Достапни линкови

Кога буквите играат оро, а системот не им помага доволно на лицата со дислексија


илустрација
илустрација

Над 12 проценти од учениците во Македонија имаат проблем со дислексија. Иако се забележува тренд на препознавање на лицата кои имаат проблем со читањето и пишувањето, наставниците и учениците со дислексија бараат поголема ангажираност од надлежните за да им се олесни образовниот процес.

Буквите оро играат. Кога ќе ја отворам книгата, прво ја превртувам и тогаш почнувам да читам. И одеднаш буквите си ги менуваат местата и мене ми се чини како да играат оро.

Вака единаесетгодишната Ана Мостро од Охрид сликовито ни го објаснува нејзиниот проблем со читањето и пишувањето. Ана има дислексија и за оваа состојба денес зборува јавно и отворено.

„Кога дознав дека имам дислексија се чувствував многу лошо. Мислев дека никогаш нема да научам да читам и да пишувам, но тогаш почнав да работам со многу добри учителки и тие ми објаснија како да читам. Кога јас ги гледам зборовите, буквите си ги менуваат местата и тоа ме нервира многу“, искрена е Ана.

Во видеото подолу Ана раскажува какви проблеми во нејзината глава и предизвикуваат буквите, но и како се справува со дислексијата.

Првите знаци на дислексија ги забележала нејзината мајка, Марија. Ана не била мрзливо и незаинтересирано дете, ама читала многу побавно од она што се очекува на нејзина возраст.

„Ана почна во училиште на пет иполгодишна возраст. Многу е елоквентна и имаше многу предзнаења. Меѓутоа кога дојдоа буквите на ред, буквално доживеа крах. Не можеше да ги запамти буквите, не можеше да меморира поими. Во тоа време имаше едни тестови што им се прават на децата во училиште, на пример за една минути колку точни зборови може да прочитаат. Ако другите соученици на Ана читаа по 60 зборчиња, таа имаше препознаено само седум. И тоа беше сигнал дека треба да побарам помош,“ се сеќава Марија.

Од моментот кога Марија и кажала на Ана дека има дислексија, започнува нејзината борба како родител да и го направи на ќерката образовниот процес полесен, зошто и таа самата е наставник во основно училиште.

Денеска Ана, како и секое друго дете во нејзиното одделение ги добива истите тестови, ама за да ги реши и помагаат наставниците. Наставникот го чита прашањето, а таа го одговара. Поради побавното темпо на пишување Ана добива и некоја минута повеќе да се реши тестот.

Не им е лесно ниту на наставниците. Училиштата и ресорното министерство немаат организирани обуки за да ги препознаат знаците на дислексија и за да знаат како да им помогнат на тие деца. И денеска имаме проблем да утврдиме дали се работи за дислексија или за мрзлив ученик кој не сака да чита и пишува, признава Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ОУ „Кочо Рацин“ од Прилеп.

„Факт е дека ние наставниците немаме доволно компетенции за да препознаеме онака како што би направиле професионалците дали се работи за дислексија, но јас еве честопати ако се посомневам се консултирам со дефектологот. И кога во нашето одделение имаме ученик со одредена попреченост или дарба, ние се обидуваме самите да бидеме подготвени и да излеземе во пресрет. Користиме дополнителна литература, се консултираме со професионалци и се обидуваме да го вклучиме ученикот максимално во процесот,“ вели Бумбароски.

За полесно да го надмине проблемот со дислексија, Марија постојано работи и вежба со Ана. Вели дека секоја лекција што треба да се научи таа прво ја снима, а потоа Ана ги слуша и на тој начин ги учи.

„Ниту учениците, а ниту наставниците немаат никаква помош за совладување на проблемот. Учебниците се катастрофа, за деца со дислексија никаква поддршка. Единствено наставникот, ако сака да седне да му помогне на тој ученик. Буквално сме оставени да „се давиме,“ вели Марија.

Веќе десет години во земјава работи и Здружението за дислексија „Ајнштајн“, кое се формирало токму поради недостигот на информации за дислексијата, неинформираноста на институциите и недоволната стручност кај просветните работници. Претседателот на ова невладина организација Дамјан Николовски вели дека нивно истражување покажало дека 12, 2 проценти од населението во земјава имаат дислексија.

„Ние немаме зголемен тренд на зголемување на дислексијата, туку имаме тренд на зголемување на свесноста и препознавање на состојбата. Кога започнавме со работа наставниот кадар немаше апсолутно никакви познавања за дислексијата. Сега тоа е променет. Знаат како да ја препознаат, знаат до некаде некои техники како да работат со децата, меѓутоа за сето тоа е потребно системски решенија. Едно е тоа што ние го правиме како здружение, друго е тоа што е потребна ангажираност од страна на самите власти, надлежните институции за образование, затоа што е еден од најважните предуслови за инклузивно образование е токму едукацијата на наставниот кадар, како да ја препознаат и да работат и да им понудат соодветна поддршка на овие ученици“, вели Николовски.

Надлежните ги прашавме на кој начин им помагаат на учениците со дислексија, но, до овој момент, не добивме одговор од Министерството за образование.

Инаку дислексијата е состојба при која мозокот различно ги процесира пишаниот или говорниот јазик. Оваа состојба примарно се поврзува со тешкотии во читањето, но таа може да влијае и на пишувањето, спелувањето, а понекогаш и на говорот.

Лицата со дислексија можат да ги разберат комплексните идеи, но потребно им е повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. Според светските статистики голем број ученици се соочуваат со ваков вид тешкотии.

Доколку дислексијата навремено не се забележи кај учениците во основно образование, тогаш тоа е уште потешко да се забележи кај средношколците, велат од здружението „Ајнштајн“.

Со насмевка на лицето, малата Ана им порачува на другарчињата кои се соочуваат со дислексија да бидат уверени дека можат да постигнат сè што сакаат. Можеби многу побавно и со повеќе труд од другите, ама не е невозможно.

„Немојте да се грижите. Можете да направите сè што сакате во светот, само треба повеќе да се потрудите“, порачува Ана.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG