Достапни линкови

Најави за прогласување на „Езеро Треска“ за туристичка развојна зона


Езерото Треска кое е дел од Спортско-рекреативниот центар. Според Владата, со евентуалното прогласување на Туристичка развојна зона, комплекот Треска би добил можност да стане туристичка атракција.
Езерото Треска кое е дел од Спортско-рекреативниот центар. Според Владата, со евентуалното прогласување на Туристичка развојна зона, комплекот Треска би добил можност да стане туристичка атракција.

Владата разгледува барање од општина Сарај за комплексот „Езеро-Треска“ да биде прогласен како Туристичка развојна зона, според информациите кои ги добивме од владината прес-служба. Во меѓувреме, багерите започнаа со отстранување на старите објекти во спортско-рекреативниот центар.   

Општина Сарај на крајот на 2020 година доставила барање до Владата за Спортско-рекреативниот центар „Езеро-Треска“ да биде прогласен како Туристичка развојна зона, велат од Владата во одговор за РСЕ.

„Документот е проследен до надлежните министерства на разгледување. Кога за ова ќе биде расправано на седница на Влада, јавноста ќе биде информирана“, се вели во одговорот на Владата.

РСЕ побара информации до Владата, откако деновиве механизацијата започна со уривање на старите објекти во Спортско-рекреативниот центар Треска.

Багерите ги отстрануваат старите ресторани, кафулиња, бунгалови и тоалети, а властите на општина Сарај наредија сопствениците кои имаат камп приколки во комплексот да ги отстранат до крајот на февруари.

Стари приколки во СРЦ „Езеро-Треска.“ Властите на општина Сарај наредија сопствениците кои имаат камп приколки во комплексот да ги отстранат до крајот на февруари.
Стари приколки во СРЦ „Езеро-Треска.“ Властите на општина Сарај наредија сопствениците кои имаат камп приколки во комплексот да ги отстранат до крајот на февруари.

РСЕ побара одговори од Владата, откако градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети за медиумите изјави дека Спортско-рекреативниот центар „Треска“ ќе биде обновен и оти неговата општина обновувањето ќе го прави заедно со Владата. Беџети ги отфрли информациите дека на местото ќе биде изграден деловно-станбен објект.

За ваквото тврдење на Беџети од Владата ни ветија дека дополнително ќе ни достават одговор, како и на прашањето дали Владата по барање на општината го пренаменила земјиштето околу комплексот, од земјоделско во градежно?

Во дполнителниот одговор кој ни беше доставен се вели дека со одлука на Владата во јули 2019, е дадена согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план вон населено место за изградба на спортско- рекреативен центар Треска КО Глумово и КО Шишево, општина Сарај, велат од Владата.

Во однос на тоа дали се законски актуелните случувања во Спортско-рекреативниот центар „Треска“, како на пример отстранувањето на објектите, од Владата ни одговорија дека расчистувањето на приколките и другата опрема е надлежност на општина Сарај која е дадена со одлука на Град Скопје во 2011 година.

„Препорака на Владата е доколку во новиот урбанистички план се одреди локација за кампови, тие што биле редовни во плаќањето на закупнината до сега, да имаат предност доколку истите имаат интерес за земање на земјиште под закуп за кампови“, велат од Владата.

Спортско-рекреативниот центар „Езеро-Треска“, кој некогаш граѓаните на Скопје го платија низ самопридонес со кој беа изградени и голем број други јавни објекти, деновиве го испушта последниот здив и оди само во сеќавањата на скопјани.

Сѐ уште е неизвесно каков изглед ќе добие оваа локација, која неспорно е со исклучителна привлечност поради нејзините природни убавини.

Според Владата, со евентуалното прогласување на Туристичка развојна зона, комплекот Треска би добил можност да стане туристичка атракција за домашни и странски туристи и дека со тоа би се отоврила можност за привлекување на сериозни инвестиции и „пуштање во употреба на еден капацитет кој ќе ги задоволи потребите, не само на Скопје, туку на целата држава“, велат од Владата.

„Туристичката развојна зона би дала можност општината да привлече сериозни инвестиции, а стопанисувањето би било јавно-приватно партнерство со што се гарантира пристап на сите граѓани и подобри услови од сегашните.“

Поради загаденост на водата, езерото е затворено во 1998 година.
Поради загаденост на водата, езерото е затворено во 1998 година.

Инаку, градоначалникот на Сарај Блерим Беџети во изјава за медиумите исто така рече дека новиот изглед на СРЦ „Езеро-Треска“ е негово предизборно ветување и дека градежните работи се во согласност со урбанистичкиот план што претходно го донел Советот на општината.

На ваквото тврдење побаравме одговор и од Министерството за транспорт и врски дали го има одобрено Деталниот урбанистички план за кој тврди Беџети дека го донел Советот на општина Сарај, но до објавувањето на текстот од институцијата не добивме информации.

Спортско-рекреатицниот центар „Езеро-Треска“ е изграден во 1978 година на површина од 35 хектари, но поради загаденост на водата на езерото тој беше затворен во 1998 година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG