Ако аплицирате електронски за вадење извод од матична книга на родени или венчани на пример, сепак ќе мора да го подигнете во хартиена форма. Така, ако одлучите да го земете од подрачното одделение на Управата за водење матични книги во Ѓорче Петров, тогаш ќе треба да стигнете до еден објект што се распаѓа, попознат како Матичното. Откако ќе свртите неколку круга околу бараката во обид да го најдете шалтерот, добро е да сфатите дека документите се земаат меѓу решетките, оние на сликата погоре. Па така, додека газите по тревата и се подигате за да си го земете парчето хартија за кое е аплицирано електронски, си заминувате дома задоволни дека сте завршиле работа, и зачудени бидејќи во 21 век, дигитализацијата се уште не стигнала до оваа скопска општина. И не само тука.
Кога Станиша Станковиќ од Кавадарци оваа академска година се запишуваше на факултет во Скопје, реши да аплицира електронски. Но тука почнале проблемите. Прво, неопходно било во хартиена форма да го подигне изводот од матичната книга на родени, за кој аплицирал електронски. А потоа, истиот тој извод да го скенира за да го прикачи како електронски документ во пријавата. Исто така и пријавата за упис ја купил од книжарница во главниот град, бидејќи недостапна била опцијата таа да се пополни и плати електронски. Па потоа и ја скенирал, прикачил со останатите документи и конечно успеал да ја прати. Кога пак се работи за аплицирање за работи како студентска стипендија или легло во студентски дом, тогаш повторно е потребно да се дојде во Скопје, вели тој. За секој случај.
„Се најчесто се пријавува електронски, но повторно студентите или учениците ги носат до Министерството за образование и наука, од чиста причина што секогаш електронската апликација не стигнува до министерството и може при апликацијата на било кој конкурс да останат нерангирани. Тоа се случува на пример за апликација за студентски или ученички дом, тука може да останат без легло во домот. А што се однесува и до останатите работи аплицираат електронски и ги носат со физичко присуство“, вели Станковиќ.
Единствено, без да треба да излезе од дома успеал да аплицира за субвенцијата за студентски оброк, каде забележува дека имало детално појаснување како да се прикачат документите. Вели дека голема помош би било доколку услугите навистина се дигитализираат, за да нема потреба од трчање по шалтери и банки.
„Дигитализацијата на услугите би биле од големо значење за учениците и студенти, да не одат во главниот град, односно цела апликација да ја прават по интернет. Со тоа би се олесниле и услугите и времето на аплицирање во даден временски рок, затоа што доколку се вадат документи, доколку се носат во Скопје, се тоа одзема временски рок и дополнителни финансиски трошоци“, додава студентот.
Во екот на пандемијата, сепак Министерството за образование беше меѓу институциите оние кои што се обидоа да направат чекор напред во однос на достапноста на е-услугите. Меѓутоа, и покрај добрите желби, ова не секогаш беше успешно. Така на пример, минатата година за првпат електронски се аплицираше за упис на прваче. Според првичните најави, ситемот сам требаше да го препознае изводот од матичната книга на родени, според матичен број. Ама, не само што тоа не се случи, туку на крајот најголем дел од родителите кои аплицираа електронски, си поднесоа документи и лично во избраното школо.
Е-услуги во хартиена форма
Непосредно пред почетокот на пандемијата, во земјава беше пуштен Националниот портал за е-услуги. Ова беше голем чекор во однос на дигитализацијата. Целта беше преку еден портал, граѓаните и фирмите, користејќи свое корисничко име, лозинка и дигитален сертификат, да имаат пристап до сите услуги од сите институции. Првичата бројка беше 127 електронски услуги. Две години подоцна, бројката на услуги порасна за едвај шеесетина, а меѓу кои ги нема тие што им се најпотребни на македонските граѓани.
Така истражувањето во 2020 година, направено од Центарот за управување со промени (ЦУП) кој го ја следи работата на порталот, го рангираше од 1 до 5 нивото на софистицираност на е-услугата. Оние работи за кои според нивните наоди најмногу се интересираат граѓаните, како запишување во книгата на родени, државјанство, вадење пасош и лична карта, но и услуги од типот на доделување ученичка стипендија или утврдување данок на имот, не добија ни доволен два. Двојка, појаснува Искра Белчева-Ристовска од ЦУП, значи дека за услугата само се наведени информации на порталот, но таа не може електронски да се спроведе.
„Она што сакаме ние да го добиеме е да се дигитализираат што повеќе од дата базите на институциите, да може само да побараме со нашиот матичен број и да ја добиеме услугата било како информација било како документ. Се стремиме кон целосно електронска трансакција на услугите, односно кога вие ќе ги имате на порталот достапни и барањата, кога ќе можете директно тука да го пополните, да платите, да стигне до институцијата и да се врати како електронски документ“, појаснува таа.
Според нивното истражување, ако се земат во предвид сите услуги, просечното ниво на софистицираност e 3,72. Највисокото ниво петка го нема ниту една услуга. Ова, би значело дека системот сам препознава кога корисникот треба да направи нешто и го известува. Како на пример дека треба да го запише во книгата на родени своето новороденче. Белчева вели дека во однос на дигитализацијата сме во чекор со случувањата во регионот, но изминавата годинава каска во место напредокот на порталот за е-услуги.
Сериозна забелешка упатува и за тоа што иако системот дава опција дел од документите да се добијат електронски по мејл со впишан кјуар код, повторно се јавува проблем. Последен пат кога вака пробале да извадат Извод на родени, системот ги одбил. Дополнително, забележува, и правните ентитети меѓусебно не ги признаваат е-документите.
