Достапни линкови

Владата почна да се фали на сметките за струја


Владината порака на новите сметки за струја
Владината порака на новите сметки за струја

На сметките за струја владата почна да се фали дека да не биле тие, сметката ќе била уште повисока. Аналитичарите велат дека се работи за политички маркетинг, но премиерот Димитар Ковачевски вели дека граѓаните треба да знаат. Тоа не ниту пропаганда, ниту флаер, вели Ковачевски.

Половина од новата декемвриска сметка за струја покрива владиното соопштение дека да не биле субвенциите, сметката ќе била за 73 отсто повисока. Слична порака има и на новите сметки за парно. Таму, пак, има точна пресметка колку изнесува владината субвенција на сметката. Досега во сметките за струја и парно немаше вакви известувања.

Аналитичарот Џељал Незири вели дека последните анкети на јавното мислење, кои покажуваат големо намалување на рејтингот на владата, веројатно го вклучиле алармот кај нивните ПР експерти, па можеби на ваков начин решиле да направат нешто за подобрување на угледот на владата.

„Се поставува прашањето колку е тоа етички. Дали со парите коишто доаѓаат од даночните обврзници и се враќаат во вид на субвенции кај истите тие даночни обврзници, односно граѓаните, би можело да се прави една таква реклама, тоа мислам дека не е во ред“, вели Незири.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, не се согласува дека се работи за пропаганда, туку служи за граѓаните да бидат информирани.

„Тоа воопшто не е ниту пропаганда, ниту флаер, туку е сметка за електрична енергија. Електричната енергија државата ја субвенционира за целиот регулиран пазар. За да ви објаснам, цената на електрична енергија, доколку ја погледнете на берзите, таа е во моментов сигурно 300 евра, минатата недела беше 500 евра, сега цената е намалена на HUPX берзата, со оглед на тоа што во Западна Европа се католичките божиќни празници, меѓутоа откако ќе заврши тој период кога луѓето прославуваат и практично индустријата работи со помал интензитет, тогаш сигурно и цената на електричната енергија ќе биде зголемена“, рече Ковачевски.

Тој вели дека во сметките стои колку е субвенцијата од Владата, а не од политичка партија.

Илустрација
Илустрација

Ковачевски рече дека нема да дозволат да има ценовни шокови со сметката за струја.

Од владата ја побаравме и пресметката – како е дојдено до бројката од 73 проценти. Одговорот стигна во вид на соопштение од државниот производител ЕСМ, но без прецизна пресметка како е дојдено до таа бројка.

„Во сметката за електрична енергија каде се прикажани примери за сметка и износ на субвенцијата која ја добива домаќинство се вкалкулирани: сумата која владата ја подмирува како разлика од актуелната субвенционирана цена на ЕСМ до производната цена на ЕСМ. Во пресметката е вкалкулирана и разликата од реалната цена за технички загуби која досега МЕПСО и Електродистрибуција ја обезбедуваа од берза, а сега од ЕСМ по субвенционирана цена“, стои во соопштението што го испрати ЕСМ.

Производствената цена на струјата во ЕСМ е 72 евра за мегаватчас, а ЕСМ му ја продава таа струја на ЕВН, која ја дистрибуира до граѓаните, за 48 евра за мегаватчас. ЕСМ исто така обезбедува струја за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа, кои граѓаните ги плаќаат преку надоместот за пренос и дистрибуција, по цена од 143 евра за мегаватчас. Берзанските цени на струјата оваа година се над 300 евра за мегаватчас.

Професор Јасна Бачовска Недиќ, пак, вели дека јавниот маркетинг, кога е во корист на граѓаните и општеството, е нешто нормално, но јавноста сега е почувствителна на тоа затоа што беше многу злоупотребен од владата на Никола Груевски.

„На современите држави и демократии им е потребен јавен маркетинг, но тоа мора да се користи со висок степен на општествена одговорност, и тука не треба да има никакво мешање, визуелно или суптилно, помеѓу партискиот идентитет на одредена партија којашто е на власт и јавниот интерес и државата. Значи тие работи треба да бидат поделени“, вели таа.

Сметките за струја за граѓаните ги издава снабдувачот со струја ЕВН, која е приватна фирма.

„ЕВН Хоме е регулирана компанија која работи според законите во сила и Одлуките на Владата на РСМ. Информацијата со примерот кој се однесува за субвенцијата на Владата во фактурите за електрична енергија е прикажана по барање на Владата, а изработена е од ЕСМ како државна компанија“, стои во одговорот што го добивме од ЕВН.

Сметка за парно во Скопје
Сметка за парно во Скопје

Тие велат дека како снабдувач на електрична енергија само ги применуваат цените кои се одредени од Регулаторната комисија за енергетика.

Од почетокот на оваа година владата ѝ ја одзеде лиценцата за снабдување со топлинска енергија во Скопје на приватната фирма БЕГ, а парното го презеде државната ЕСМ. Поради големото поскапување на природниот гас, владата субвенционира и дел од сметките за парно.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG