Три дена на социјалните мрежи се шират снимки како премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за здравје Венко Филипче возат мотори без кацига, реагира Министерството за внатрешни работи и им пиша казни од по 50 евра.
Порталот Центар.мк ги објави казнените налози за тројцата владини функционери со забелешка дека ова е доказ дека законите никој не е привилегиран и законите важат за сите подеднакво.
Сепак, според реакциите на социјалните мрежи, граѓаните сметаат дека се работи за театар на власта. Некои, пак, полемизираат дека не е поентата во казната туку во свесното кршење на законот од оние кои треба да го спроведуваат и да даваат пример.
Едни велат дека ова е доказ дека правната држава почнала да функционира.
За други, пак, ова е обичен театар и евтин ПР на власта.
Трети потсетуваат дека и поранешниот премиер Никола Груевски така случајно беше фатен на кеј како вози точак и слуша техно.
А моторче возеше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Сепак, некои прашуваат дали може некој вака да биде казнет поради снимка на социјалните мрежи. Други забележуваат дека не е поентата во плаќањето казна, туку дека станува збор за свесно кршење на законите.
Сепак, полицаецот што ја пишал казната ќе има „партизански“ приказни за раскажување на внуците.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во јуни годинава беше казнет со 150 евра зашто не носел заштитна маска при посетата на Рилскиот манастир.