Додека министерот за надворешни работи Бујар Османи го чека одговорот од Софија на нонпејперот кој го однесе македонскиот специјален преставник за односите со источниот сосед Владо Бучковски, од бугарските политичари стигнуваат истите пораки поврзани со македонскиот идентитет- дека нацијата е вештачки создадена во 1944 година.
Но и покрај ваквите чести пораки, македонската страна секојдневно тврди дека за идентитетот не се разговара со Софија. Шефот на дипломатијата Османи не крие дека идентитетските теми поврзани со јазикот и нацијата се на маса, но тоа што властите тврдат дека не преговараат вели дека значи дека за тоа нема компромис.
„Не се разговара значи дека не се прифаќаат компромиси за тие прашања, а не дека темите не се на маса. Точно, темата е на маса, ФРОНТЕКС не се потпишува со години, со сите безбедносни импликации, преговарачката рамка не се усвои заради јазикот. Така што има друг контекст - тоа не се разговара, а тоа е дека тие теми не се предмет на компромиси“, вели Османи во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
Инаку, бугарската влада официјално и пред институциите на ЕУ ги престави своите позиции лани преку објаснувачкиот меморандум. Во него тие наведоа дека македонската нација е вештачки констуркт на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, а македонскиот јазик норма на бугарскиот. Во однос на историјата поврзана за тие теми разговара македонско бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања, од чија брзина на работа бугарските политичари не се задоволни, а во однос на јазикот, официјална Софија бара во институциите на унијата да биде со фуснота, дека тоа е јазик според Уставот на Република Северна Македонија.
Министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов, пак, и во новата година ги повтори бугарските тези често слушани лани, а поврзани со историјата. Според него, македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите.
„Знаете ли дека во Македонија во 1945 се носи закон, можеби и во нацистичка Германија немало таков, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин, можеш да добиеш до пет години затвор. Не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем, ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека си Србин ќе ти ракоплескаат. И сега тие луѓе ми кажуваат дека самите од себеси добиле некаков идентитет, и тоа го кажува политичката елита, тоа не може да се случи“, вели Каракачанов.
Во меѓувреме, откако македонските евроитнеграции беа блокирани од Бугарија за време на германското претседателство со Европската унија, разговорите меѓу двете земји се очекува да продолжат, но не се голем чекор напред поради изборите кај соседот кои треба да се одржат во март. Властите во Скопје и покрај истиот став во однос на македонското прашање на речиси сите бугарски партии очекуваат по изборите да може полесно да се дојде до решение.
Во меѓувреме и ротирачкото шестмесечно претседателство со ЕУ се смени па сега со унијата раководи Португалија. Првиот сигнал од таму, како што пренесе бугарската агенција БТА е дека португалското претседателство нема да брза и да предлага нови заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето. Нивниот амбасадор во ЕУ, Нуно Брито, според истата агенција, изјавил и дека не е во ред Бугарија да се обвинува за попречувањето на проширувањето на унијата бидејќи токму таа држава е еден од силните поддржувачи на проширувањето на ЕУ.