Достапни линкови

Вие коментирате: За вакцинацијата и пописот - Од негативни, понегативни


Илустрација
Илустрација

Вакцините од АстраЗенека преку КОВАКС, изјавите на министерот Венко Филипче и неделното интервју со заменик-директорот на Статистика, Иљми Сељами, во фокусот на коментарите на читателите на РСЕ на социјалните мрежи

Радио Слободна Европа (РСЕ) информираше дека во земјава пристигнаа 24.000 вакцини „Астра Зенека“ преку Ковакс механизмот, а министерот за здравство Венко Филипче изјави дека вакцинацијата на приоритените групи граѓани почнува во среда и дека до крајот на идниот месец Македонија ќе добие уште 76.000 од нарачаните 100.000 дози.

Реакциите на посетителите на нашата ФБ страница, меѓутоа, се од негативни - понегативни.

Марјан Милевски постирал: „Човеков нешто згрешил со терапија. Денес стигнале денес почнуваш со вакцинирање. Или можда не се спремни за вакцинирање. До среда имаш уште 4.000 новозаболени“.

Николче Кузмановски пресметал дека „70 проценти од населението, значи скоро еден милион дози ни требаат за да го победиме вирусот. Тогаш овие бројки што ги кажува министерот се ништо, но секако се добредојдени“.

„И така по малце за едно 20 години ќе се вакцинираме сите, браво за Венко ....“ – го напишал своето мислење Оливер Јовески.

Една од ретките позитивни реакции е на Александар Обедниковски: „Среда среќно, аирлија нека е...“

Информациите на РСЕ за вакцинирањето на наши граѓани, како и од други држави во регионов, во Србија нашите посетители исто така ги коментираат со различни ставови. Повеќето го пофалуваат потегот на соседна Србија, како на пример, Тане Стрезо: „Државен и политички гест на Србија бр.1“.

Билјана Костовска реагира на негативните коментари во врска со заминувањето на наши граѓани во Србија за вакцинирање: „Секој си одлучува за себе дали ќе се вакцинира, можеме само да изразиме благодарност до Србија што ја има овозможено таа опција и за странски граѓани“.

Но, Димче Кизовски има негативен став спрема вакцината во соседната земја: „Зар до толку забегал народот, ќе се вакцинираат со вакцина на смртта, после кога ќе умрат, короната била причината, била во вакцината, глуп народ силна држава, што сакаат овие глобалисти и Соросови војници си прават со народот, браво“. Пецо Талевски смета дека „Никој во Србија не ја сака Астра... сеа удрете да ја потрошите на комшиите“. Зоран Мирчески со подбивен пост: „БиХ, Црна Гора, Албанија, ако разбери ВМРО тешко на Филипче“.

Апелот од министерот Филипче и од Комисијата за заразни болести граѓаните во наредниот период да бидат исклучително одговорни заради големата вирулентност на мутираниот вирус што го предизвика овој трет бран на новозаразени и трагични последици од Ковид-19, ја предизвикал Маја Малиновска да го постира следниов коментар: „Доста со алармирање до народот. Народот алармира до вас, да го слушнете. Треба вакцини, а не попис сега...“.

Сељами- нема да ставиме потпис на незаконски попис
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:22 0:00

Редовното неделно интервју на РСЕ овој пат беше со Иљми Сељами, заменик-директорот на Државниот завод за статистика. Тој покрај другото вели: „Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон“, а во врска со вмешувањето на партиската политика во закажаниот попис и повиците за бојкот.

Реакциите, вообичаено, обоени со политика и навлегуваат во меѓуетничките односи. Петре Николовски смета: „Вие живеете во туѓа земја, а ние во нашата, ете тоа е разликата, вие сакате наша територија ама нема да ви успее“. Седат Рушити му одговара: „Кој тоа живее во туѓа земја... Македонија е наша татковина, ние ја сакаме повеќе отколку што вие ја сакате...“. И Музафер Бајрами со здраворазумен коментар: „Мои сограѓани Македонци, ваков начин на изразување нѐ води во ќорсокак, Грците, Србите, Бугарите ве навредуваат и не ве признаваат, а вие нас нѐ уценувате...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG