Достапни линкови

За некои наставници со стаж, договор на определено, за други трајно вработување без стаж


илустрација
илустрација

Синдикалните претставници велат дека укинувањето на приправничкиот стаж што ,меѓу другото, се предлага со измените на Законот за наставници не гарантира трајно вработување на оние кои во моментот се со договори на определено време

Речиси две години се обидувам да се вработам како одделенски наставник во некое од скопските училишта, вели една наставничка која од неодамна заменува друга наставничка во едно општинско училиште. Поради неможноста да се вработи во државно училиште, работела и друг вид работа, иако како што вели, најдобро се чувствува во училница. Моменталната работа како заменик-наставник ја добила преку Агенцијата за вработување, но уште на почеток од директорот на училиштето и било кажано да не се надева на вработување.

„Моето искуство кажува дека тешко е да се влезе во државно училиште. Јас барав работа во повеќе основни и средни училишта, но не можев да најдам. Огласите се обично интерни, па оди преку луѓе, мора некого да знаеш или треба да си партиски член. Мислам дека само така може само да се влезе“, раскажува наставничката.

Околу 4700 просветни работници во моментот се на работа без договор за неопределено време. Секој од нив стравува за својата иднина зошто и актуелниот закон за работни односи, а и измените во Законот за наставници не им гарантира сигурно вработување.

Согласно Законот за работни односи доколку работникот не добие трајно решение во период до 5 години, тогаш автоматски му се трансформира договорот од определено во неопределено време.

Од 2009 година пак согласно измените на овој закон во дејноста образование, наставниците можат да добијат решение за неопределено време по само две години стаж, од кој едната година се стажира под менторство на постар наставник, а потоа се полага стручен испит.

Новите измени на Законот за наставници, за кои деновиве се препукуваат и обвинуваат за „партизација“ владејачката партија и опозицијата, предвидуваат укинување на приправничкиот стаж, со што се скратува и постапката за доаѓање до трајно вработување.

Но, тоа вели стручната јавност, значи дека трајно вработување може (но и не мора) да добијат и тие кои имаат неколку години стаж, но би можел да добие и некој кој нема ниту ден стаж.

Недоречености на законот за наствници?

Според претседателот на Синдикатот за образование и наука Јаким Неделков, овие измени оставаат сомнеж за партизација во образованието, иако како што додава вработувањата и сега не се наивни.

„Со новиот закон се вели прво вработување се прима на неопределено работно време, па после тоа се полага стручен испит, стажирање со ментор итн. Значи хипотетички јас како директор без разлика дали кандидатот одговара или не одговара на работното место ќе морам да го примам на неопределено, без да го знам каков работник е. Дали јас ќе го примам или ќе ми наложи некој да го примам, и подоцна можам да имам проблем со работникот дали тој совесно ја извршува работата“, вели Неделков.

Од Независниот синдикат за образование и култура пак сметаат дека во законот треба да стои одредба според која секој кој положил приправнички стручен испит треба да добие трајно решение за работа. Вака, вели Томислав Гиевски од овој синдикат, се остава простор за можни манипулации во селекцијата на просветниот кадар.

„Според измените се вели дека може да се трансформира работниот однос, што значи дека за едниот работник кој поради икс причини е поволен веднаш ќе добие трансформација на работниот однос, а другиот кој не ни се допаѓа, немал врски, пријатели или не бил партиски подобен, ќе чека за трансформацијата“, вели Гиевски.

Законот за наставници има и други недоречености, вели Гиевски според кој некои одредби различно се толкуваат.

„Во законот за наставници и стручни соработници има една точка која вели. Кога на јавен оглас ќе се јават повеќе кандидати, предност има лицето кое има повисок додипломски успех и повисок степен на образование. Што би значело дека ако се јави на оглас магистер со коефициент 9, тој треба да биде примен во однос на тој кој има 7, 50. Но и тоа во праксата не се почитува,“ истакнува Гиевски.

Наставниците дефицитарен кадар!

Во меѓувреме, наставниците стануваат дефицитарни, особено тие по природни науки. Оние кои немаат доволен фонд на часови, се принудени да работат во повеќе училишта. Неделков се надева дека новите измени ќе им помогнат на тие наставници да добијат трајно вработување.

„Предлогот предвидува трансформација и на оние кои имаат помал фонд на часови. Тоа е добро и треба конечно да се „скрасат“ луѓето, за да не се доведат во ситуација од септември да ги изгубат и тие часови коишто ги имале“, вели Неделков.

Измените на Законот за наставници и стручни соработници се во собраниска процедура од април лани и предвидуваат отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, вкупно 4.800 лица, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Законските измени овозможуваат професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG