Достапни линкови

Каде е Сашо Мијалков?


Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина
Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина

По националната, полицијата издаде наредба и за меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков откако судот побара тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата в петок.

Полицијата трага по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" в петок. Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки и активности за негово наоѓање и дека е распишана национална и меѓународна потерница.

Меѓународната потерница е распишана по решението кое го донесе Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, веднаш по приемот на барањето за согласност за распишување меѓународна потерница за С.М. од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) и истото е доставено до барателот, како што информираше денеска Основниот кривечен суд Скопје.

Претходното, на прашањето на Радио Слободна Европа дали ќе биде распишана и меѓународна потерница од полицијата одговорија:

„Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница“, ни одговорија од МВР.

Од Кривичниот суд пак, појаснуваат дека барањето за притвор за Сашо Мијалков од Јавното обвинителството било поднесено вчера, во 15 часот.

„Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решение со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше испратено до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, се вели во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Инаку, Мијалков е еден од дванаесетте обвинети за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор за него побара максимална казна, но не побара негово обезбедување до изрекувањето на првостепената пресудата.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е разочаран што се случи уште едно бегство, додавајќи дека ќе побара детали за истрагата и случајот да биде расветлен во најбрз можен рок.

„Разочарани сме што тој се уште не е пронајден. Барам институциите да постапат согласно законот. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детални информации и детали и истрага за самиот случај. Нашиот народ очекува расветлување оваа ситуација. Ќе побараме одговорност кога ќе ги знаеме деталите“, истакна Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак побара „оставка од Владата веднаш“, порачувајќи дека „мафијата има своја држава“.

Од моментот кога се распишува меѓународна потерница, Мијалков се смета дека е во бегство. Во меѓувреме, остануваат отворени прашањата како и дали побегнал надвор од земјата ако се има предвид фактот дека му е одземена патната исправа?

Поранешниот полициски началник и безбедносен аналитичар Љубомир Ѓурчески посочува дека се направени неколку пропусти од почетокот на постапката.

„Кога имаме лица против кои се водат судски постапки за најтешки форми на организиран криминал, полицијата би требало да има оперативни сознанија за неговите движења и контакти постојано, зошто за ова лице имаше и куќен притвор и гаранција одземање на патна исправа како и сомневања за други кривични дела, што значи дека полицијата мораше да биде повнимателна за неговите движења. Таа постојано треба да има основани сомненија дека дел од тие лица многу лесно можат да ја напуштат државата без разлика дали легално или илегално, зошто на пазарот на организираните криминални групи многу лесно може да се набави фалсификувана патна исправа, да се обезбеди двојно државјанство и слично.“, вели Ѓурчески.

Ѓурчески - Одговорност за Мијалков мора да има
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00
Директен линк

Со оглед на тоа дека ова не е прв случај на бегство на висок функционер од претходната влада, Ѓурчески вели дека од одговорност не треба да бидат амнестирани Јавното обвинителство, судот и полицијата.

„Ако судот имаше чесни намери во целата оваа работа уште во петокот тој ќе ја известеше полицијата и таа од рочиште директно ќе го преземеше и однесеше на адреса на која му е определено да ја извршува мерката куќен притвор. Инаку 48 часа од петок до недела до 15 часот се огромен временски период за секој да може да се организира и да ја напушти државата“, вели Ѓурчески.

Според обвинителниот акт за Мијалков, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Судењето по овој предметот започна на 22 декември 2017 година. Пресудата за „Таргет – Тврдина“ треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.

Во ноември, 2018 на Мијалков му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена. Причината беше опасност од бегство во предметот „Тврдина-Таргет". Решението за притвор тогаш беше донесено по барање на обвинителите на СЈО.

Притвор за Мијалков беше побаран и по пресудата за „Титаник", по што следуваше жалба до Апелацискиот суд во Скопје. Пред второстепениот суд тогаш Мијалков изјави дека не помислува на бегство и оти ќе ги почитува мерките изречени од Судот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG