Достапни линкови

Гордана Винчиќ: Човечката душа е неистражен континент


Гордана Винчиќ, уметница и авторка на книгата „Тој и јас“
Гордана Винчиќ, уметница и авторка на книгата „Тој и јас“

Со желба да ја сподели автентична животна приказна на својот татко Живојин Винчиќ, познат македонски и југословенски археологот и специјалист за антиката, ликовната уметница Гордана Винчиќ неодамна ја објави книгата „Тој и јас“. Во неа се најдоа и нејзините илустрации.

Гордана Винчиќ е уметница. Таа е родена од уметност и живее за уметноста. Дива и слободна се обидува да лета во висините и да дише со полни гради. Да го слави секој обичен момент и така да го сложува мозаикот на нејзиното битисање. Овде и сега. Таму некаде. И, повторно назад каде ќе го закачи шеширот и ќе и се предаде на топлината на јужните неба и сентименти.

А, во нејзината биографија најнапред ќе биде забележано дека е родена во Скопје и дека повеќе од две децении живее и твори во Малме, Шведска. Во 1998 година ги завршила студии за Социјална работа и политика при реномираниот универзитет Лунд. По дипломирањето започнала да се занимава со психологија, а исто така се здобила и со 15-годишно лидерско искуство во повеќе области. Големо влијание врз нејзиното творештво имала нејзината мајка која како ликовен уметник и историчар на уметноста, уште од мала и ги пренела корените и тајните на сликарството. Свој удел во развојот на нејзината слободна мисла, пак, има и нејзиниот татко кој е носител на Медал за храброст, Орден за труд и Јубилеен медал за заштита на спомениците на културата во некогашна СФРЈ и кој како доктор на науки по Археологија ( специјалност Антика) своевремено учествувал во истражувањата на Стоби, Скупи, Баргала, црквата Свети Пантелејмон, гробот на Свети Климент Охридски и други локалитети.

Винчиќ зад себе има повеќе самостојни изложби, меѓу кои една од позначајните е “Транзиции“ во Санк Петербург во 2015. Творела и изложувала заедно и со својата сестра Наталија и тоа во Франција, Шведска, Англија и во Македонија. Покрај тоа нејзиното искуство и вештините во доменот на социјалната работа и политика и овозможиле да потпише над 300 визуелно иновативни ликовни работилници спонзорирани од шведската влада.

Во февруари 2016 година, Гордана ја објави и првата книга „Лицата на Александар и Градот со 7 капии“, во која ги претстави методологијата и делата создадени со нејзината сестра, кои две години пред тоа беа изложени во Порта Македонија.

Инаку, познавачите на уметноста за нејзиното творештво велат дека е „наративно и дека со себе носи длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика“. Дека „секое парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори“, а авторката спојувајќи ги уметноста и личниот развој „како главен поттик ја има фасцинираноста од подсвесното знаење и мудрост што секој човек ги носи со себе“.

И, по ваквото претставување разговорот со неа си го добива пожелуваниот тек.

Од каде идејата и потребата кај Гордана Винчиќ за книгата „Тој и јас“, нејзината интимна посвета на својот татко познатиот македонски и југословенски археологот и специјалист за антиката Живојин Винчиќ?

Татко ми имаше големо влијание на мојот живот. Уште како дете постојано ме носеше на нај познатите археолошки локалитети во Македонија. Присуствував на многубројни ископувања и така учев од него за митологијата, симболите, традицијата и многу други интересни приказни за минатото. Со тек на време во мене успеа да поттикне и развие голема љубопитност и желба за истражување на несекојдневни, невообичаени појави. Минатото поминато со него и денес се изразува во моите уметнички дела. Со задоволство сликам во современа изразна форма инспирирана од дамнешните културни наследства, симболиката и митологијата.

Освен тоа, не дека ми беше само татко, умееше секогаш да го извлече најубавото и најкреативното од секој човек околу себе. Како раководител односно одговорен за спроведените ископувања со мои очи гледав како прави чуда. Иако ископувањата најчесто беа проследени со кнап буџет тој успеваше да го најде крајот. Платата секогаш прво ја даваше на работниците, а тој последен. Се поврзуваше со луѓе од околните гратчиња или села, тие доброволно донираа храна за истражувачката екипа. Би можела просто со денови да зборувам за разновидните авантури и неговите досетки кои имаа единствена цел, да се заштитат спомениците на културата во мојата родна земја.

