Зденко Петровски е од Скопје. Фотограф. Урбан тип. Еден од ретко виталните во градов кој и не трпи луѓе со километража и долго паметење. Сведок на многу и не само културни настани од современата историја на Градот што го насочуваат да стане паланка. Ете, тој и таков, ќе бидам и личен – еден од моите преостанати другари и соученици од „Никола Карев“ со кој сеуште си ги лижеме раните во МКЦ како „некогаш“, згора и снимател во Радиото на нашата МРТВ, од неодамна е горд сопственик на фото книгата МОМЕНТ ДОКУМЕНТ. Неговата, нашата визуелна „библија“. Дело кое на единствен начин, барем мене и на ваквите како нас, многу сликовито ни ја раскажува не само убавата приказна на урбано Скопје , туку уште повеќе не води до смислата на нашето живеење. Со сета негова несовршеност, но и смелост оправдано да се биде креативен. И, да се остави трага од нашето постоење. Овде каде бевме коров што никне крај асфалтот и каде случајно и намерно се исправивме простум. Си го одбравме местото на демек нашата СЦЕНА. И, каде веројатно ја живеевме и сегашноста и иднината. Со мисла дека глупоста и курназлукот не се вечни. Напротив. Ете за тоа со сета автентика говори и оваа творба на нашиот ЗДЕПЕ. За она другото, поинаквото Скопје. За слободата родена во подрумите и гаражите. За сцената и енергијата, за неговите вистински херои.
Како се роди идејата за „МОМЕНТ ДОКУМЕНТ“, или како што самиот како автор на фото книгата ќе забележиш „Сликовница со ликови и настани во Скопје 2007 – 2020“?
- Пред воопшто и да ми дојде од некаде идејата за книгата, разгледував еден број од месечникот „Питања“, хрватско издание од 1980-та година, каде беше презентирана новата новинска фотографија составена од фотографите на младинскиот неделник „Полет“. Гледајќи ги по повеќе од четириесет години ме обзема некоја возбуда и носталгија по времето и настаните за кои сум бил сведок. Така едно утро,станувајќи од кревет ми светна...ха... па, зошто да не пробам нешто слично. Да ги соберам фото документите од настаните што се случиле во Скопје на кои сум бил сведок и да ги ставам во еден албум на социјалните мрежи. Првата идеја беше тоа да биде всушност една фото збирка од субкултурните настани и ликови, но подоцна барајќи ги фотографиите во хард дисковите видов дека може да се прошири и на другите скопски културни настани.
Дени Крстев - MY TEAR
Колку време живееше со таквата идеја пред воопшто да се осмелиш сето тоа да го заокружиш и да го сместиш меѓу корици?
Не помина долго време, отидов кај Дени (Дени Крстев) во студиото 1060 каде беше и Васко Атанасоски и им го покажав месечникот „Питања“ со образложение на идејата да направам нешто слично за тукашните настани ... Нешто „фанзинско“, „самоделско“. На Васко му се бендиса идејата и ми даде еден куп слични светски изданија да ги погледнам (уште му ги немам вратено ). Потоа, разговарајќи и со други луѓе тесно врзани со музиката и фотографијата, мнозина ме охрабрија посериозно да размислам за објавување на книга. Прво ме фати паника како аматер кој немал никакво искуство со книгоиздателство, без финансии и без врски во институциите кои делат пари за тоа... па решив да му се обратам на Русе Арсов, тогашниот директорот на МКЦ (2020), кој една година претходно ми овозможи изложба на фотографии во склоп на фестивалот „Здраво Млади“. Всушност, изложбата и беше дел од идејата врзана со месечникот како иницијална каписла за објава на книга . Арсов ме поддржа од самиот почеток земајќи го фактот дека повеќето фотографии се родени во просториите на МКЦ ... и така, требаше само да засукам ракави и да почнам.
Кога веќе си ја донел таквата одлука, што ти падна прво на ум. Каква книга сакаше како нејзин автор? Имаше ли пред себе примери што би сакал да ги следиш? Всушност од кого учеше за фотографијата? Колку сакаше да избегаш од веќе постојното, еднаш даденото?
Сакав тоа да биде документарна, новинска фотографија која ќе има забавни моменти или интересни нешта во себе. Која нема да биде здодевна и за едно прелистување . Хрватскиот месечник веќе го спомнав, а тука беше и мојот најдобар другар и „гуру“ од младоста, кој ме навлече на музика, фотографија литература и на што уште не - Панче Арсовски, кој за жал не е веќе меѓу нас. Беше претплатен на NME (New Musical Expres) од средината на седумдесетите години па до крајот на деведесеттите... и ги имаше „укоричено“ сите броеви по години. Кога и да одев кај него, постојано ги прелистував. Без да се заситам. Фотографиите таму беа за мене врв во новинската рок фотографија, посебно оние од почетокот на 1980-те кога таму беа фотографи како Пени Смит, Антон Корбијн, Питер Андерсон и други. Потоа тука беа и обвивките на албумите на Фенк Запа... Сето тоа ми влезе во кодот како да гледам и размислувам кога фотографирам.
A PLACE TO BURY STRANGERS во МКЦ
И, очигледно не се двоумеше околу тоа што да одбереш – црно бела или колор фотографија. Од каде потребата кај тебе за таа навидум едноставна игра на црното и белото?
- Па изгледа и тоа ми е во кодот. Во младоста, кога ги работев фотографиите во темната комора, никогаш не стасав да правам фотографии во боја. Фотографирав колор и слајд филм, ама секогаш ги давав во лабораториите за развивање и печатење, „принтање“ како што сега се вика. Црно белите некако ми изгледаа и сеуште ми изгледаат како да се вечни. Отпечатените црно бели фотографии можат со тек на време да пожолтат, да се тонираат со тек на времето, но само ќе добијат временска патина. Од друга страна колор принтовите можат да избледат со времето и да добијат сосема друго значење од замислата на фотографот. Посебно ако се неквалитетно „принтани“. Кога станува збор за музичката фотографија доволно е да го погледнете филмот „The Jazz Loft according to W. Eugene Smith“ и ќе ви стане јасно зошто црно белата фотографија во музиката, посебно во џезот „ја отсликува музиката во фотографијата“. Кога ги гледам колор фотографиите од концерти по интернет порталите, лично мене ме оддалечуваат од музиката која се изведува и не можам да заклучам каква била таа. Би ја споредил со радиото и телевизијата: Радиото е црно бела фотографија, го слушаш и знаеш кој зборува паметно, а кој не, додека на телевизија со боите , изгледот и се што гледаш, си де-фокусиран и не обрнуваш внимание на глупостите што ги треска некој таму.
МОМЕНТ ДОКУМЕНТ во суштина е rock and roll фото книга која ги надминува зададените ограничувачки рамки и израснува до сведоштво за Скопје кое полека ни исчезнува. За урбаниот дух загрозен од ситните продавачи на магла. Како ја доживуваш сега од убава временска дистанца по нејзиното објавување?
- Па, сеуште нема некоја дистанца. Таму има фотографии до 2020, а излезе 2021. Кога излезе бевме потонати во кал до гуша, а сега сме потонати до вилица. Калта ни ја стега вилицата и не ни дава да го говориме тоа што го мислиме... Порано стегите беа моралистички и можеа да се заобиколат. Сега тие стеги се претворија во агресивна хистерија која тера на само цензурирање на мислата. Мислам дека целата култура, не само рокот, ќе одат уште подлабоко во андерграунд отколку што се сега, но можеби така ќе никне некој наш ВЕЛВЕТ АНДЕГРАУНД ...ха, ха, ха...
Зденко Петровски како автор, фотограф... е различен од другите затоа што тој живее со музиката. Со урбаната култура на овој град. Од таму во фотографиите повеќе од јасно се гледа драматиката, енергијата на секој концерт и „лудилото“ на неговите актери. Како дојде до таквиот пристап? Каков е твојот приод? Се ли е сведено на љубов, страст, посветеност... на авторската искреност и чесност кон она што му се случува и го живее како реалност?
- Можеби разликата е во тоа што не работам за пари. Сум имал неколку тезги и имам лошо искуство затоа што ме тера да се насочам кон тоа како размислуваат другите. Да се поведам од тоа. Вака ослободен од таа обврска, прво одам на тоа што ми се допаѓа. Згора, немам обврска да давам фотографии на никого и тоа ми дава слобода да правам што сакам. Морам да споменам дека пријателството со Владица Младеновски и другите од МКЦ, со Оливер Белопета, Костадин Шурбановски, Логин и целата преостаната екипа од Стотројка , луѓето од алтернативата како Васко Атанасоски и бандата околу, ми го овозможија слободниот пристап до настаните.
Приодот го диктира музиката. Многу ми е битно да дојдам порано на концертот, по можност на тонска проба, да видам каква е сцената, како се поставени светлата и слично. Ако имам можност да разменам некој збор со музичарите и техничарите кои го работат концертот... и да видам какво е расположението. Сето тоа подоцна на концертот ми ја поедноставува работата. Освен тоа важно ми е да бидам колку е можно по невидлив за публиката иако некогаш морам по неколку пати да поминувам помеѓу нив како би сменил позиција. За среќа доста од луѓето на концертите веќе ме познава и ми прават место иако сигурно во себе си мислат - „Аман од ова старчево!“ ... Затоа гледам и настојувам да бидам поретко меѓу нив... а некогаш барам приоди од околу, балкони, скали, излези и слично.
Овде неминовно ми доаѓа прашањето – на која музика си пораснат ? Како во меѓувреме се менуваше твојот вкус? Што слушаш денес?
Кога бев клинец влијанието беше од моите дома - Нада Кнежевиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Лола Новаковиќ... од татко научив многу посебно за македонските народни песни. Во петто одделение кај три години постариот сосед, а подоцна и другар Панче, ја чув „ Ob-la-di Ob-la-da“ од БИТЛСИ... и готово. Крај. Ми требаа неколку години да го натерам татко ми да ми купи грамофон како на Панта и почнав да купувам плочи. Дојде на ред Џими Хендрикс со THE BAND OF THE GYPSES и така почнав со рокот... Потоа следеше „хард рокот“, па „џез рокот“, „џезот“ а во меѓувреме влезе и Френк Запа и комплетно ме измести. Ме „шашардиса“. Купував и нарачував плочи до пред крајот на 1980-те, потоа се оженив, дојдоа децата и до 1991 правев пауза. За среќа бев во близина кога се отвори Канал 103, па така децата од Стотројка ме хранеа со нова музика, а ја нив со стара... и така останав во тек со времето. Денес слушам се’. Не одбирам жанрови ... Се освен техно и турбо фолк.
Васко Атанасоски, Пеце Суперхикс... ќе забележат дека те сметаат како човек од сцената. Како некој кој зуе околу и чкрапа со апаратот, како другариште... чии фотографии веќе се најдоа на неколку изданија. Колку ти значи тоа? Обврзува ли таквата квалификација во иднина?
Нималку. Ништо не ме обврзува. а задоволството е големо. Годините што ги имам не ми даваат да размислувам за иднината
Често те гледам во најтемните кадри од салата како бараш позиции за „поубав или поинаков кадар“. Имаш ли однапред подготвено сценарио за следење и документирање на еден концерт? Колку притоа те води инстинктот? Имаш ли тогаш време да ја чуеш музиката, таа да те испровоцира?
- Еве, пак ќе кажам: ... сценариото е резултат на раното доаѓање на концертот, запознавањето со сцената... и така со ред. Додека трае концертот само го следам сопствениот инстинкт.
На првите страници од МОМЕНТ ДОКУМЕНТ ќе забележиш дека книгата не се препорачува „на оние лица со лимон табиет“. Зошто? Преку глава ли ти е од нивната негативна енергија или... едноставно не сакаш да го трошиш времено на луѓето кои заборавиле на топлината и обичните нешта од животот?
- Книгата е фото документ за да се ископа од некој подрум по триесетина години. Да сведочи што имало Скопје од 2007 до 2020. Ако тогаш се најдат лимон табиети, баш ми е гајле, мене ќе ме нема. За сегашните „лимони“ исто така не ми е гајле.. За мислењата за тоа дали се уметнички фотографиите или не или технички добри или лоши... ич не ми чуе.
И, со оглед на тоа дека во овие нецели две години продолжува твојата непрекината турнеја по настаните од скопското урбано пулсирање, почнува ли да те јаде црвот дека е време за следната фото приказна?
- Засега не размислувам за тоа. Чекам да видам што ќе направат младиве. Сакам тие да ме израдуваат со некој фото проект. Поздрав и честитки до Ранташа за нејзината книга „Џестетика“.
Пред да излезе од печат те прашав дали би сакал твоето првенче да биде со квалитет како оној што со себе го донесе нашиот другар Жига Коритник, а ти ми рече дека размислуваш сето тоа да биде сторено на онаа стара „пожолтена весникарска хартија“ како во времето кога бевме млади. Хартијата на која што се печатеа младинските весници како „Полет“, „Младина“ „Млад борец“...Излезе нешто помеѓу. Сепак, уште ли те држи таа идеја? Што би ти значело едно такво издание?
- Се измачив сериозно подготвувајќи го „МОМЕНТ ДОКУМЕНТ“. Дизајнот го учев како „прваче“ и тешко ми е повторно да влегувам во таа и слична авантура. Ако нешто би правел во иднина, ќе го правам од ќеиф во 2 – 3 примерока, на фотокопир.
Си пожелуваш ли можеби една поинаква фото книга? Изложба. Зошто толку многу се грозиш од зборот „уметност“? Зошто сакаш да бидеш подалеку од еден таков епитет - уметник?
-Изложба можеби ќе има, само нема да биде музичка. Таму и не иде зборот уметник. Следната изложба дефинитивно ќе биде „уметничка“