За комбинаториките на партиите од албанскиот блок за претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 12 април веќе на големо се коментира на социјалните мрежи. Дилемите се дали ДУИ ќе се здружи со коалицијата на СДСМ и на БЕСА и дали на нив друштво ќе им прави коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива или пак, нивните гласови ќе отидат на контото на ВМРО-ДПМНЕ. ДПА пак воопшто не влегува во математиките.
Ситуацијата сега е различна од сите претходни изборни циклуси бидејќи сега има коалиција меѓу СДСМ и БЕСА, како и коалиција која се бори против ДУИ, составена од Алијансата и од Алтернатива, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу. Според него, првичните анкети покажуваат дека оваа коалиција може да добие повеќе пратеници од ДУИ.
„Значи конфигурацијата политичка е сосема различна од претходните циклуси на парламентарни избори и начинот на коалицирање пред се ќе зависи од две работи. Прво каков ќе биде резултатот на ДУИ наспроти Алијансата што ќе покаже кој ќе биде партнерот од страна на условно кажано албанскиот кампус. И второ, битката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе го детерминира другиот елемент на оваа равенка. Секако тука треба да се има предвид дека гласовите на БЕСА директно ќе одат на контото на СДСМ и ќе му даде некоја почетна позиција, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја нема бидејќи ниту една албанска партија не би коалицирала со неа, барем не пред избори“, вели Небиу.
ДУИ на последните парламентарни избори во 2016 освои најмногу пратеници,односно 10. Додека останатите три партии од албанскиот блок заедно имаат толкав број на пратеници. БЕСА има два пратеника, а Алијансата за Албанците и Алтернатива по три. Бројките покажуваат дека ДУИ освоила 86.796, а останатите заедно собрале 92.989 гласови. ДПА која ги поддржа политиките на СДСМ но не е во коалиција со владејачката партија има два пратеника и освоено 30.964 гласови.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека СДСМ и БЕСА најверојатно ќе имаат доволно гласови за да формираат Влада.
„Јас очекувам дека сите албански партии би биле расположени да соработуваат со оваа коалиција на СДСМ и на БЕСА. Дали е тоа целта и на овие две партии во овој момент не сум сигурен. Мислам дека СДСМ и БЕСА изиграа извонредно бидејќи знаат дека самостојно не може да направат поголем успех против ДУИ затоа што тие во најмала рака имаат сигурни гласачи, како што ги имаат и ВМРО-ДПМНЕ. Но, во оваа ситуација мислам дека многу елегантно ДУИ може да не биде дел од наредната Влада, но да почекаме. Алтернатива и Алијансата ќе бидат многу поблиску до коалиција по изборите. За ДПА сметам дека нема некој коалициски капацитет, бидјеќи нема да постигне некој позначаен успех“, смета Дујовски.
Дали ВМРО ДПМНЕ готви коалиција со Алијансата?
Најголем дел од коментарите се однесуваат на можните коалиции на СДСМ, но има и такви кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува коалиција со Алијансата за Албанците.
„Кои се сега комбинаториките? ДУИ до сега речиси секогаш пред избори кажуваше со кого коалицира а сега освен ситни препукувања со СДСМ не коментира за предизборната коалиција на СДСМ и БЕСА. Нешто се готви во албанскиот кампус“.
„Заев шурува со сите албански партии. Мицко шурува со сите албански партии. Најтивко е само во Гостивар ама се збори дека Мицко идел кај зоти Таравари на тајни муабети за да прават нешто како зајко и БЕСА што направија“.
„Глумат албанските партии дека се закарани со Заев. Особено Ахмети. Таа коалиција не пропаѓа. Само Ахмети чека да види колку СДСМ и БЕСА ќе успеат да освојат заедно и после кога ќе им фалат пратеници за влада ќе почне пазарењето“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Дујовски не верува дека гласовите на ДУИ ќе бидат пресудни за формирањето на идната македонска Влада.
„Нивните министри во сегашната Влада направија многу повеќе штета за евроинтегративните процеси на држата отколку што помогнаа. Време е ако треба сите албански партии минус ДУИ да ја формираат идната Влада“, додава тој.
Небиу вели дека би сакал да види сценарио ДУИ да има приближно ист број на гласови со коалицијата на Алијансата и Алтернатива.
„Дали во тој случај македонските партии ќе се повикаат на принципот победник со победник или дали ќе направат некоја различна комбинаторика. Ако ги видиме гласовите од претходниот изборен циклус ДУИ имаше околу 86 илјади, а останатите околу 230 илјади. Значи ДУИ нема апсолутно мнозинство од тие гласови“, порачува тој.
Портпаролот на Централниот изборен штаб на ДУИ Бујар Османи изјави дека за прашањето на коалициите ќе се разговара по изборите, откако граѓаните ќе одлучат кој има право да формира коалиција.