Во текот на својот животен век тој беше целосно предаден на својата работа и многу ретко зборуваше за своето минато или воопшто својот живот. За него како личност научив гледајки го што прави и што кажуваат за него другите луѓе.

Некаде 2007 година имаше 77 години, сеуште беше активен во струката, помагаше советувајќи ги младите археолози. Во тоа време почувствував силна потреба да дознам нешто повеќе за неговото минато. Ми влезе некаков страв дека ако еден ден отиде на оној свет неговата животна приказна ќе замине во заборав наместо да послужи како инспирација, не само за мене туку и за други трагачи или сонувачи.

Му се обратив и го замолив да ја стави на хартија својата биографија. Во рок од година дена тој го стори тоа велејќи дека нема ништо против еден ден и да се објави.

Почина 2016 година оставајќи зад себе огромен труд документиран во најразновидни форми меѓу кои е и неговиот докторат „1000 години Антика во Тиквешијата“. Патем истиот е достапен не само во Македонија туку и во стручните библиотеки ширум светот. Неодамна случајно видов на интернет дека го има и во Украина.

Покрај оставениот стручен материјал јас особено бев заинтересирана за биографијата. Ми претставуваше скапоцено и единствено наследство кое еден родител може да му го остави на своето дете. Ја доживувам автентична и исконска, испреплетена со животни тајни и мудри пораки за секого кој ќе ја прочита.

Со овој вовед сакав на читателите барем малку да им разјаснам од каде кај мене потребата за оваа книга. Главната инспирација е желбата за несебичното споделување на една автентична животна приказна која сигурно ќе влијае на секого кој ќе ја прочита. Само по себе тоа ќе отвори можност позитивната намера на татко ми да продолжи да се шири исто како прстените на површината на водата. Јас сум ете вториот прстен.

Со оглед на тоа дека вие, како и останатите жени во семејството, сте ликовен уметник колку храброст ви беше потребна за да почнете да пишувате? Да ја испишете оваа ваша приказна.

Можеби и би можела да кажам дека храброста овој пат го победи разумот односно рационалното во мене. Поради некоја необјаснива причина неговата автобиографија стоеше така непрочитана 13 години односно се* до 2020 година. Можеби не ја прочитав веднаш како што треба затоа што за тоа не бев спремна тогаш кога ми ја даде.

Откако темните облаци се надвија над целата планета почувствував носталгија. Присуството на татко ми силно ми фалеше. И што да правам? Почнав да ги читам редовите кои ги втиснал на својата стара машина за куцање. Е, тоа не се опишува! Како тој да го слушнал моето срце, дојде разголувајќи ја својата душа пред мене. Сега ми е јасно дека мојата храброст е ништо во однос на неговата, но сепак ја имав доволно и знам дека токму од него ја наследив. На моменти се прашував дали одлуката да ја објавам биографијата е правилна. Се потсетувам често на моментот кога го запрашав дали би имал нешто против еден ден да ја објавам. Напротив. Беше позитивно изненаден и се согласи. Гледајќи во далечната иднина знаев дека биографијата во форма на книга ќе биде достапна и од корист кога и мене веќе ќе ме нема. Така го победив стравот од помислата што ќе кажат другите за искрените и автентичните редови на мојот татко. Би сакала да додадам дека додека работев со неговите текстови имав огромна поддршка од луѓето кои се најдоа околу мене во вистинско време.

Ви одеше ли во прилог на тој чин на креација начинот на живеење во последниве две години кој со себе во времево на светска пандемија ни ја донесе осамата, отуѓеноста, повлекувањето во себе...скратените комуникации и дружби, многуте прашалници.. ?

Се испадна како што требало да биде. Претходно животот ми беше исполнет со патувања ширум светот, ама откако се споив со биографијата не можев да се одвојам од неа. Во мене се отвори некој нов портал за внатрешни патувања и истражувања на непознати простори. Човечката душа е неистражен континент. Работејќи на материјалот, неминовно работев и на себе. Секојдневно се соочував со нови работи продлабочувајќи ги сознанијата за животот воопшто.

