Секое организирано општество е насочено кон развој на образовните и на
културните институции. Затоа не е случајна констатацијата на Нелсон Мандела дека „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Но како е кај нас?
Родителите постојано не советуваат да учиме да се образуваме, сосема е јасно и
сите ќе се согласиме дека е неопходно постојано да работиме на нашиот развој и
напредок.
Но, кај нас деценија за деценија образовниот систем е постојано пред колапс, сведоци сме на експерименти, од чиишто ефекти јасно ја гледаме надолната линија од генерација на генерација и овој слободен пад јуриша директно кон дното, во темната тиња на незнаењето, несистематското и механизирано манипулирање со фактите и со девалвирање на стандардите за квалитет и за подобност.
Слушнавме сите дека Министерството за образование и наука најави дека
учебниците ќе бидат готови до 1 ноември минатата година, но учебници се уште нема, просториите во училиштата се ладни, стипендиите се искастрени и доделени на подобните, а поддршката за талентираните студенти не постои, тие се стигматизирани, од администратори кои го живеат македонскиот сон ама оној во најгрдата можна варијанта, користејќи се со корупција, со незнаење и со моќ!
Затоа не е случајно дека според ПИСА тестирањето, Македонија е на дното на ранг– листата која ја мери употребливоста на знаењето на учениците/студентите. Затоа студентите се соочуваат со неприменливост на знаењата, а ова важи особено за техничките факултети, затоа што програмите воопшто не се содветни за ова „модерно“ време.
Дојдовме до ситуација, во студентските домови, студентите да ПРЕЖИВУВААТ, да немаат греење, топла вода, да јадат храна која повеќе не е за употреба и што ли уште не. Ветувањата за изградба на студентски град и нови студентски домови, останаа само на хартија и за политички поени. Патиките пред Владата останаа како потсетник за евтините маркетиншки трикови на лицемерната манипулација дека се грижите за нас, за младите, за иднината.
Ете ова е реалноста за образовниот процес во 21 век, реалност во која наместо
младите да останат во Македонија, да имаат подобри можности кога станува збор за студентски живот, за професионално надградување сето ова го бараат надвор од државата.
Затоа сметам дека образованието треба да биде приоритет во македонското
општество, верувам дека ќе има промени, бидејќи време е да имаме квалитетно
образование, во кое ќе се инвестира повеќе, а не помалку, затоа што младите се двигател во општеството, а нам ни е потребна младина која ќе го придвижи општеството напред, во општество со можности и развој, а не во пустелија во која прашање на времето ќе биде кој последен ќе ја исклучи сијалицата.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.