Достапни линкови

Електраните на јаглен продолжуваат со екстремното загадување


РЕК Битола е најголемиот производител на електрична енергија во Македонија. Загадувањето од комбинатот е неколкукратно повисоко од дозволените граници во земјава.
РЕК Битола е најголемиот производител на електрична енергија во Македонија. Загадувањето од комбинатот е неколкукратно повисоко од дозволените граници во земјава.

Електраните на Западен Балкан се проценува дека од 2018 до 2020 година предизвикале околу 19.000 предвремени смртни случаи, според проценките на граѓанските организации. Меѓу нив е РЕК Битола, што е најголем загадувач во Македонија со емисии на сурфур диоксид од над 84 илјади тони годишно.

Електраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј во 2020 година загадувале со сулфур диоксид девет пати над дозволеното во земјава, а количини кои ги испуштиле се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид на сите електрани на јаглен во Германија, според новиот извештај на „ЦЕЕ Бенквоч“ мрежата и Центарот за истражување на енергија и чист воздух (ЦРЕА).

Емисиите на сулфур диоксид и натаму остануваат најголем проблем кога станува збор за емисиите на јаглен во земјава, се вели извештајот подготвен во соработка со граѓанската организација „Еко-свест“ каде е наведено дека двата оџаци на битолската електрана се најголем извор на сулфур диоксид во земјата, со испуштени над 84 илајди тони годишно.

„РЕК Битола е меѓу поопасните за здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања“, се вели во извештајот.

Загадувањето и натаму е високо над дозволените граници и покрај тоа што државата ја има пренесено во своето законодавство директивата на ЕУ за намалување на емисиите на опасни супстанци, како дел од предпристапните обврски за членство, односно преку Спогодбата на Енергетската заедница. Тие обврски предвидуваат Македонија до јануари 2018 година да ги има намалено емисиите од големите капацитети.

Побаравме одговор од РЕК Битола зошто електраните и понатаму загадуваат и покрај најавите за модернизација на капацитетите, но и зошто не се почитува Директивата за големите согорувачки капацитети? До објавување на текстот одговор не добивме.

Невена Смилевска од „Еко-свест“ вели дека во последните 10 години не е направен напредок во намалување на загадувањето од електраните на јаглен, а дека земјата и натаму е „сериозно зависна од јагленот“ како енергенс и покрај најавите за постепено напуштање.

„Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа“, вели Смилевска.

Според Смилевска, РЕК Осломеј треба да престане со работа без понатамошни одложувања, а РЕК Битола да ги намали работните часови за да намали дел од загадувањето.

Според Давор Пехчевски од „ЦЕЕ Бенквоч“, земјава има план за престанок на употребата на јаглен за што вели дека е пример кој треба да го следат земјите од регионот, но додава дека „работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето.“

Во извештајот на „ЦЕЕ Бенквоч“ се вели дека дополнителен проблем со електраните се емисиите на прашина (ПМ честичките), а дека двете електрани минатата година испуштиле 3.684 тони, што е повеќе од двојно повисоко од дозволените нивоа во земјава.

Со сличен проблем се соочуваат земјите од регионот како Србија, Босна и Херцеговина и Косово, каде електраните континуирано емитуваат неколкукратно повеќе сулфур диоксид од дозволеното.

Од „ЦЕЕ Бенквоч“ велат дека од 2018 до 2020 година се проценува дека само од електраните на Западен Балкан се предизвикани околу 19.000 предвремени смртни случаи.

„Скоро 12.000 од овие се предизвикани заради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи, што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски“, се вели во извештајот на „ЦЕЕ Бенквоч“.

Сепак, активистите наведуваат дека процесот на напуштање на јагленот треба да се изврши по принципите на праведна транзиција, а работниците и заедниците што зависат од работата на електраните да не бидат заборавени. Тие велат дека е потребно веднаш да се започне со изработка на планови за енергетска транзиција со сите релевантни страни, осовено со најзасегнатите заедници.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG