Достапни линкови

Зошто Зеленски бара „затворено небо“ над Украина и зошто НАТО „му откажува“


Илустрација - Грчки авиони Ф-16 во составот на силите на НАТО
Илустрација - Грчки авиони Ф-16 во составот на силите на НАТО

Што значи „затворање на небото“? Дали некогаш е направено? Зошто НАТО го одбива ова барање на украинскиот претседател? Ги собравме одговорите на овие три главни прашања. Автори: Борис Митов и Елица Симеонова

Од првиот ден на руската агресија, украинскиот претседател Володимир Зеленски сака нешто што го смета за најважно да ѝ помогне на неговата земја, а тоа е - НАТО „да го затвори небото над Украина“. Зеленски последен пат тоа го изјави ноќта во четвртокот наспроти петокот, кога руската армија го гранатираше подрачјето на најголемата нуклеарна централа во Европа и предизвика пожар во нејзината управна зграда, објави Слободна Европа на бугарски јазик.

„Европејци, разбудете се! Што повеќе треба да се направи за да се затвори небото“, рече Зеленски.

Но, што значи „затворање на небото“? Дали некогаш е направено? Зошто НАТО одбива да го исполни ова барање на украинскиот претседател?

Ги собравме одговорите на овие три главни прашања.

Како се затвора небото

„Затворено небо“ е вообичаениот израз со кој луѓето го скратуваат официјалниот термин „Прогласување зона на забранети летови“. Ова е акција што ја предвидува Повелбата на Обединетите нации (ОН) во случај на војна. Целта е да се спречи воените авиони да влезат во одреден воздушен простор.

Во Поглавјето 42 од Повелбата на ОН се вели дека доколку дипломатијата се покаже дека е неспособна соодветно да одговори на воена закана, земјите-членки на организацијата „може да преземат активности по воздушен, море или копно неопходни за одржување или обновување на меѓународниот мир и безбедност“.

Затворањето на воздушниот простор е една од овие можности. Примената на оваа мерка може да се одвива преку набљудување, превентивни удари или пресретнување и отстранување на воздухопловите што ја нарушуваат.

Ирак, Босна, Либија

Во последните три децении вакво нешто се случило три пати во светот. Првиот пат е без поддршка од ОН, вториот и третиот пат нивното спроведување е со резолуција на ОН и практична имплементација од НАТО.

По првата Заливска војна во 1991 година, Соединетите Држави и нивните коалициски партнери воспоставија две зони забранети за летови во Ирак за да спречат напади врз одредени етнички и религиозни групи. Ова беше направено без поддршка од ОН. Во 1992 година, за време на војната во поранешна Југославија, ОН усвоија резолуција со која се забрануваат неовластени воени летови во босанскиот воздушен простор.

Советот за безбедност на ОН, исто така, одобри зона на забранети летови како дел од воената интервенција во Либија во 2011 година. Почитувањето на ограничувањата наметнати на босанските и либиските зони н забранети за летови беше спроведено од НАТО.

Во актуелниот случај, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ги повикува своите евроатлантски партнери да го затворат небото над Украина за да ја спречат руската авијација да изврши воздушни напади врз цели во неговата земја.

„Ако Западот го стори тоа, Украина ќе го победи агресорот со многу помалку крв. Санкциите се движат во вистинска насока. Украина може да го победи агресорот. Ова му го докажуваме на светот. Но, нашите сојузници исто така мора да ја завршат својата работа“, рече Зеленски минатата недела.

Ставот на НАТО

Засега, НАТО ја отфрли оваа можност. Главната причина е што Западот не сака да влезе во директен воен конфликт со Русија, а токму тоа би се случило доколку руските авиони ја прекршат забраната за летови. Во тој случај НАТО ќе мора да собори руски авиони. Евентуалното соборување на руски авиони од страна на сојузничките сили може да го ескалира воениот конфликт и да предизвика трета светска војна.

„Нашиот сојуз е одбранбен, не бараме конфликт“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во петок во Брисел. Тој, сепак, предупреди дека доколку дојде до конфликт меѓу Русија и членките на алијансата, „подготвени се за тоа и ќе ја заштитат секоја педа од територијата на НАТО“.

Минатата недела Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја отфрли идејата за зона на забранети летови, велејќи дека „нема планови за преминување во Украина, ниту по копно ниту по воздушен пат“.

Украински активист го повика британскиот премиер Борис Џонсон да го поддржи затворањето на небото над Украина. Ова се случи кога Џонсон беше во посета на Полска.

„За жал, кога зборувате за зона на забранети летови, како што му кажав на Владимир Зеленски неколку пати, тоа значи дека Обединетото Кралство ќе биде вклучено во соборувањето на руските авиони - во директен конфликт со Русија. Тоа не е нешто што можеме да го направиме или да го предвидиме. Последиците од ова би било многу, многу тешко да се контролираат“, рече Џонсон.

Затворено украинско небо „не е лек“

Според Тасон Вецел Постариот, офицер во воздухопловните сили на САД и соработник на американската невладина организација Атлантскиот совет, затворањето на украинското небо „не е лек и нема да ги запре нападите со крстосувачки и балистички ракети против Киев“.

„[Прогласувањето] зона на забранети летови има речиси 100% шанси да доведе до директен вооружен конфликт меѓу Соединетите Држави и Русија - политичка одлука што не гледам како да ја донесам“, напиша тој на својот профил на Твитер ден по инвазијата на руската војска во Украина, додавајќи дека САД треба да се фокусираат на проширување на снабдувањето на Украина со ракети за противвоздушна одбрана Стингер и противтенковски ракети Џејвлин.

„Еквивалентно на војна“

Според изјавата на поранешниот генерал на американските воздухопловни сили Филип Бридлов за магазинот Форин полиси, затворањето на небото над Украина е „еднакво на војна“.

„Ако сакаме да прогласиме зона на забранети летови, мора да ја елиминираме способноста на непријателот да пука и да влијае на нашата зона на забранети летови“, вели Бридлов.

И поранешниот бугарски министер за одбрана Велизар Шаламанов е со став дека НАТО нема да донесе таква одлука, бидејќи тоа би значело објавување војна на Русија.

„Алијансата не може да се вклучи во директна конфронтација со руската авијација и лансери бидејќи тоа значи војна со Русија. НАТО одлуките ги носи со консензус, а јас лично тешко можам да замислам да имаме консензус за такво прашање. Во најмала рака, Бугарија веројатно нема да поддржи таква одлука“, изјави тој за Слободна Европа.

Според него, реална опција да ѝ се помогне на Украина е да се обезбедат средства за противвоздушна одбрана за таа да продолжи сама да го брани својот воздушен простор.

XS
SM
MD
LG