После многу години почнав повторно да ги посетувам местата каде што тој ископуваше. „Случајно“ доаѓав во контакт со нови луѓе кои го познавале или соработувале со него. Ја дружев природата, особено реките каде што татко ми често го поминуваше своето слободно време. Можеби звучи чудно но како цело време да се движев по некоја патека на која се* што има врска со пандемијата не постоеше. Комуникациите и дружбите беа скратени, но се отворија нови познанства и средби. Не се стегам и ќе кажам дека имав вистински авантури поттикнати од работата на книгата. Бев многу активна на повеќе полиња. Учествував на неколку групни изложби, направив илустрации за книгата, плус оваа година ја организирав и ликовната колонија во Валандово заедно со тамошниот Дом на културата. Соработував со платформата Auroom.store односно тимот на „Златен заб“ каде што кој сака може да ја купи книгата, а воедно и моите уметнички дела.

Во книгата се поместени и ваши илустрации кои соодветствуваат со напишаното. Колку со тоа се обидовте некако да ги помирите, да ги вкрстите литературата со ликовноста? Ќе резултира ли сето тоа можеби со ваша изложба која ќе ги помрдне границите на веќе презентираната книшка форма?

Илустрациите не беа планирани од самиот почеток. Читајки ја автобиографијата се роди желба редовите и чувствата да ги преведам и во визуелна форма. Не знам, но можеби во иднина оние кои ме подржуваат ќе имаат можност да видат уште повеќе дела во таа насока. Минатата година книгата ја промовирав на два настана. Едниот беше во Домот на култура „Кочо Рацин“, а вториот во Социјален центар „Дуња“ каде што актерот Давид Илиќ изведе перформанс со извадоци од книгата. Присутните несебично го споделија своето задоволството.

Изјавивте дека приходот од продажбата на книгата го планирате за хуманитарни цели. Што подразбира тоа и колку на тој начин и натаму ја следите татковата и сопствената идеја за барање на човекот во себе, барем за малку да станеме по хумани, по емпатични во времето и опкружувањето кое тоа само декларативно го прави?

Оние кои ме познаваат знаат дека нема да ми биде прв пат да се посветам кон хуманитарни цели. Повеќе години во Шведска водев разновидни проекти за ранливите групи во општеството, деца и младинци без родители, возрасни, самохрани родители, азиланти, невработени и други. Најчесто ја користев уметноста како главна алатка за комуникација. Тоа е посебен капитал за кој може исто да се зборува во недоглед. Нешто слично работев и пред неколку години во Франција.

Во Македонија неколку пати донирав дела за разновидни ранливи групи меѓу кои посебно место заземаа децата со посебни потреби. Кога не снајдоа поплавите донирав околу 40-тина дела за жртвите што резултираше со над 1000 евра кои беа однесени во форма на вода директно каде што требаше. Сето тоа беше организирано со цивилна иницијатива.

Овој пат сакам дел од средствата да оди за дечиња без родители затоа што и татко ми беше сираче. Сметам дека и оваа ранлива група честопати е заборавена.

Убедена сум дека секој поединец има хуманост во себе ама за жал истите поединци меѓу кои се вбројувам, во центрифугата на секојдневието, забораваме кој сме. Го инвестираме нај скапоценото, нашата верба во општеството, дека тоа ќе ни даде сигурност сега и во староста. Не помислуваме дека тоа можеби е една голема лага која несвесно ја подржуваме. Верувам дека поодамна е дојдено времето за да ги преиспитаме општествените вредности. Доволно е да ги погледнеме фактите односно досегашните манифестирани резултати. Зборувам за сите општества на светов, ниедно не спомнувам ама ниедно не ни изоставувам. Си дозволувам да го кажам ова иако и самата живеев и работев во едно од социјално најразвиените општества повеќе од 25 години.

И, кога сме веќе кај творештвото со книгата, илустрациите, учествата на изложбите успевате ли да ги скротите демоните во себе. Да се преиспитате и да почнете нешто поинакво, ново, невидено од себе. Нова самостојна изложба со нова провокација за публиката. Да свртите нов лист во животот?

Од кога почна пандемијата секој ден го доживувам како нов лист. Таа просто како да ја тргна илузијата дека нешто воопшто може да биде сигурно.

Оваа година ќе се обидам да ја прошетам книгата што е можно повеќе на местата каде што татко ми ископувал. Добив понуда за преведување на англиски и на шведски јазик, па ќе треба и за тоа да размислам и да донесам одлука. Паралелно се подготвувам за самостојна изложба со која како секој уметник имам желба прво да се надминам самата себе и да допрам до срцата на секој кој љуби уметност. Јас постојано ќе се обидувам да ги скротам демоните во себе и тоа за мене е процес што веројатно ќе трае се додека сум жива. Ќе настојувам, како и досега, постојано да ја изненадувам мојата публика со нешто „ново“. Па и провокативно, ако сакате.

Како жена храбро чекорите разбивајќи ги предрасудите во општеството во кое културата на живеење и творење е ни ваму ни таму, а државата ја користи само за политички пазарења. Што треба според вас, вашето искуство од творењето и изложувањето во други средини, да се стори за да се мрднат работите од ваквиот лет во место?

И оваа тема е неисцрпна, ама ќе се обидам барем одговорот да биде што покомпактен. На сите поединци, секако се вклучувам и себе, ни фали многу повеќе храброст. Стравот мораме да го елиминираме од сите полиња на постоење. Самопочитта како и самокритичноста ни е на нула, а едно без друго тешко дека можат да одат одвоено. Сакам да се воздржам, но сепак ќе ја спомнам и меѓусебната љубомора на сите нивоа. Од поединец до цели групи.

Цивилната храброст и иницијатива е далеку под нивото на нормала. Посебно ќе го издвојам Скопје кое всушност како главен град треба да служи за пример. Треба да се засрамиме пред сите други помали градови и села.

Овој медал, за среќа, има и своја позитивна страна. Сите во земјава сеуште имаме шанса да го свртиме тркалото. Има луѓе кои сеуште се борат и се трудат да живеат по ненапишаните етички правила. Имаме неверојатно умна младина на која треба да и дадеме малку повеќе простор да се искаже и да се докаже.

Иако во Шведска дипломирав на социјална политика не посакувам допири со политиката, затоа не би и давала простор во дијалогот. Сметам дека таа има само моќ да им ја одземе позитивната енергија на луѓето и најчесто да ги однесе во слепи улици. Политичките води се матни за слободно пливање, а и онака не сум некојси кој знае каков добар пливач.

Колку, од вашето искуство, Македонија, македонската ликовна и уметничка сцена е во дослух со она што се случува во светот? Што е потребно за пробив – промотери, излагачи, мецени... или сето тоа и натаму ќе остане на самиот автор и неговиот инает за лет?

Личното искуство ме има научено дека во светот е многу полесно да се остварат изложби и други ликовни случувања. Поддршката од одговорните органи како и галериите е многу поголема и потранспарентна кога се работи за правила, средства и апликации. Начинот и местата на кои уметничките дела се споделуваат со јавноста се иновативни и флексибилни.

Што се однесува до личниот пробив можностите се поголеми надвор отколку овде дома. Ми се чини дека таму е полесно и без многу вложување на личен инает. Овде, а зборувам од лично искуство, за жал, честопати наидувам просто кажано на ликови за кои сум се запрашала дали навистина знаат што им е работата. Имам слушнато од колеги уметници и за непрофесионалноста на некои од оние што треба да одлучуваат за значајни работи. Токму поради тоа понекогаш знам на шега да кажам дека ние во Македонија сеуште живееме во постмодернизам.

Од друга страна, не треба да заборавам да напоменам и тоа дека во повеќе случаи сум имала одлична соработка со поединци и институции.

Можеби се зависи од тоа на кого ќе налеташ, што на пример во Шведска не може да ти се случи. Таму однапред знаеш на која врата или шалтер треба да чукнеш и точно на што имаш право и што навистина ќе добиеш.

Конечно, што ќе понуди Гордана Винчиќ во догледно време? Нов перформанс, ликовна изложба, втора книга... Каде се гледате себе и сопственото творештво во иднина? Со кои теми и отворени прашања би сакале да се занимавате и да ги истражувате?

Веќе спомнав нешто околу плановите за оваа година, а сигурна сум дека ќе понудам уште и некое изненадување за кое ни сама сега не знам. Секогаш го правам тоа. Едноставно постојано го проширувам првобитниот план за годината што следува.

За подалечната иднина не би зборувала многу, не поради тоа што сакам да чувам тајни, туку сегашноста ја доживувам како вечна и примамлива. Секоја помисла на иднината во ова време ми делува како ограничување. Дозволувам внатрешниот и надворешниот свет да ме „повлече“ и само натаму одам.

Во моментов ме интригира само едно прашање: Што треба да се разбуди во поединецот за да би почнал вистински да живее?

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG