Достапни линкови

Институциите собираат докази, а Груби собира функции


Артан Груби, прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците во Владата на РСМ
Артан Груби, прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците во Владата на РСМ

Додека Обвинителството и Антикорупциската комисија истражуваат дали има прекршувања на законите во постапката за проектот за изградба на коридорите 8 и 10, првиот вицепремиер Груби доби нова улога - координатор на активностите поврзани со проектот. Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнал“ вели дека сега се на потег институциите, кои треба да ги расчистат предметите и да и дадат одговори на јавноста.

Артан Груби, првиот вицепремиер во Владата и министер за односи меѓу заедниците од вчера доби и нова функција. Тој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и реализацијата на коридорите 8 и 10, кои пак уште незапочнати да се градат, се соочуваат со скандали.

За изградба на автопатите прво беше заобиколен Законот за јавни набавки и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Понатаму еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“.

На вториот тендер, пак, победи конзорциум во кој е и фирма во која удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.

Владата на 8 март го потпиша договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од коридорите 8 и 10. За изградба на 108 километри пат, во рок од 57 месеци, Владата треба да одвои 1,3 милијарди евра.

Груби проектот го нарече историски ден за Македонија, а секоја прилика ја користеше за да ги негира обвинувањата поврзани со целиот проект за изградба на автопатите.

Неговата нова улога на координатор не смее да биде почесна позиција, туку треба да носи обврски и одговорности, вели претседателката на „Транспаренси интернешнал“, Слаѓана Тасева.

„Јавноста е збунета и се прашува зошто сите пари отидоа кај него и зошто тој контролира се во државата? Да, ама кој му го даде тоа право, Владата, премиерот? Кој дел од одговорноста ќе ја понесе премиерот? Тоа не треба да биде почесна функција. Таа е работна задача и треба точно да се дефинираат обврските и одговорностите. Треба да има отчет, да знаеме колку пати координаторот што ќе прави, дали и кон кого ќе дава извештај и каква одговорност ќе има“, прашува Тасева.

Тасева : зошто Груби контролира се во државата?

И Основното јавно обвинителство, но и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отворија предмет за коридорите. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што се очекува донесување на јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вчера изјави дека дел од документацијата поврзана со проектот е веќе кај нив, а се прибираат и останатите документи.

„Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултатите ќе ги соопштиме на јавна седница,“ изјави Ивановска.

Од невладината „Транспаренси интернешнал“ велат дека сега се на потег институциите кои треба да утврдат дали во конкретните случаи има одговорност кај Груби.

„Прво институциите треба да си ги завршат работите за да се расчистат сите сомнежи и дилеми во јавноста. Вака сите се сомневаме и имаме право да бараме одговори. Јас за жал, немам никакви очекувања од разврска на конкретните предмети. Поентата е таа, кога еднаш засекогаш, институциите ќе ги расчистат предметите и тие да утврдат дали има или нема одговорност кај некој“, вели Тасева.

Но, ова не е единствената афера со кој се поврзува името на првиот вицепремиер. Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна отвори уште еден предмет откако во јавноста беа објавени информации за зголемување на неговата и на имотната состојба на членови на неговото семејство. Обвинувањата прво стигнаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде објавија дека братот на Артан Груби се стекнал со луксузен деловен простор во строгиот центар на Скопје од 127 квадратни метри, а истиот наводно бил платен само 100 000 евра. Според ова, произлегува дека за квадратен метар семејството Груби платиле за само 700 евра, а реалната цена е над 3000 евра.

Аферите со Груби што ги објави ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ исто така обвинија дека Артан Груби од позиција на министер исплаќал средства на фирма во сопственост на неговиот брат. Тие велат дека од 2020-тата до 2022 година, во точно 8 наврати владините институции односно министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и министерството за економија се јавуваат како даватели на услуга кон фирмата на братот на Груби, „ЕТЦ Травел ДООЕЛ Скопје“.

Груби обвини за клевета и се закани со тужба. Ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се објаснуваат и докажуваат на суд.

Уште еден скандал кој се поврзува со првиот вицепремиер е оној со исплатата на илјадници евра од министерството со кое раководи за хонорарни услуги.

Според истражувањето на порталот „Призма“, Министерството за политички систем, само за една година исплатило околу 160 илјади евра за хонорарни услуги преку две авторски компании.

Груби потврди дека имал 25 како што ги нарече „договорци“ (соработници со договор на дело) на кои им биле исплатени во просек 30.000 денари месечно, но до сега не објасни за што ги ангажирал. Според истото истражување Груби плаќал и за консултантски услуги. Само преку една агенција за една година биле исплатени 7600 евра.

Првиот вицепремиер не ретко привлекува внимание во јавноста и со своите објави на социјалните мрежи на кои може да се види како игра фудбал или кошарка со своите партиски другари во канцеларија, објавува видеа на кои пее неговиот сопартиец и лидер на ДУИ Али Ахмети или пак фотографии од партиски кампањи или митинзи. Во низата афери поврзани со неговото име, може да се наведе и етичката дименизија во преминувањето на границата меѓу државната и партиската функција.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG