Достапни линкови

Власта не дава предвремени избори - опозицијата обвинува за партизација на владата


Коалициска средба на партнерите во Владата
Коалициска средба на партнерите во Владата

Премиерот Ковачевски по средбата со своите коалициони партнери во Владата истакна дека коалицијата е стабилна, а предвремени избори нема да има. За ВМРО ДПМНЕ кои бараат избори, скандалозно е тоа што политички лидери прават состаноци во влада и ја партизираат.

Владината коалиција е стабилна и нема да има предвремени парламентарни избори, било заклучено на средбата на премиерот Димитар Ковачевски во Владата, со лидерите на сите партии кои се дел од владејачката коалиција.

„Сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат“, истакна премиерот Ковачевски по средбата.

Притоа нагласи дека не прифаќа уцени, како и дека владината коалиција е како што рече, стабилна и ефикасна, посветена на подобрување на животниот стандард и интересите на граѓаните и државата.

„Легитимно право на опозицијата е да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош мошен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓаните и државата“, изјави премиерот.

Коментирајќи ги најавите за блокади од опозицијата Ковачевски нагласи дека блокадите траат веќе две години, уште од времето на корона кризата. Ја нарече опозицијата „неодговорна“ бидејќи место да води дијалог во Собранието, „единствено што прави е блокирање на законите и на граѓаните и на компаниите“.

Запрашан пак како ќе функционира државата во услови на политичка криза, покрај тековната економска, премиерот одговори „ како досега“, потсетувајќи на активностите за носење на антикризните мерки и покрај блокадите на опозицијата.

„Државата, односно Владата, во време на криза донесе мерки во износ од две милијарди евра. Јас бев тој што ги предлагав тие антикризни мерки како заменик министер за финансии во Собранието“, рече Ковачевски потсетувајќи дека лани успеале да ги донесат мерките за намалување на ДДВ за струјата, а годинава во март и 26 антикризни мерки за справување со енергетската криза.

Средбата на коалициските лидери се одржа во свечената сала на Владата. Ова беше причина за брза реакција од страна на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ која синоќа во Скопје организираше голем протест пред владината зграда со барање за предвремени избори. Од опозицијата сметаат дека е скандалозно партиски лидери да се среќаваат во Владата и да ја партизираат.

„Лидерите на политичките партии дел од Коалицијата на власта не се владини функционери, ниту министри за да се среќаваат во влада и да држат Коалициони состаноци. Владата е за владини состаноци, на премиерот и министрите, а не за претседателот на СДСМ, Ахмети и нивните Коалициони партнери. Ковачевски покажа дека нема капацитет да води во кризни моменти, и иако знае дека нема знаење да ја извади државата од криза од себични причини не сака избори, само за да остане на власт и да може да краде“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ го критикуваа премиерот и за економските мерки, но и затоа што не даде свој став за францускиот предлог, кој пред два дена беше испратен до 27 земји членки на ЕУ, како документ со кој би можеле да се деблокираат евроинтеграциите за Македонија. Премиерот го повтори веќе кажаниот став од страна на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, дека прво ќе почекаат францускиот предлог да се усогласи меѓу земјите членки, меѓу кои е и Бугарија, земјава што веќе две години ни има ставено вето за почеток на преговорите со ЕУ.

На синоќешниот протест, опозицискиот лидер Мицковски пак енергично го отфрли францускиот предлог, и ја повика владата да го стори истото.

„Тоа е ништо друго, освен капитулација без одлагање. Што би се рекло, бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут“, рече Мицкоски кој додаде дека неговата партија нема да прифати никаков договор штетен за националните интереси, ниту пак промена на Уставот за внесување на Бугарите како малцинство, што е меѓу барањата за кревање на бугарското вето.

Мицковски синоќа на протестот го побара она што денеска Ковачевски го одби - предвремените избори. Притоа најави дека ако за тоа не се постигне договор во текот на летово, ќе пристапат кон целосна блокада на институциите.

„Таа целосна блокада ќе биде во парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патиштата, протести низ градовите, блокада на процедурите и системот во распаѓање“, истакна опозицискиот лидер во својот едночасовен говор пред владата.

Ковачевски пак денеска нагласи дека ова прашање е затворено

„Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговор на кризата преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, прецизираше Ковачевски.

Препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО почнаа од рано утринава, преку партиски соопштенија и изјави. Прво околку тоа дали синоќешниот опозициски протест бил успешен или дебакл според бројот на посетители, потоа колку пари за него биле потрошени, за да продолжат со тоа колку се добри економските мерки кои се носат во време на криза.

Опозицискиот протест беше организиран по повеќе од еден месец активна опозициска блокада во македонското собрание, која започна откако Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски не одговори на повикот за средба со опозицијата на која ќе се разговара за распишување предвремени избори.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG