„Ќе го преполовиме времето потребно за вадење на личните документи и ќе ги елиминираме долгите и хаотични редици. Овие услуги ќе влезат во приоритетните за електронско издавање“.
Овој кус извадок е од програмата на СДСМ План за живот со која настапија на изборите во 2016 година. Пет години подоцна редиците за вадење лични документи пред центрите на МВР се уште ги има.
Министерството за внатрешни работи одлучи два пати месецов да прави пауза во издавањето на лични документи. Прво од 11 од 15 јуни поради како што соопштија надградба на системот за лични документи, а потоа од 23 до 27 јуни поради миграција во нов систем.
Овие паузи, по година на пандемија во која граѓаните речиси и немаа можност да ја напуштат државата, а поради тоа и немаа потреба од пасоши, создаде турканици пред центарот за издавање на лични документи во Македонската радио телевизија. Портпаролот на МВР Тони Ангеловски за ажурирањето на системот се повикува на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија кој стапува во сила на први јули и според кој на пасошите треба да го има новото име.
„Нема потреба од турканици, слободно дојдете, службите работат и попладне и навечер“, тврди Ангеловски.
Но, надвор од овие турканици до кои дојде сега, владејачката партија во програмата ветуваше и дека „вадењето на личните документи на граѓаните ќе стане обврска која ќе се извршува лесно и брзо, а не со протекционизам и корупција“.
„Ќе обезбедиме целосно електронско издавање на 50 најчесто издавани потврди или документи. На секои шест месеци, ќе се зголемува за 10 отсто бројот на е-сервиси кои институциите им ги нудат на граѓаните“, се наведува во програмата План за живот од 2016 година.
Ако отидете сега на порталот Е-услуги во делот електронски услуги ја пишува бројката 50.
Сепак, Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС, која врши мониторинг на системот за вадење документи по електронски пат, вели дека не може да се каже дека не е ништо сторено во тој поглед, но дека тоа ни од далеку не е доволно.
„Се јавуваат многу системски проблеми, особено при издавање на документи, дозволи, значи прво граѓанинот мора да појде физички таму, второ немаат систем на идентификација, немаат институционално поврзување освен кога сакаат тие, а и позадинската припрема на администрацијата за дигитализација не е направена, значи самата дигитализација на документи“, вели Цветкоски.
И додека пред скопските центри за издавање лични документи може да се забележат турканици, некои земји пак и пасошите ги издаваат електронски. На пример во Велика Британија постои можност сами да се фотографирате за пасош, да ја поднесе апликацијата заедно со фотографијата онлајн а пасошот да го добиете по пошта. Уште едно ветувањето од програмата на СДСМ беше поврзано со електронските апликации кои би требало да ги намалат турканиците во институциите, па во Планот за живот се ветуваше дека
секој граѓанин ќе добие единствен дигитален потпис по урнекот на скандинавските земји.
„Скандинавските земји поарно да не ги споменуваме во овој контекст бидејќи е смешна споредбата. Кој ќе ја натера администрацијата кај нас сето тоа да го прави, таа не е реформирана... “, вели Цветкоски.
Инаку, според последните податоци, вкупно услуги кои ги има на порталот се 791, во полето електронски услуги пишува 50, а поднесени досега се 13 009 барања.