„Што значи тоа во пракса? Кога одите во банка, не би требало да ви бараат хартиен извод од книгата на родени или венчани, а тие ви велат не може ваков електронски бидејќи не го препознаваат документот. Или на пример кога одите во државните органи да поднесете нешто за лиценца, барање или како било, тие ви бараат хартиена уплатница наместо електронска уплата која самите ќе си ја проверат, и тука е најголемиот проблем“, забележува истражувачката.
За електронско аплицирање на порталот потребно е да се има т.н. eID профил на ниско ниво, преку постоечка корисничка сметка од УЈП. Ако таква сметка корисникот нема, ќе треба да оди на т.н. шалтери за една точка на услуги и да побарате му издадат електронска идентификација. И оваа можност била недостапна кога ја проверувале лани од ЦУП, вели Белчева.
Пандемијата како пропуштена шанса
Пандемијата дополнително ја покажа потребата од дигитализација на услугите. Додека голем дел до приватниот сектор се адаптираше на промените, во јавниот сектор нештата одат побавно. Или, како што појаснува комуникологот Бојан Кордалов, од една страна имаме скратено работно време на администрацијата поради пандемијата и скратен прием на странки, а во исто време споро оди процесот на дигитализација. Тоа, додава, создава нетрпеливост или разочарување кај дел од граѓаните.
„Мислам дека пандемијата ни покажа дека всушност многу помалку треба да работиме само на стратегии, многу повеќе на конкретна примена на алтернативи за комуникација и за вклучување на граѓаните и во процесите на одлучување и за добивање на јавните услуги. За жал, според моја проценка, иако има голема волја и официјални изјави од политички претставници дека се залагаат за процесот на дигитална трансформација, се уште се докажуваме зошто ни е истата потребна“, вели Кордалов.
Во моментот на Националниот портал за електронски услуги има 50 комплетно електронски услуги за кои можат да аплицираат граѓаните. На него може да се најдат информации и за околу 800 услуги. Има 65 534 регистрирани корисници, што е само околу 4 отсто од полнолетното население. Најпопуларниот е-документ периодов, сертификатот за вакцинација, не може да се извади на овој портал, туку е потребно ново логирање со друга лозинка и на друг сајт, вакцинација.мк.
Според Кордалов, колку се подостапни услугите, толку ќе расте и бројот на корисници и приврзаници на дигитализацијата. Сепак укажува, таа мора да биде избор плус, а не извор на страв.
„Демократијата се води по тој принцип. Дури и има еден процент, можеби десет проценти од луѓето што сакаат (дигитализација) треба да им го овозможите тоа. Исто како што дури и да има 10% што ќе останат тоа да го прават на хартија, вие треба да им го овозможите тоа. Затоа велам дека дигитализацијата е можност плус, меѓутоа во мометов не се нудат сериозни и комплетни решенија во целост и затоа не можеме да констатираме дали граѓаните ја сакаат, затоа што се уште се на потег јавните институции да го овозможат тоа и да подадат рака“, заклучува тој.
И статистиките одат во полза на дигитализацијата. 84% од граѓаните на дневно ниво користат интернет, а над 2/3 социјални мрежи и секојдневно се онлајн.
135 нови електронски услуги
Од Министерството за информатичко општество за Радио Слободна Европа посочуваат дека процесот на развој на електронски услуги е континуиран и долготраен, и не секогаш лесен. За нив сега е важно е да ги идентификуваат услугите кои се најбарани, но истовремено да се направи анализа колку е изводливо тие услуги да се дигитализираат за кратко време. Ова додаваат, зависи од ИТ спремноста на институциите кои ги даваат услугите.
„Моментално соработуваме со Министерството за внатрешни работи, со цел во март месец да овозможиме на Националниот портал 24 електронски услуги од МВР. Соработуваме и со други министерства во делот на развој на електронски услуги“, велат од МИОА.
Информираат дека преку ИПА проект се работи на развој на 135 нови електронски услуги. Шеесетина од нив очекуваат да бидат поставени на Националниот портал пред септември годинава, меѓу кои и услуги од Фондот за пензиско осигурување, Фармацевтската комора, Агенцијата за храна и ветеринарство.
И од Министерството за внатрешни работи велат дека процесот е во тек. За таа цел во текот на 2021 година биле изготвени изменувања и дополнувања на шест закони во нивна надлежност, за усогласување со процесот на дигитализација на другите законски процеси. Овие измени сега се во собраниска постапка, како што е предлог законот за изменување и дополнување на законот за патните исправи, законот за личната карта, за државјанството итн.
„Во таа насока ве известуваме дека процесот на анализа на потребата и можноста за дигитализација на други услуги во надлежност на МВР не е завршен. Имено,како резултат на таа анализа постои можност за дигитализација и на други процеси што ги спроведува МВР, што ќе има за последица евентуална измена и на други закони од надлежност на ова министерство“, се наведува во одговорот од МВР.
Како посериозен вовед во дигитализацијата во 2019 година беа претставени Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Како што најави тогашниот министерна МИОА, Дамјан Манчевски овие закони гарантираат конечна дигитализација на јавниот сектор.
„Резултат од имплементација на овие закони е елиминирање на сите бирократски чекори, шетања по шалтери, чекање во редици за добивање на документ. До услугите ќе не делат само неколку кликови“, се тврдеше тогаш.
Три години подоцна, потребно е многу повеќе од само неколку кликови, за да се добие е-услугата.