Достапни линкови

Ескалира насилството во Судан: Армијата во судир со паравоените сили


Луѓе се собираат на улица во источен Картум на 16 април 2023 година, додека борбите во Судан беснеат втор ден меѓу ривалските генерали
Луѓе се собираат на улица во источен Картум на 16 април 2023 година, додека борбите во Судан беснеат втор ден меѓу ривалските генерали

Во Судан се издигнува чад на небото, додека судирите меѓу армијата и паравоените сили беснеат веќе трет ден. Речиси 100 луѓе загинаа, вклучително и хуманитарни работници на ОН. Додека судирот ескалира, меѓународните тела упатија повици за прекин на огнот поради стравувања од поширок конфликт.

Луѓе со куфери движат низ улиците на Судан, додека чад се шири низ небото, се гледа на снимките од земјата на третиот ден од судирите меѓу суданската армија и паравоената РСФ, пренесува Ројтерс.

„Јас и мојот пријател останавме заробени на патот бидејќи војската почна да зазема многу патишта напред и тие ги проверуваат сите возила. Кога се обидовме да преминеме до нашето место, тие почнаа да го креваат пиштолот, а потоа побегнавме. Видете, војската е таму“, се гледа во снимката од Катрум на видео-блогерот Maheen S што ја објави Ројтерс.

Беснеат судирите во Судан, бројот на жртви расте
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Судирите во Судан меѓу армијата и паравоените сили на генералот Мохамед Хамдан Дагл продолжуваат да беснеат и денеска на 17 април, што е трет ден по ред. Речиси сто луѓе загинаа во борбите, вклучително и тројца хуманитарни работници на ОН.

Двете страни во неделата објавија дека го прифаќаат барањето на ОН за тричасовна „хуманитарна пауза“ за да се овозможи евакуација на ранетите, но се уште не е познато како точно се придржувале до договорениот прекин на огнот, пишува Би-Би-Си.

Германија денеска ги повика двете страни кои се борат во Судан да го деескалираат конфликтот, во кој загинаа најмалку 97 цивили, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.

За ситуацијата во Судан, каде што избувнаа борби меѓу армиските единици и противничките паравоени сили, е свикан кризен комитет, а комитетот внимателно ги следи случувањата, додаде портпаролот.

Чад над станбените згради во источен Картум на 16 април 2023 година, додека борбите во Судан беснееја во битките меѓу ривалските генерали.
Чад над станбените згради во источен Картум на 16 април 2023 година, додека борбите во Судан беснееја во битките меѓу ривалските генерали.

Лекарите предупредија дека ситуацијата во болниците во Картум е исклучително тешка и дека поради конфликтот медицинските работници тешко доаѓаат до ранетите. Според синдикатот на лекарите, досега загинале речиси 100 лица, а повеќе од 1.000 се ранети.

Главниот одбор на судански лекари објави дека се убиени 97 цивили и десетици припадници на безбедносните сили. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека во конфликтот досега загинале повеќе од 83 лица, а околу 1.100 се ранети.

„Уплашени сме, не спиевме 24 часа поради вревата бидејќи куќата се тресеше. Загрижени сме дека ќе останеме без вода и храна, и лекови за татко ми дијабетичар“, рече Худа, жител на Картум во изјава за новинската агенција Ројтерс.

Шефовите на американската и британската дипломатија, на состанокот на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) во Јапонија, на 17 април повикаа на итен прекин на насилството во Судан.

„Сите наши партнери силно веруваат во потребата од итен прекин на огнот и продолжување на преговорите“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Сателитски снимки на Planet Labs PBC покажуваат чад во близина на болница во Картум, 16 април 2023 година.
Сателитски снимки на Planet Labs PBC покажуваат чад во близина на болница во Картум, 16 април 2023 година.

Борбите што избувнаа во саботата меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и Силите за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагал, беа први откако тие ги здружија силите за соборување на диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.

Откако беше соборен Омар ал Башир, Судан е управуван од Советот на генерали.

Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за власт, додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.

Насилството избувна на 15 април по неколкудневни тензии околу патната карта за транзиција на земјата кон цивилно владеење. Една од главните пречки се плановите за интегрирање на РСФ со 100.000 војници во армијата и прашањето кој потоа ќе ги води новите сили.

Силите за брза поддршка, составени од членови на милицијата Џанџавид, беа обвинети за злосторства за време на долгата војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан, и се обвинети за вмешаност во задушувањето на бунтот против Омар ал-Башир.

Војската изјави дека нема да преговара со Силите за брза поддршка доколку тие не бидат распуштени.

Продолжувањето на конфронтацијата може да го втурне Судан во поширок конфликт, додека земјата се бори со економски колапс и племенско насилство.

XS
SM
MD
LG