И нашава земја ја зафаќаат сè повеќе пожари, но барем, според коментарите на нашата ФБ страница, граѓаните како да не се многу загрижени за тоа. Ја напаѓаат државата. Гори кај Катланово, Пробиштип и Карбинци, во село Војница, Велешко, за каде надлежните апелираа до граѓаните доброволно да помогнат бидејќи, како што велат, „станува алармантно“.
Сашко Ристовски прашува: „Каде е платената војска, зошто земаат пари?“, а Борјан Стојчевски му нуди одговор: „За да легаат“. Мир Че прашува: „Каде е дирекцијата за спасување“, а Зоран Зоко Тодосиев напишал: „Какви доброволци, платете луѓе, бре... греота што гори, а нема пари за пожарникари“. Исмаил Ајдиноски смета дека е срамота што државава бара доброволци за помош при гаснењето на пожарите и додава: „Државава молчи, ни авион за гаснење ни ништо... до кој степен дојдовме“.
По најавата дека денеска ќе штрајкуваат просветните работници, Кристијан Тодоровски контра нив: „Јас мислам дека треба штрајк за поквалитетни учители, бидејќи овие се ништо повеќе од помножени со нула (0). Мнозинството“. Кристијан Трајков, пак, ги прашува: „Зошто не штрајкувате на распустот, да ве прашам?“ Калеша Македонска оди подлабоко: „Секој септември исто, бла-бла-бла, цело лето оти не штрајкувате, а кога ќе почнете со работа прво ќе ги разгледате опциите за екскурзии“. Потпишан со Трајче Трајковски смета дека штрајковите се џабе, „а тие зошто веруваат на лагите што секојдневно ги кажуваат од владејачката гарнитура“.
Изборот на новите министри и заменици министри во Собранието ги обнови препукувањата меѓу опозицијата и власта, особено за економијата. Тоа беше шанса и да се побара оставка од премиерот Зоран Заев. Според ВМРО-ДПМНЕ не се остварени најавите на власта за економска офанзива, а од СДСМ реагираат дека растат странските инвестиции. На социјалните мрежи, Силвестер Ќосев коментира: „Министри полуписмени, заменици неписмени, директори и заменици што не одат на работа, во суштина, не ни знаат што им е работата... Ниту Дубаи, Бахреин или некоја земја полна со нафта не може да си дозволи таков башибозук “... Менче Ристова уште поналутена: „Сите сте мафијаши, да ги полните џебовите ваши, а за народот не мислите со какви пензии и плати живее. Арамии!“ – извикува на крај Менче Ристова. Лута Ахмети порачува дека „ВМРО треба самата да си даде оставка и да се донесат нови луѓе кои немале апсолутно ништо со Груевски и Мицкоски. Сигурно дека и таму има умни и добри луѓе, не може криминалци да бараат од Заев оставка“, а, пак, Игор Вики Магероски се чуди: „Каква е оваа држава со ваков народ, читам“, вели, „уште ја браните неспособнава влада“.