Достапни линкови

Долговите на општините меѓу статистиката и тврдењата на опозицијата


Недомаќинско работење, шанса за богатење и јазот меѓу желбите и можностите на локалните власти се дел од причините поради кои голем дел од општините имаат долгови. Проф. Борче Треновски од Економскиот факултет, вели дека државата треба да има различен пристап во отплаќањето на нивните долгови

Деновиве опозицијата обвинуваше за повеќекратно зголемување на долговите на општини во однос од пред 4 години. Бројките на опозицијата и оние што ги добивме од градските власти на некои од посочените општини како град Скопје и општина Куманово се разликуваат.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски ги отфрла како невистинити и паушални обвинувањата на пратеникот Илија Димовски дека Куманово е една од 11-те општини во земјата кои се најзадолжени поради недомаќинско работење. Димовски тврди дека вкупниот долг на тие општини во 2018 изнесувал 62 посто од вкупниот долг на сите 84 општини во земјава или 3, 087 милијарди денари, а дека новонастанатиот долг во овој мандат на градоначалници е 1, 866 милијарди денари.

„Тоа се само чисти обвинувања за собирање на евтини политички поени. Општина Куманово во 2017 беше финансиски блокирана општина, а денеска е целосно раздолжена општина, без никакви обврски и сериозни финансиски средства од над 2,5 милиони евра кои се на располагање на жиро сметка на општината. Успеавме да ја раздолжиме општината со домаќинско работење и со зголемување на приходите на општината во делот на прибирање на даноци и такси и намалување на непродуктивните расходи на минимум, како и големи заштеди во делот на јавните набавки“, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во 2018 година Куманово должела 114 милиони денари, а подоцна истата година оваа општина добила финансиска помош од владата за отплата на дел од долговите.

Согласно последниот пресек на пријавени обврски на Министерството за финансии, таа бројка во март изнесувала 405.894 денари, но оттаму посочуваат дека во меѓувреме може да има промена на состојбата.

Во денешното соопштение до јавноста ВМРО-ДПМНЕ тврди дека и Град Скопје во моментот е за 8,5 пати повеќе задолжена од пред 4 години.

Радио Слободна Европа побара одговор од град Скопје. Оттаму ги отфрлаат како лага тврдењата на опозицијата и уверуваат дека задолжувањето е стабилно. Град Скопје склучил 7 договори за заем и тоа 6 во периодот до 2017 година (кои сеуште се сервисираат) и еден договор за заем во периодот 2017-2021 година за Изградба и реконструкција на улици.

„Во 2017 година состојбата на долг на Град Скопје заклучно со првиот квартал изнесува 13,7 милиони евра, додека со 31.03.2021 состојбата на долг на Град Скопје изнесува 14,2 милиони евра. Во периодот од 2017 до 2021 година Град Скопје склучил еден договор за кредит и тоа за Изградба и реконструкција на улици со кој се реконструираат најголемиот дел од булеварите во Скопје“, ни одговорија од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека зголемување на долгот се забележува кај Јавните претпријатија на Град Скопје и освен ЈП Водовод и канализација чиј долг во 2017 година изнесувал 7 милиони евра за изградба на управна зграда на јавното претпријатие, структурата на долгот во истиот период во 2021 истиот изнесува 14 милиони евра како резултат на склучени два договори за задолжување и тоа за набавка на автобуси за ЈСП и набавка на специјални комунални возила на ЈП Комунална хигиена.

Податоците од Министерството за финансии пак покажуваат дека град Скопје заклучно првото тримесечје од 2021 година пријавил доспеани, а неплатени обврски во износ од 171.413.636 денари (2.787.513 евра), додека на крајот од 2018 година имал пријавено доспеани, а неплатени обврски во износ од 31.058.465 денари (505.000 евра ). Мора да се напомене дека ова е состојбата на обврските кои се дадени кога се правел пресекот, односно дека во меѓувреме може да има промена на состојбата.

Во моментот вкупниот долг на сите општини во земјава изнесува нешто повеќе од 3,8 милијарди денари или околу 62 милиони евра.

Во јазот кој постои меѓу она што сакаат да го направат градоначалниците и она што е во нивната финансиска можност, економските експерти ја гледаат главната причина поради која најголемиот дел од општините ги трупаат своите долгови, кои пак подоцна ги отплаќа државата.

„Фискалниот капацитет да се задолжат општините е ограничен, така е според законот. Така што општините кои имаат низок буџет можат многу помалку да се задолжат. Само мал број на општини некаде максимум 15 општини имаат голем фискален капацитет за реализација на големи инфраструктурни проекти кои се поврзани со централната власт. Тоа пак има друг дефект, бидејќи централната власт поради политички или други причини одлучува во која општина ќе ги вложи парите, а во која нема“, вели проф. Треновски.

До пред една година реализацијата на буџетите на општините беше од 50-60 проценти што значи дека половина од нивните буџети остануваа нереализирани. Оттука општините полесно ги реализираат расходите, а приходите не ги реализираат поради што се појавуваат блокирани сметки.

Професорот Треновски вели дека се работи за системски проблем и дека една од причините за „билдањето“ на долговите е и недостигот на институционален капацитет кај некои општини. Она на што укажува тој е и потребата од различен пристап на државата кон различни општини.

„Покривање на долговите на сите од една кошница не значи дека е правилниот пристап. Тоа создава морален хазард. Тоа значи дека општините се чувствуваат покомотни, бидејќи знаат дека еден ден владата ќе ве извлече. На пример имате општини како Охрид, Струга, Карпош кои имаат силен капацитет за да соберат приходи, а сепак имаат определени обврски и долгови. Ако им вратите на сите со тоа им помагате и на оние кои работеле најнедомаќински, затоа пристапот на власта треба да биде различен“, заклучува Треновски.

Анализите на невладината организација „Агтис“ пак покажале дека зголемените долгови на дел од општините во земјава се резултат и на големите апетити на локалните власти не само за лично богатење, туку и за вдомување на партискиот персонал и непотребно зголемување на општинската администрација.

Александар Цветкоски од оваа организација вели дека некои од општините применуваат и методи со кои ги прикажуваат трошоците како помали или поголеми. Според него, не постои логично објаснување за зголемувањето на долговите во услови во кои нема големи капитални проекти на општината.

„Партиите прават најразлични трикови, едните да го намалат долгот, а другите да го претстават како многу повисок од порано. Само криминалот е логично објаснување за трупањето на долговите. Од 2008 година, од фискалната децентрализација општините трошат посериозни пари и оттогаш ем буџетите се зголемуваат, ем блок дотациите кои ги дава државата, дел од општините добиваат пари и од странски донации, а Владата молчи кога знае дека еден дел таа ќе ги отплати долговите, а тие се задолжуваат“, вели Цветкоски.

Единаесетте општини кои според Димовски имаат најмногу долгови се Тетово, Карпош, Охрид, Куманово, Струга, Чаир, Кичево, Дебар, Струмица, Студеничани, и Брвеница.

Инаку, во пресрет на локалните избори годинава Владата им помага на општините да ги покријат долговите на јавните претпријатија, кои со години трупаат долгови. Тоа го прави со предлог законот за отпис на каматите од страна на доверителите, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија. Законот е во собраниска процедура.

Ова е втор пат во изминативе три години владата да им помага на општинските татковци да излезат од наталожените долгови. Во законското решение е наведено дека се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија, со цел нормално функционирање на јавните претпријатија и непречена реализација на нивните развојни активности.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG