Достапни линкови

„Избраа нова Влада, а тањири и виљушки?“ - Вие коментирате


Илустрација
Илустрација

Претстојната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков, енергетската криза и изборот на новата Влада, но и „позлатените тањири“ и „бугарските пораки“ беа во фокусот на коментарите на нашите читатели на фан-страната на РСЕ на Фејсбук

По два дена дебата, синоќа на полноќ, со 62 гласа за и 42 против, Собранието ја избра новата Влада, нов премиер е Димитар Ковачевски. Опозициските пратеници во дебатата обвинуваа дека овој владин кабинет немал политички легитимитет и за можно предавство во преговорите со Бугарија. Некои наши редовни посетители уште синоќа коментирале на Фејсбук страницата на Радиот Слободна Европа (РСЕ).

Блажо Хогар Страшниот упатува честитки, а потоа додава: „Да ве видиме сега, господо и дами старо-нови“. Истиот потписник објавува и сликичка фотомонтажа на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како се сонча на плажа и вели: „А јас кога, бе? Е не сте фер“.

Дули Дуло потсетува на неодамнешната набавка од владините служби: „Дали избраа тањири и виљушки, и тоа е важно, треба да биде на дневен ред“. За Блаже Павловиќ изборот е „Трагедија македонска“, а Керим Адеми ја пречекува новата Влада со пцовка.

Интервјуто со Мухамед Халили, претседател на Советот на амбасадори

Во неделното интервју со амбасадорот Мухамед Халили, претседател на Советот на амбасадори, тој покрај другото вели дека Бугарија воведува нова стратегија во преговорите со Македонија, што според него значи дека историските и идентитетските прашања ќе останат во втор план, а фокусот ќе биде на соработката во економијата, како што Германија и Франција успеале да го решат непријателството од Втората светска војна.

Есат Јонузи се согласува, па постирал: „Токму така, доста е политика, треба да јадеме сиромаштијата...“, Рада Цветковиќ е против преговорите со „булгари“, како што напишала, а Слободанка Камчева бара референдум: „Никој да не се обиде да му ʼпротнеʻ на македонскиот народ нешто што не прифаќа“.

Посетата на бугарскиот премиер Петков

Пред најавената посета на Македонија на новиот бугарски премиер, Кирил Петков утре, 18 јануари, во интервју за дописникот на МИА во Софија изјави дека нема да донесе никаков анекс на Договорот за пријателство, туку дека доаѓа со подготвеност за нов почеток.

Таша Рангел како да не верува многу, па со коментар: „Без да се мешаш во идентитетот наш македонски и јазикот“. И Сашо Стојанов има слично мислење: „Го видовме тој нов почеток пред неколку дена кога беше кај Радев“. Ленин Толомамноски коментира: „Нов почеток со нови желби, вие не можете да сфатите дека во туѓа држава не може да бидете газди“, а Киро Николовски со надеж: „Ајде да го видиме тоа чудо...“.

БЕГ, ЕСМ, парно...

На нашата ФБ страница има неколку коментари во врска со одлуката на Владата ЕСМ да го преземе работењето со БЕГ и со Топлификација Север, кои го покажуваат сомнежот на тие што коментирале: „До лето, после БЕГ ќе си продолжи веројатно до следната зима. Кој овде е луд...“, напишал Миодраг Милошевиќ, а Љупчо Грков се надоврзува: „Па ќарот ќе си го поделат. Они не се луди, туку префригани“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG