Достапни линкови

И во енергетска криза училиштата последни би се затвориле


Училишта, протоколи за заштита од ковид19
Училишта, протоколи за заштита од ковид19

Владата денеска треба да прогласи кризна состојба во енергетиката. Минатата недела беше усвоен сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во пресрет на, како што се вели, тешката зима. Мерките треба да стапат во сила од 1 Септември. Какви мерки се планираат за училиштата во земјата?

Енергетската криза ги мобилизира и директорите и менаџерите на училиштата.

Ако досега за време на грејната сезона училиштата плаќале околу 200.000 денари, зимава ги очекуваат уште повисоки сметки.

Притоа во дел од училиштата низ земјава се уште се користи старо парно, а некои од нив се и со лоша изолација, поради што се приморани да користат дополнително и греалки , со што и сметките за струја што ги добиваат им се повисоки.

Граѓаните за препораките за штедење струја: Не сум вампир да готвам навечер
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Општините со различни планови за штедење

За тоа дали и како училиштата ќе се справуваат со енергетската криза од Министерството за образование велат дека дел од препораките кои ги донесе Владата за штедење се однесуваат и на општините и градот Скопје под чија надлежност се основните општински и средни училиштата и како што велат од таму „МОН упатува апел за нивно доследно почитување во посочениот период“.

Општините пак со различни планови.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари вели дека деновиве ќе се сретне со директорите на основните и средните училшта за да им се дадат насоки.

Дел од планот вели е да се рационализира греењето во училишните ходници и салите, без тоа да влијае на учениците и образовниот процес, а се разгледува и опцијата во некои од училиштата да се оди само во една смена.

„Ходниците да не се греат, да не се греат и спортските сали во деновите кога нема да се користат, на пример часовите по физичко да се држат три пати во неделата, во другите два дена да не се користи салата за да се рационализира греењето. Во некои училишта можно е само во една смена да одат учениците“, вели градоначалникот Таравари.

Сепак, според дел од експертите, овие мерки се краткорочни и се скептични дека ќе дадат некакви ефективни резултати.

Професорот Констатин Димтров вели дека спроведувањето на овие мерки зависи во голема мерка и од условите со кои располагаат училиштата.

„Ако имате во една училница по 12 деца може да ги групирате да бидат 24 до 30, но ако веќе имате 25 ученици во една училница не може да ги „згужвате“ 50 ученици во една иста просторија. Тоа зависи од условите во секо училиште. Во однос на одењето на една смена и да работат сите во оној период кога нема потреба од светлина, тоа значи на некој начин да се „згужваат“ учениците на некои 6-7 часа тоа е изводливо, но сепак е тешко и бара добра организација, бидејќи секој објект има посебни барања да го оствари својот технолошки процес на фунцкионирање“, вели професорот.

Градоначалникот на скопската општина Аеродром пак, Тимчо Муцунски вели дека неговата општина работи на инвестирање во енергетско ефикасни фасади на училиштата и градинките, со оглед на тоа што кризата ќе потрае.

„Што правиме ние како општина - сите основни училишта се поврзани на фотоволтаици, дел од градинките исто така се поврзани со наша инвестиција на фотоволтаици. Tие градинки што не се поврзани, неколку такви останаа, во следната година ќе набавиме и за нив фотоволтаици, а инвестираме и во нови енергетско ефикасни фасади во училиштата и градинките, значи се обидуваме да работиме на долгорочни решенија. Во никој случај нема да дозволиме кризата да влијае на образовниот процес“, вели градоначалникот Муцунски.

Потребни се долгорочни мерки

Професорот Димитров порачува дека потребни се долгорочни мерки со кои бенефит ќе имаат и училиштата, но и државата а тоа е инвестирање во енергетско ефикасни фасади и сончеви колектори.

„Наместо затполување со користење на лесно масло за ложење кое што е многу скапо да преминат на користење топлинска пумпа, која што троши три пати помалку енергија во однос на енергијата што ќе се ослободи од течното гориво, но и тоа пак е значителна количина електрична енергија, затоа постојано велиме веднаш да се направи интеграција на топлинска пумпа со сончеви колектори кои што ќе произведуваат електрична енергија на погон на колекторите, но тие се долгорочни мерки кои што треба да се преземат“, вели професорот.

Спомениците штедат, за крстовите нема криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Но на државата се чини не и се прироритет ваквите мерки.

Директорот на ОУ „Блаже Конески“ во Велес, Јованче Манасков на пример вели дека училиштето поднело барање до општината и до МОН за да се постават фотоволтаични системи, но вели процедурите се бавни и уште нема никаков одговор од надлежните.

„Значи ние имаме готов проект така што мислам дека МОН и Владата треба да се заангажираат и да ги земат овие проекти како приоритети. Ако ние поставиме фотоволтаични системи сами би произведувале електрична енергија, општината ќе има корист од тоа и нема да плаќаме сметка за електрична енергија. Ние сега во годишните планови за финансии мораме да двоиме дополнителни средства за електрична енергија бидејќи не стасуваат, наместо тие да ги искористиме за инвестиции за подобровуање на условите за уччениците“, вели директорот Манасков.

Долгорочните мерки како што се поставување фотоволтаици и во училиштата не само што ќе придонесат за заштита на буџетот на општините и на училиштата, туку ќе и донесат заштеда и на државата бидејќи помалку ќе се увезува енергија а освен тоа ќе придонесе и за заштита на животната средина.

Директорот на скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ вели дека неговото училиште веќе работи на заштеда преку разни чекори кои ги презема училиштето.

„Ние во фаза сме на замена на стари светилки со ЛЕД, оние што се неонски ги менуваме со ЛЕД, најверојатно ќе има исклучувања на оние светла коишто не се потребни за осветлување на училиштето, иако конкретно насоки немаме добиено. Во однос на грењето ние како училиште аплициравме и добивме на еден повик од МОН кој предвидуваше замена на проозорците и вратите во училиштето со кое требаше да ги замениме со поквалитетни, но со промена на министерот се закочи оваа процедура“, вели директорот на ОУ „Ѓорѓија Пулевски.

МОН - Училиштата последни би се затвориле

Сепак од МОН велат дека и во услови на енергетска криза доколку некои од општините побараат онлајн настава ставот на МОН е дека „во вонредни околности, училиштата последни треба да се затворат, а доколку се случи такво нешто, први да бидат повторно отворени“.

Од МОН додаваат дека ја следат состојбата и за какви било одлуки поврзани со наставата во училиштата, јавноста ќе биде информирана навремено.

На седница на Владата минатата недела беше усвоен сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во пресрет на зимата.

Целта е да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто споредено со истиот месец минатата година.

Мерките ќе бидат на сила од 1 септември до 31 март 2023 година.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG