Жените се рамноправни пред законот, но не се сите еднакви со мажите кога станува збор за наследување имот, бидејќи истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека и натаму има значителен број случаи кога тие отстапуваат од семејното наследство под притисок на менталитетот и традиционалните норми во општеството.
Според истражувањето насловено Правото на сопственост и наследничко право на жените во Полошкиот регион, изработено од Здружение Женски форум Тетово, над 68 отсто од анкетиранитe жени изјавиле дека нивната сопственост е регистрирана на име на сопругот, односно на таткото, додека само 13 проценти од семејствата рекле дека сопственоста е на име на жената и 7,7 отсто имаат заеднички имот.
„Состојбата е сосема затворена и се чувствува дека е некоја табу тема жените да зборуваат за своето право на имот и наследување. Особено е воочливо дека постои разлика меѓу жените од руралните средини и жените од урбаните средини кои се чувствуваат послободни да зборуваат за ова пршање“, вели Слаѓана Јосифоска – проектен координатор од Здружение Женски форум Тетово.
Во оваа насока, една од областите на кои работи Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) е правосудството, односно на проекти за зајакнување на капацитетите на судовите и обвинителствата.
Директорот на ГИЗ Давид Оберхубер во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, вели дека меѓу недостатоците на правосудството во земјава е и односот на судовите кон жените и третманот на маргинализираните групи.
„Кога зборуваме за правосудниот систем, треба да зборуваме и за третманот на маргинализираните групи, тука зборувам и за поголеми групи како што се на пример жените, кои во моментов се помалку фаворизирани од законот. Тука работиме со нотарите, на пример ако се работи за регистрирање на имот, жените да добијат повеќе можности за регистрирање на имотот, што ќе ги направи економски понезависни, а со тоа посилни во општеството“, вели Оберхубер.
Тој додава дека е многу важно да се инвестира во капацитетите на судовите и обвинитествата и оти ГИЗ во моментов работи на проекти за организирање обуки на судии и обвинители.
Јосифоска посочува дека жените се свесни оти имаат законски права, но според неа, не се осмелуваат да побараат остварување на тие права поради преовладувањето на традицијата, обичаите и конзервативната средина во која живејат.
Во истражувањето на Здружение Женски форум Тетово спроведено во 2016, 2017 и 2018 година, се опфатени 300 жени според методот на случајност и е спроведено теренски на 184 населени места во Полошкиот регион.
Нодите покажуваат дека 87 отсто од анкетираните жени немаат наследено имот од родителите, а оти нема посебни разлики ниту меѓу најголемите заедници вклучени во анкетата, македонската и албанската, и особено е потенцирано дека дури поалармантна е ситуацијата кај помалите заедници.
„Воочивме дека главните причини поради кои жените не го бараат остварувањето на ваквото свое право, иако не постојат никакви законски пречки, се да останат во добри односи со семејството, односно со куќата во која живее нивниот брат или татко“, вели Јосифоска.
Членот 9 од Уставот гласи дека граѓаните се рамноправни во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националноста и социјалната припадност, политичкото и религиозното убедување, имотната и општествената положба, а во Македонија има и посебен Закон за еднакви можности меѓу мажите и жените. Начелото на рамноправната поделба е потенцирано и во Законот за сопственост.