Достапни линкови

Вториот изборен круг мирен и досега со поголема излезност од првиот


Гласањето во вториот круг од локалните избори се одвива без проблеми, со поголема излезност од првиот круг до сега, оценува ДИК. На некои избирачки места имало прекини поради уредите за отпечатоци од прсти, но тие проблеми се надминуваат. Од МВР не забележале посериозни инциденти. Денеска се гласа во 44 општини.

Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 18 часот и 30 минути изнесува 48, 62 отсто, соопшти Државната изборна Комисија. Во споредба со првиот круг излезноста во неколку општини е драстично поголема како што се општините Охрид и Битола каде што во вториот круг излегле да гласаат по околу 9 илјади повеќе гласачи.

Вкупно на гласање во 44 општини каде што се гласа во вториот круг на локалните избори своето право на глас го искористиле 638.940 гласачи.

Највисока излезност има во општината Вевчани и таа изнесува 81, 2 проценти, а најмала во скопската општина Сарај каде што само 28,57 проценти од гласачите излегле да го дадат својот глас. Излезноста на ниво на Скопје изнесува над 40 проценти. ДИК досега го оцени изборниот ден како мирен без инциденти и без проблеми со уредите за биометриска идентификација на гласачите, како тие во првиот изборен круг.

„До Државната изборна комисија нема пристигнати пријави за инциденти. Како што посведочивте и сите вие изборниот ден течеше без такви метежи и гужви како што се создадоа во првиот изборен круг“, изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугуческа.

До 17 часот во ДИК пристигнале 433 приговори за заштита на лично избирачко гласачко право, односно ги немало во избирачки список, од кои 378 се прифатени, 34 се одбиени и 21 лице кои поднеле приговор веќе биле запишани во избирчкиот список.

Гласањето, според Даштевски, денеска се одвиваше без проблеми и со уредите за биометриска идентификација на гласачите.

„Имаме многу мирен избирачки ден. Прилично солидна, добра излезност. Немаме пријавено дека има редици. Јас и лично гласав сега. Минатиот пат чекав 1 час, а сега ни пет минути“, изјави Даштевски.

Повеќе од еден час прекини имало на три избирачки места во Скопје и на три места во Сарај, едно место во Карпош, едно место во Чешиново Облешево, и на едно место во Зелениково. На некои места каде имало проблеми, ДИК донела одлука да се гласа на класичен начин, но во меѓувреме гласањето продолжило со идентификација со уредот. Онаму каде што имало прекин ќе се продолжи гласањето. Даштевски додаде дека на местата каде што имало прекини во гласањето ќе биде продолжено времето одредено за гласање.

„Во цела Македонија работат нормално уредите откако се средија овие со картичката. Немаме други неправилности и гласањето се одвива нормално“, изјави претседателот на ДИК.

Гласање - некаде без проблеми, некаде без апарат за отисок
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:29 0:00

Екипата на Радио Слободна Европа го посети училиштето Димитар Миладинов, во општина Центар каде денеска се гласа. Сашо Георгиев, претседател на избирачки одбор вели дека во овој круг нема проблеми со апаратите за отпечатоци.

„Изгледа сега е поправена таа грешка, така што гласањето се одвива многу полесно и многу побрзо“, вели Георгиев.

И гласачот Димитар Иванов се согласува дека немало проблеми.

„Во општина Центар никогаш немало проблеми, секогаш бил најдемократски, посебно во овој дел од центарот на градот“, рече Иванов откако гласаше. Тој очекува да победи подобриот.

Но, додека во едната училница немаше проблеми со апаратите за отпечатоци, во другата имаше, па гласачите чекаа во редица за да може да гласаат.

„Веројатно имал некој технички проблем и не може да се почне гласањето“, рече Славица Панчева, жителка на општина Центар.

За следење на денешното гласање се акредитирани 1220 домашни набљудувачи и 368 странски. Најголем дел од странските набљудувачи се од ОБСЕ/ОДИХР.

Набљудувачите на Цивили пак оценија дека изборниот ден почнал мирно на гласачките места, но дека пак се забележуваат проблеми со апаратите за отпечатоци. Од Цивил нотираат дека имало кршење на изборниот молк, говор на омраза и црна кампања на социјалните мрежи.

Вториот круг од локалните избори се одржува во 44 општини, а во прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандмијата со коронавирусот. Право на глас во општините во кои не беше избран градоначалник во првиот круг имаат 1 353 990 избирачи. Се гласа на 2481 избирачко место. Во првиот круг 34 општини избраа градоначалници бидејќи беше исполнет законскиот минимум за еден кандидат да гласаат 50 отсто од оние кои излегле на гласање.

Денеска не се гласа за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус на гласање односно да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини Државната изборна комисија најави дека ќе ја извести Владата, а дополнително ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.


Гласањето почна вчера со изјаснувањето на болните и немоќните, лицата заразени со Ковид-19 и во самоизолација и затворениците. Според податоците на ДИК се работи за вкупно 7465 гласачи. Од нив 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови, шест внатрешно раселени лица, 5588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица со Ковид-19 или во изолација.

Доколку на некој гласач му е нарушено избирачкото право може да се пожали до ДИК, Народниот правобранител, до Хелсиншкиот комитет за човекови права. И Јавното обвинителство е дежурно за изборите и продолжува да ги следи сучувањата поврзани со изборниот процес.

Овие се седми локални избори од независноста на Македонија во 1991 година. Првите локални избори се одржаа на 17 ноември 1996 година, и се бираа и советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Сега, во овие два круга се бираат советници и градоначалници за вкупно 80 општини плус градот Скопје. Од ДИК очекуваат резултатите од овој круг да се објават порано за разлика од првиот круг.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG