Достапни линкови

Курто и Мурто не сакаат некој трет да им се меша во штипки


Илустрација
Илустрација

Со предлог-измените на Изборниот законик, полесно е да станеш советник отколку кандидат. На претходните локални избори во Град Скопје, советник се станувало со 5700 илјади гласа. За воопшто да се кандидираш се потребни над 9200 потписи, собрани во подрачните единици на ДИК во ек на годишни одмори.

И покрај жестоките реакции во јавноста, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците/Алтернатива ги поднесоа предлог измените на Изборниот законик на само три месеци пред избори. Измените за кои се согласија сите големи партии предвидуваат, да им се отежни на малите партии да влезат во Општинските совети, а на независните кандидати воопшто да се кандидираат.

Реагираат експерти и невладини организации, а претседателот Стево Пендаровски соопшти дека очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила. Ако веќе се менуваат, тогаш да не биде само во согласност на власта и опозицијата, туку со поширок консензус со релевантните организации од граѓанскиот сектор. Во владата пак, велат дека измените се токму во насока на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Потребата од донесување на Законот беше изгласана од пратениците, а Комисиската расправа беше закажана 45 минути откако пратениците го добија текстот на законот. Претседателот на Левица Димитар Апасиев се пофали дека успеале да напишат 700 амандмани за тоа време и да го блокираат законот.

На предлогот реагираа и помалите партии, кои се коалициони партнери на СДСМ. Претседателот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски ги оцени измените како „брука“ и прашува кој се плаши од граѓаните.

Реагираат и вонпарламентарните партии.

Со измените се воведуваат преференцијалните листи, односно освен за партија да можете да гласате и за конкретен кандидат, но за тој да влезе треба да освои најмалку 3 проценти од регистрираните избирачи. Независните листи кои сакаат да учествуваат на изборите, пак, ќе треба да соберат потписи од 2 отсто од регистрираните избирачи. На пример за поднесување независна советничка листа за Градот Скопје досега се бараа 1000 потписи, а сега ќе бидат потребни 9 пати повеќе.

Граѓаните коментираат дека со кревањето на прагот за независните листи, големите партии сакаат да не им се одлеваат гласови. На тие што не им се допаѓаат „Курто и Мурто“ може и воопшто да не гласаат за тие да си ги поделат гласовите.

Поранешната независна пратеничка Ивана Туфегџиќ смета дека изборниот законик на вакво начин се претвора во желботека.

Со ваквите измени, полесно е да станеш советник отколку да станеш кандидат. На претходните локални избори во Град Скопје, советник се станувало со 5700 гласови. За воопшто да се кандидираш се потребни над 9200 потписи, собрани во подрачните единици на ДИК во сезона на годишни одмори. Дополнително, на парламентарни избори со 1000 гласа може да се поднесе независна листа во цела изборна единица, а сега се потребни 9 пати повеќе потписи за само еден град. Политичка партија исто така се регистрира со 1000 потписи, а потоа може да учествува на кои било избори.

Дел од граѓаните коментираат дека ваквите измени покажуваат дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се сијамски близнаци.

Други сметаат дека измените во 5 до 12 се прават за да им се оневозможи на најавените независни иницијативи да учествуваат на изборите.

Иницијативата „Зелен Хуман Град“ во која се здружени 20 организации и активистички групи од Скопје најави дека почнува со составување на советнички листи за Советот на град Скопје. Најавија дека на нивните листи ќе се најдат активисти за правата на животните и еколошки активисти и борци против аерозагадувањето. Тие коментираат дека со менување на изборниот законик на три месеци пред локалните избори се урива демократијата.

За професорката Мирјана Најчевска предлог-измените се „набрзина спрпелкано хартијче“.

Други велат дека ќе важи Сталиновата максима за избори.

Некои коментираат дека коалицијата со граѓаните, со која СДСМ дојде на власт во 2017 година, заврши со „виткање рака“ на граѓаните.

Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека тие што имаат поддршка лесно ќе соберат 2 отсто од гласовите.

Инаку, ОБСЕ/ОДИХР препорачува да не се прават измени на изборните правила на кратко време пред избори. Во извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните локални избори во 2017 година се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународната добра практика. Сега се предлага 2 проценти.

Инаку досегашната регулатива предвидува, во општини кои имаат до 10 000 жители да се соберат сто потписи за независна листа, а општини над 100 000 на пример 450 потписи. Измените, според изјавата на Заев, предвидуваат на пример во општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG