Достапни линкови

Зошто Турција е претпазлива за кандидатурите на нордиските држави за НАТО?


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турција најави вето за влезот на Шведска и Финска во НАТО. Сега се смета дека владата на Ердоган ќе ги искористи двете кандидатури како потпора за барање отстапки и гаранции од нејзините сојузници. (Асошиетед Прес)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган стави клуч на историските одлуки на Шведска и Финска да побараат членство во НАТО, изјавувајќи дека не може да им дозволи да се приклучат поради нивната наводна поддршка на курдските милитанти и другите групи за кои Анкара вели дека ја загрозуваат нејзината национална безбедност.

Генералниот секретар на НАТО,Јенс Столтенберг, изрази уверување дека Алијансата брзо ќе ги прими Шведска и Финска. Но, декларацијата на Ердоган сугерира дека патот на двете нордиски земји кон членство може да биде сè, освен лесен.

Одобрувањето на Турција е од клучно значење бидејќи воената алијанса своите одлуки ги носи со консензус. Секоја од нејзините 30 земји-членки може да стави вето на нова членка.

Се очекува владата на Ердоган да ги искористи кандидатурите за членство на двете земји како потпора за отстапки и гаранции од нејзините сојузници.

Еве како изгледа позицијата на Турција, што би можела да добие и најверојатните реперкусии:

Што е проблемот на Турција со апликациите за членство?

Турција, која ја има втората по големина армија на НАТО, традиционално го поддржува проширувањето на НАТО, верувајќи дека политиката на „отворени врати“ на алијансата ја подобрува европската безбедност. Така на пример, таа зборуваше во корист на можностите за приклучување на Украина и Грузија.

Приговорот на Ердоган кон Шведска и Финска произлегува од турското незадоволство од перцепираната поддршка на Стокхолм, и во помал степен на Хелсинки, на забранетата Курдистанска работничка партија или ПКК, левичарската екстремистичка група ДХКП-Ц и следбениците на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен со седиште во САД, за кој Анкара тврди дека стои зад неуспешниот обид за воен удар во 2016 година.

Многу курдски и други прогоненици најдоа засолниште во Шведска во изминатите децении, како и членовите на движењето на Ѓулен, во последно време. Според турските државни медиуми, Шведска и Финска одбиле да екстрадираат 33 лица кои ги бара Турција.

Анкара, која често ги обвинува сојузниците дека замижуваат пред нејзините грижи за безбедноста, исто така, е лута поради ограничувањата за продажба на воена опрема на Турција. Тие беа наметнати од земјите на ЕУ, вклучително и Шведска и Финска, по воениот упад на Турција во северна Сирија во 2019 година.

Понатаму, оправдувајќи го својот приговор, Ердоган вели дека неговата земја не сака да ја повтори „грешката“ на Анкара, која се согласи повторно да ја прими Грција во воената структура на НАТО во 1980 година. Тој тврди дека акцијата и дозволила на Грција „да заземе став против Турција“ со поддршка на НАТО.

Што може да добие Турција?

Се очекува Турција да се обиде да преговара за компромисен договор, според кој двете земји ќе се борат против ПКК и другите групи во замена за турската поддршка за нивното пристапување во НАТО. Се очекува дека клучното барање ќе биде тие да ја прекинат секоја поддршка за Сириската курдска група, Курдските Единици за заштита на народот (ЈПГ). Тие се западен сојузник во борбата против групата Исламска држава во северна Сирија, но Турција ја гледа како продолжение на ПКК.

Ердоган, исто така, би можел да се обиде да го искористи членството на Шведска и Финска за да извлече отстапки од САД и другите сојузници. Турција сака да се врати на програмата за борбени авиони Ф-35 предводени од САД - проект од кој беше исфрленa по купувањето на руските системи за ракетна одбрана С-400. Алтернативно, Турција бара да купи нова серија борбени авиони Ф-16 и да ја надгради својата постоечка флота.

Други можни барања може да вклучуваат крај на неофицијалното ембарго за продажба на воена опрема на Турција од страна на сојузниците; отстапки од земјите-членки на ЕУ во врска со неуспешниот обид на Турција да се приклучи на блокот; и зголемени средства за помош на земјата за поддршка на 3,7 милиони сириски бегалци.

Како ова влијае на имиџот на Турција на запад?

Заканата на Турција со вето веројатно ќе го поткопа нејзиниот сопствен статус во Вашингтон и во НАТО, зајакнувајќи ја сликата за земја која го блокира проширувањето на алијансата заради сопствен профит. Со овој потег, Турција ,исто така, ризикува да го оштети кредитот што го заработи со снабдување на Украина со вооружените беспилотни летала „Бајрактар“ кои станаа ефикасно оружје против руските сили.

„Не постои сценарио ,според кое, Турција на крајот не се гледа како крт на Путин во НАТО“, изјави Сонер Чагаптај, експерт за Турција од Институтот во Вашингтон.

„Сите ќе ги заборават приговорите поврзани со ПКК. Сите ќе се фокусираат на фактот дека Турција го блокира проширувањето на НАТО. Тоа ќе го искриви погледот на Турција кај (НАТО).

Чагаптај рече дека турската опструкција може да го поништи „позитивниот моментум“ што почна да се гради во Вашингтон во врска со продажбата на Ф-16.
„Не можам да видам дека се одвива продажбата во оваа фаза“, рече тој.

Дали Турција се обидува да ја задоволи Русија?

Турција изгради блиски врски и со Русија и со Украина и се обидува да ги балансира своите односи со двете земји.

Таа одби да се приклучи на санкциите против Русија.

XS
SM
MD
LG