучи како бајка за секој бизнис. А во сето тоа уживаат операциите на ЛУКоил во Бугарија.

Меѓутоа, рускиот енергетски концерн, како што покажуваат неговите сметководствени извештаи, работи со загуба во Бугарија. И тоа е загриженост за Софија, бидејќи тоа значи дека ЛУКоил не плаќа никаков корпоративен данок на доход кога е во минус.

Во 2011 година, Вањо Танов, во тоа време шеф на бугарската царинска агенција, се пожали дека рафинеријата има „нула данок“. Танов рече дека неговата агенција испитува дали ЛУКоил го вшмукува „швајцарско регистрирана подружница која стои на влезот и излезот од фабриката“, очигледно мислејќи на Литаско.

„Оваа компанија на крајот ја одредува и цената на суровата нафта и количината што се извезува. Веројатно е дека се акумулира профит во оваа фирма и на тој начин ЛУКоил изгледа како компанија со загуба“, рече тогаш Танов за бугарските медиуми.

Танов подоцна ги предводеше напорите за инсталирање метри на цевководи поврзани со рафинеријата во Бургас, во обид подобро да следи колку точно нафта доаѓа во рафинеријата.

Во тоа време, во 2011 година, Царинската агенција издаде, како што се сметаше, невидена изјава за „сомнежи дека во нашата земја владее олигархија“. „Вечерва тешка сенка на странски интереси падна над членка на Европската унија и НАТО“, се вели во соопштението на Царинската агенција.

„Единствената рафинерија со загуби на планетата“

Во текот на изминатите 15 години, рафинеријата Бургас пријавила добивка само за три години: 2007, 2016 и 2017 година. Сите други години во тој временски период Бургас пријавила загуба.

Во 2016 година, тогашниот претставник на ЛУКоил во Бугарија, Валентин Златев, беше повикан пред комисија во Националното собрание, за да одговори на загриженоста во врска со сомнителните финансиски резултати на фирмата.

„ЛУКоил Нефточим Бургас“ плати корпоративен данок во противвредност од 78 милиони евра, „но всушност работеше со загуба во последните три години (2013, 2014, 2015 година)“, истакна Златев.

„За жал, има моменти кога нафтата станува толку скапа што горивата што ги произведува од неа се поевтини од вистинската нафта“, рече Златев, за кого е познато дека бил во пријателски односи со многумина од политичката елита на Бугарија, вклучително и поранешниот претседател Георги Прванов и поранешниот премиер Бојко Борисов.

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов (лево), Валентин Златев (во средината) и Вагит Алекперов
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов (лево), Валентин Златев (во средината) и Вагит Алекперов

Во 2020 година, наводните финансиски проблеми на рафинеријата повторно беа дискутирани во парламентот. „ LUKoil Neftochim Burgas е единствената рафинерија на планетата што губи пари“, изјави тогаш на собранието Румен Гечев, пратеник од Бугарската социјалистичка партија.

Тогашниот министер за финансии Владислав Горанов изјави дека Националната агенција за приходи двапати регистрирала огромни негативни резултати од рафинеријата.

Отворен интерконектор за руски гас од Србија до Унгарија

Според бугарското законодавство, објасни Горанов, тие загуби може да се одбијат или да се распределат во текот на пет години.

Објаснувањето на Горанов наиде на скептицизам и сомнеж, особено меѓу членовите на тогашната опозициска коалиција Демократска Бугарија, која побара од агенцијата за приходи на земјата да ги ослободи ревизиите на LUKoil Neftochim Burgas. Судот нареди Националната агенција за приходи да ги ослободи тие ревизии. До денес агенцијата не успеа да се усогласи.

Како се прават загуби

Работењето на ЛУКоил во Бугарија не е експлицитно во спротивност или кршење на законодавството на земјата, велат експертите, и се чини дека зависат од прифатен сметководствен метод: трансферни цени.

Она што изгледа како финансиско лукавство, често се користи од компании кои го контролираат целиот производствен процес - од снабдувањето со суровини до финалниот производ и неговата продажба. И тоа совршено го опишува работењето на ЛУКоил во Бугарија.

„Во случајот со ЛУКоил, компанијата произведува сурова нафта, ја доставува до рафинеријата во Бургас, а потоа продава гориво“, изјави за Бугарскиот сервис на РСЕ, Мартин Владимиров, аналитичар на софискиот Центар за проучување на демократијата.

Христо Иванов, копретседавачот на Демократска Бугарија, во 2020 година сугерираше дека ЛУКоил можеби избегнал да плати противвредност од 500 милиони евра благодарение на трансферните цени.

Литаско е клучниот играч во трансакциите, објаснува Владимиров. Купува сурова нафта од руски ЛУКоил, а потоа ја продава на рафинеријата во Бургас. Зад овие три навидум посебни компании стои ЛУКоил.

Нафтогас доби 2,9 милијарди долари од Газпром

Постапувајќи како посредник, Литаско се обидува да купува евтино и да продава скапо.

„Разликата оди во Литаско, кој е регистриран во Швајцарија, каде што корпоративниот данок на добивка е многу низок и постојат законски опции кои дозволуваат оваа добивка да не се оданочува и да оди директно во Русија“, објаснува Владимиров.

Што е со државниот надзор?

За време на сите години на контрола на ЛУКоил врз рафинеријата Бургас, бугарската држава, како малцински акционер, задржа место во корпоративниот одбор на компанијата.

Во текот на тие години, бугарската политичка елита уживаше во врските со бугарските претставници на ЛУКоил. Во 2011 година, Борисов, кој беше премиер на Бугарија меѓу 2009 и 2021 година, рече „Златев е мој пријател“, мислејќи на поранешниот претставник на ЛУКоил во Бугарија, Валентин Златев.

Вагит Алекперов, претседателот на ЛУКоил, беше третиран речиси како член на кралското семејство за време на минатите посети на Бугарија, на средби со високи бугарски функционери.

РСЕ побара коментар од Златев за тоа дали бугарските функционери некогаш му покренале даночни прашања. Тој не одговори.

Румен Овчаров, кој ја претставуваше Бугарија во Одборот на рафинеријата во периодот од 2013 до 2017 година за РСЕ изјави дека не е можно „многу длабоко да се навлезе во финансиските извештаи на компанијата“.

Сепак, со растечкиот политички притисок во Бугарија, ЛУКоил во 2021 година објави дека ќе стави крај на сметководствената практика на трансферни цени и ќе се жали на наодот на Националната агенција за приходи дека е обврзана да плаќа данок во противвредност од 260 милиони евра.

Но, тоа можеби е малку веројатно, бидејќи компанијата може да ги искористи минатите објавени загуби, вклучително и 250 милиони евра само во 2020 година, за да го надомести тоа.

Бугарскиот министер за финансии Арсен Василев за РСЕ изјави дека ревизијата на LUKoil Neftochim Burgas сè уште не е завршена, додавајќи дека премиерот Кирил Петков и други високи функционери во декември 2021 година се сретнале со Вадим Воробјов, првиот извршен потпретседател на ЛУКоил.

И покрај интензивираните активности, Владимиров од Центарот за изучување на демократијата, се сомнева дека нешто ќе се промени.

„Ова е глобална шема што ја спроведуваат сите руски компании. Профитот секогаш се враќа во Русија“, заклучува Владимиров.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG