Достапни линкови

Дигитализацијата нема да ја намали јавната администрација


Илустративната фотографија.
Илустративната фотографија.

Бизнис заедницата бара да се намали бројот на вработени во јавната администрација наместо да им се воведуваат нови даноци. Новиот министер Азир Алиу најавува дигитализација, а сепак смета дека има недостиг од луѓе во јавниот сектор. Можни ли се реформи за вработувања според заслуги?

И покрај плановите на Владата за дигитализација и повиците од бизнис заедницата за намалување на вработените, јавната администрација во Северна Македонија нема да се намалува.

Според министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, се уште има недостиг од луѓе во јавниот сектор. Проблемот, смета тој, лежи во недостигот на опис на работните места за многу вработени, што го отежнува одредувањето кој е одговорен за какви задачи врз основа на нивното образование.

Алиу вели дека барањето на ЕУ за реформи во администрацијата се однесува на одговорноста во институциите, а не на отпуштања. Додава и дека ЕУ ја нагласува потребата од сеопфатна анализа пред да се донесат одлуки за бројот на вработени.

„Проблемот за оптимизација на јавната администрација не е бројката, туку систематизацијата внатре. Ако денеска имате пет луѓе кои имаат ист опис на работното место, тогаш не ви требаат тие пет и најверојатно на тројца ќе треба да им дадете да работат нешто друго. Исто така ЕУ инсистира да не се дуплираат процесите“, вели Алиу.

Неговиот став е дека експертите и Европската унија не поставуваат услов со бројки, ниту со проценти, туку како што вели да се знае зошто вработените постојат во институциите, кој им е претпоставен и каде даваат извештаи за нивната работа.

„Вториот момент е да не се дуплираат институциите. За жал, според сегашните закони кои ги имаме, може да се креира институција со политичка желба. ЕУ бара јасно дефинирани правила како се креираат нови институции, но и како се укинуваат“, вели Алиу.

Но, според проценките на Центарот за управување со промени бројот на вработени во целокупниот јавен сектор е голем. Според организацијата бројот на вработени во јавната управа треба да се намали, како и да го следи процесот на реорганизација.

„Реорганизацијата е еден процес кој веќе тече и требаше да ги реорганизира и министерствата и воопшто институциите секториски, и отткука ќе дојдеше до рационализирање на одредени институции и на работните места. Ние сметаме дека ова е неопходно ова стоеше и како заложба, и на оваа и на претходната Влада, кои наведоа дека имаат намера за 20 проценти да се намали бројот на вработените во јавниот сектор. Ова може да се направи и по природен одлив на вработени. Значи не се потребни специјални мерки, како на пример оние кои беа претходно предлагани како трансфери во приватниот сектор“, вели Искра Белчева - Ристовска од Центарот за управување со промени.

Сепак Белчева - Ристовска додава дека дигитализацијата не мора нужно да значи намалување на работните места во јавниот сектор. Дигитализацијата не значи само автоматизирање на процеси што ќе ги исклучи човечките активности, а од друга страна вработените ќе мора ги зајакнат своите дигитални познавања.

Иако бројот на вработени е намален за 2.714 луѓе во споредба со 2021 година, повиците на бизнис заедницата се дека е потребно дополнително кратење.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски вели дека државните институции исто така треба да се фокусираат на нерационалните трошења, бидејќи бележат длабоки минуси во работењето.

„Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства па да се продуцираат нови даноци за прибирање на нови пари“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски.

Ангелоски – Цените на храната нема да се вратат на преткризно ниво
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:54 0:00

Тој смета дека тука треба државата да интервенира наместо да воведува нови даноци како данок на солидарност за бизнис секторот, кој и така го полни буџетот и ја плаќа гломазната администрација.

Вкупниот број на државни институции во Северна Македонија се 1.354. Од нив 60,7 отсто се на локално ниво, а 39,3 отсто на државно.

Дел од јавниот сектор се Владата со сите институции: здравството, образованието, правосудството, јавните претпријатија и општините.

Најголем број на вработени има во образованието, каде работат 34 отсто од вкупниот број. Во здравството вработени се 18 проценти, во секторот управа 13, во комунални работи 9 и во труд и социјала 7 отсто. Во правосудството има 2 отсто вработени.

Според Алиу, Европската унија инсистира на дигитализацијата и на јасното дефинирање на работните позиции, како дел од потребните реформи во јавниот сектор. Тој додава дека стратегијата за реформата на јавната администрација ќе биде изработена набрзо, а дел од неа се донесување на законите за јавна администрација, законот за плати во јавниот сектор, закон за административни службеници, закон за вработени во јавен сектор и други.

Решенијата треба да дојдат откако законите ќе бидат донесени, на пример планот е вработување според заслуги – систем кој треба да ги селектира најдобрите кандидати, вели Алиу.

Според извештајот на Европската унија за напредокот на Северна Македонија во 2022 година, земјата само умерено напредувала во реформата на јавната администрација, не успевајќи да ги спроведе препораките од претходната година.

И покрај усвојувањето на новата програма за реформи во управувањето со јавните финансии за 2022-2025 година, усвојувањето на законодавството за органите на државната управа и управувањето со човечките ресурси е одложено, се вели во извештајот.

Во него се додава дека со реформите треба да се подобри управувањето со човечките ресурси и да се обезбеди регрутирање, унапредување и отпуштање врз основа на заслуги, вклучително и на ниво на повисоките раководства.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG