Ако го собереме бројот на жители на сите земји од регионот на југоисточна Европа во целост би добиле бројка од околу 42,3 милиони жители, население кое е мултинационално, мулти-конфесионално и распослано на релативно голема територија. Но тоа што е најважно, со силни меѓусебни емотивни врски, од силни симпатии до силна омраза. Но, да се мрази е едноставно кога ги немате никакви познавања за другата страна.
Работејќи повеќе од 20 години на креирање и имплементација на младински политики, посебно фокусирани на помирување и иницирање на соработка во регионот на југоисточна Европа, можам слободно да кажам дека кај значаен дел од младата популација постојат јасно изразени стереотипи и предрасуди за другите во регионот.
Во сите овие години ми лебди прашањето дали овие млади луѓе доволно се познаваат, дали тие силни емоции се базирани на лични искуства или се рефлексија на: дневнополитичкиот наратив, историските случувања или како дел на медиумското претставување на другите?
Пред да донесам било каков заклучок би сакал да споделам со вас дел од личните искуства што ги стекнав учествувајќи во тимот кој што повеќе од една година ја имплементира иницијативата за основање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Грција.
На самиот почеток на иницијативата во 2018 година спроведовме истражување за да ги дознаеме перцепциите на младите од двете страни на границата едни за други. Со истражувањето беа опфатени млади (16-29 години).
Од мноштвото добиени информации во оваа прилика би сакал слободно да ви ги интерпретирам следниве:
Скоро 60% од младите Грци опфатени со истражувањето никогаш не патувале во соседната држава. Додека пак скоро 85% од младите Македонци веќе ја имаа посетено Грција.
Од младите кои што ја посетиле соседната држава, незначителен е бројот на тие што можат да кажат дека познаваат некого или имаат пријатели во соседството а уште е помал бројот на тие што ги познаваат реалните потреби и животните прилики на младите од соседната држава. Најчесто младите од Грција само на пропатување кој некоја друга држава од регионот имале прилика да ја поминат северната граница, додека за младите од нашата држава Грција е само дестинација за летен одмор и шопинг.
При спроведување на активности директно со целната група, младите, заедно со моите соработници сме добиле одговор од млад човек дека не ги сака оние од другата страна на границата бе з да каже причина за таквиот став, и без да познава никого од таму.
Можам слободно да заклучам дека, младите од двете држави не се познаваат меѓу себе, развиваат емоции за другите базирано на информациите што им се пласирани во општествата во кои што живеат. Неопходна е потребата од создавање на платформа за комуникација и запознавање на младите соседи.
Она што посебно радува е дека перцепциите кај младите за соработка после потпишувањето на Преспанскиот договор се забележително изменети на подобро, а главно недостигаат алатки за реализација на соработката.
Ние, како младински работници, мораме да работиме на креирање на платформи за регионална соработка и поврзување. Токму затоа работиме на воспоставување на младинските канцеларии за билатерална соработка. Контакт точките во Флорина и Валандово во засега покажуваат дека се една одлична алатка за поврзување, но и за рушење на стереотипи и предрасуди кај младите од двете страни на границата. Моделот по кој се водиме е оној помеѓу Германија и Франција по Втората светска војна. Тој е дел од познатиот Елисејскиот договор, а веќе се покажува дека тој може да се адаптира и примени на билатерална основа за градење на соработка и доверба помеѓу младите од целиот регион регион.
Ние, тимот на Младински Сојуз – Крушево, заедно со партнерите од Грција работиме на воспоставување на билатерални канцеларии кои претходно ги наведов. Доколку успееме, а искрено лично се вложувам и надевам во успех на овој проект, тој може да се употреби како модел за помирување помеѓу државите од регионот кои што се или не се во ЕУ, заедно со регионалните иницијативи со сличен карактер (Регионалниот совет за соработка, Регионалните канцеларии за младинска соработка итн).
За жал или за среќа, зависи, реалните прилики не наликуваат на видео игрите во кој се заробени нашите млади притиснати измеѓу онлајн наставата и полицискиот час, па да можеме со еден клик нашите држави да ги пренесеме во некој друг регион од Европа имајќи привилегија да ги бираме соседите. Ние сме тука, едни до други, но и едни покрај други и мора да градиме одржливи меѓусебни релации градени врз взаемно познавање. Општествата во регионот се поврзани и функционираат како сврзани садови, па добрите и лошите нешта можат многу лесно да преминат од едно во друго општество. Без стабилно опкружување не е можен просперитет на ниту една држава без разлика на тоа дали е членка на ЕУ или е само претендент за тоа.
Политичарите од регионот мора да соберат повеќе храброст и за напредокот на целиот регион што побрзо да прифатат компромиси, помирување и градење на заедничка иднина. Барем еднаш да бидеме како регион на време да го пресретнеме и да се спротивставиме на цртањето на нови политички мапи од страна на други актери. Истите е неопходно да бидат многу похрабри и поподготвени да носат одлуки во интерес на своите општества, но и во интерес на балканскиот регион како дел од Европа. Но, пред сѐ да разберат и прифатат дека нивните одлуки ја трасираат сегашноста и иднината на сите млади луѓе и токму од тоа зависи дали младите масовно ќе се иселуваат од нашите земји или, пак, ќе го запреме и промениме тој процес. Изјавата на европратеникот и известувач за Северна Македонија Илхан Ќучук од минатата недела за билатерални младински совети дава надеж дека во креирањето на заедничката иднина на регионот сепак ќе им се додели улога и на младите, нешто што ретко се слуша од политичар, наше е да почекаме и да видиме дали и како ќе се влезе во имплементација на презентираната идеја.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.