Достапни линкови

Зошто Холанѓаните го блокираат влезот на Бугарија и Романија во Шенген?


Плоча во селото Шенген, Луксембург. (илустративна фотографија)
Плоча во селото Шенген, Луксембург. (илустративна фотографија)

Холандија се соочува со критики поради отпорот кон Бугарија и Романија да ги држи надвор од Шенген зоната и покрај тоа што земјите добиваат институционалното признание од страна на ЕУ дека се „повеќе од подготвени да ѝ се приклучат“ на Европа без граници. Пишуваат Елица Симеонова и Енди Хејл.

Институциите на ЕУ со години уверуваа дека 26 милиони Бугари и Романци се подготвени да ѝ се приклучат на Европа без граници. И барем исто толку долго, холандските влади тивко и цврсто се држат до своето инсистирање Софија и Букурешт да сторат повеќе за да покажат дека веруваат во тие гаранции.

Сега, кога романските и бугарските надежи кулминираат за приклучување во Шенген зоната, каде што се укинуваат пасошите и другите гранични контроли, холандското вето може да им зададе уште еден обесхрабрувачки удар на помладите членки на ЕУ и да го спречи приоритетот на чешкото претседателство со ЕУ, чиј мандат завршува во јануари.

„Конзервативизмот што го гледате сега навистина одразува дека партиите на десниот центар во Холандија не беа задоволни од тоа колку далеку, заедно со реформите, беа Романија и Бугарија кога влегоа во унијата во 2007 година“, изјави за РСЕ Симон Отјес - доцент на Универзитет Лајден кој специјализирал европско и холандско јавно мислење и партиска политика.

Малку знаци за омекнување во Хаг

Холандскиот парламент минатиот месец го одобри предлогот со кој се бара од владата на премиерот Марк Руте „да не презема никакви неповратни чекори“ за шенгенското прашање за Романија или Бугарија без „понатамошни истраги за надзорот на границата и намалувањето на корупцијата и организираниот криминал во двете земји“.

Во него се предупредува дека „корупцијата и проблемите со организираниот криминал во една шенген-земја може да предизвикаат сериозни проблеми во функционирањето на граничната контрола и на тој начин да ја загрозат безбедноста на Холандија и на целата Шенген зона“.

Холандското Министерство за надворешни работи соопшти дека „холандската позиција за проширувањето на Шенген зоната е јасна: кога ќе се исполнат барањата, пристапот е можен“.

Министерството ја наведе имплементацијата на таканареченото Шенгенско право, кое ги содржи правилата и законодавството на ЕУ за зајакнување на надворешните граници и укинување на внатрешните, како и заклучоците на Механизмот за соработка и верификација на ЕУ (CVM) кои го следат напредокот на членките во реформите како што се правдата и криминалот.

„Ќе треба да ги измериме сите информации, исто така и на политичко ниво вклучувајќи го и дијалогот со парламентот“, се вели во соопштението на Министерството.

„За ова е потребно време. Во догледно време ќе видиме кои чекори се неопходни.“

Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, изјави дека наодите од октомври на експерти од комисијата и земјите-членки за спроведувањето на правото на Шенген се охрабрувачки.

„Оваа мисија потврди дека Романија и Бугарија се повеќе од подготвени да се приклучат на Шенген“, рече Хипер.

„Резултатите се многу позитивни и не беа пронајдени никакви прашања што ќе налагаат дополнително одложување“.

Тоа би можело да даде зрак надеж пред состанокот следниот месец на министрите за правда на ЕУ на кој ќе се разгледа укинувањето на граничните контроли за Хрватска, Бугарија и Романија.

Хрватска, наводно, добила уверување дека ќе добие зелено светло за Шенген. Но, критериумот CVM претставува поголем проблем особено за Бугарија.

Европската комисија во 2019 година заклучи дека Софија постигнала доволен напредок, со што комисијата може да ги прекине своите извештаи за CVM за таа земја; но исто така недостигаше едногласност за формално исклучување на Бугарија од процесот на CVM.

Јулијана Николова, која и помогна на Бугарија да преговара за нејзиниот пристап во ЕУ и сега го води порталот на бугарски јазик „europe.bg“, политиките на ЕУ, изјави дека холандското инсистирање на втор круг позитивни оценки е во согласност со Позицијата на Хаг од 2019 година.

Може да се каже дека тоа е знак на недоверба“, изјави Николова за бугарскиот сервис на РСЕ.

Бугарската влада во тоа време вршеше притисок врз Европската комисија да престане да издава извештаи за CVM, дозволувајќи ѝ на владата на тогашниот премиер Бојко Борисов да наметне политичка пресвртница, вели Николова.

„Но, големата победа се покажа како пораз“, рече Николова.

Бугарија оттогаш е зафатена од речиси постојана политичка криза.

Неодамна, скандалот околу монополот на приватна лабораторија врз фитосанитарните контроли на јужниот граничен премин во близина на Турција и Грција, со кој многу се тргува, фрли сомнеж врз придржувањето на Софија до наведениот режим на гранична инспекција.

Откритијата за наводна корупција, закани кон политичари, шверц и исчезнати државни средства во врска со преминот Капитан Андреево беа на обелоденети од официјални лица во неодамна соборената влада на Премиерот Кирил Петков.

Потребна е едногласна согласност за проширување на Шенген

Романија, исто така, се бори со политичка нестабилност и постојана корупција.

Односите меѓу Хаг и Букурешт дополнително се искомплицираа со проблемите и правните спорови околу договорот од 1,6 милијарди долари за можното производство и испорака од страна на холандскиот бродоградител Дамен на четири воени бродови за романската морнарица.

Сите членки на ЕУ се обврзуваат при пристапувањето да ги почитуваат правилата на Шенген, вклучително копнените, морските и воздушните граници, граничната соработка и полициското работење и визниот режим. Но, потребна е едногласна согласност за проширување на Шенген зоната.

Бугарија, Хрватска и Романија се три од петте земји на ЕУ кои сè уште се надвор од шемата. Останатите се Ирска, која го одржува таканаречениот „опт-аут“ и Кипар кој засега е надвор од дискусијата.

Претходниот отпор кон вклучувањето на Романија и Бугарија навидум се стопи во Германија, Франција и Данска.

Во август, германскиот канцелар Олаф Шолц дозволи „Бугарија, Романија и Хрватска да ги исполнат сите услови за да добијат полноправно членство“ во Шенген.

Минатиот месец бугарскиот претседател Румен Радев рече дека разговорите со водачите на ЕУ го увериле дека Холандија е единствениот противник на влезот на Романија и Бугарија во Шенген.

Тој наведе дека „Бугарија и Романија стануваат заложници на домашната политика во Холандија, каде претстојат избори.

Изборите за Сенатот закажани за март ќе ја тестираат популарноста на централно-десничарската влада на Руте во позадина на значителниот холандски притисок против вооченото пречекорување од страна на Брисел, вклучително и за климатските цели и имиграцијата.

Но, Холанѓаните имаат долга историја построго да ја држат линијата на политичките аспекти на европската интеграција, наспроти трговијата и економијата, па дури и одбраната.

Но, коалицијата на Руте се соочува со миграциска криза која предизвика сцени на баратели на азил кои спијат надвор од прифатните центри за бегалци и кои тој ги нарече „срамни“.

Руте за ситуацијата ја обвини одлуката на неговата влада во 2015 година да го намали капацитетот за азил, заедно со недостигот на станови.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG