За Машан Јоновановиќ, од Лепосавиќ на северот на Косово, експропријацијата на земјиштето што Владата на Косово ја започна во овој регион со мнозинско население Срби е „узурпација или одземање на личен имот“.
Тој тврди дека осум хектари од неговата шума во селото Мекиниќе, кои се наоѓаат веднаш до семејната куќа каде што живее на територијата на општина Лепосавиќ, треба да бидат предмет на експропријација. Тој објаснува дека така му рекле поранешни општински функционери.
Лепосавиќ е меѓу оние општини чии функционери од српската заедница се незадоволни од одлуките на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со српски регистерски таблички, кои поднесоа оставка пред шест месеци.
Јовановиќ во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) оцени дека Владата на Косово спроведува „незаконски“ процес на конфискација на имот.
„Народот е огорчен и упорен. Ние сакаме да останеме таму, да си го зачуваме своето, за кое велат дека е наша сопственост“, вели Јовановиќ.
Сличен став за РСЕ искажаа и жителите на селата Дрен и Засеље од истата општина, кои сметаат дека и нивниот имот треба да биде дел од експропријацијата, но не сакаа да дадат изјава за медиумите.
Сопствениците на парцелите го контактирале и народниот правобранител во Приштина, Наим Калај, од чија канцеларија за РСЕ изјавија дека „истрагата е во тек“.
Велат и дека „Јавниот правобранител (народен правобранител) по истрага на случаите врз основа на законски одредби ќе излезе со јавно мислење.
Од друга страна, од Владата на Косово велат дека целта на експропријацијата е „реализација на инфраструктурни проекти од јавно значење“ и дека се работи согласно законот.
Од косовската полиција за РСЕ потврдија дека на експроприраното подрачје се планира изградба на полициска станица.
Европската унија предупреди дека се загрижени за „воспоставувањето полициски бази на земјиште во приватна и општествена сопственост“.
Зошто е спорна експропријацијата на север?
Владата на Косово го започна процесот на експропријација во општина Лепосавиќ и Зубин Поток во средината на јануари кога дел од земјиштето го прогласи за „недвижен имот од посебен јавен интерес, кој е потребен за реализација на инфраструктурни проекти од јавен интерес. “.
Потоа, на 2 февруари донесе решение со кое го овласти Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура да „изврши подготвителни работи за утврдување на потенцијалната соодветност на една или повеќе парцели со недвижен имот за реализација на инфраструктурни проекти од јавен интерес“.
Во меѓувреме, во селото Дрен започнаа градежните работи за изградба на станицата за гранична полиција на Косово, на што локалното население се спротивстави со протести.
Во тоа време, косовската полиција изјави за РСЕ дека целта на изградбата на оваа станица е „да се обезбеди безбедност на граѓаните, да се управува со границата и да се спречи шверцот во тој регион“.
Откако жителите со протести го спречија продолжувањето на работите, Владата на Косово кон средината на февруари одржа јавни дебати во Лепосавиќ и Зубин Поток, на кои можеше да се слушнат обвинувања за кршење на законските процедури од страна на централните власти.
Жителите чие земјиште е предмет на експропријација го покренаа ова прашање пред Основниот и Врховниот суд во Приштина.
Нивниот адвокат Небојша Влајиќ на јавните расправи истакна дека мештаните не можат да се договорат за прашање од јавно значење доколку официјално не им биде кажано што ќе се случува на локацијата која е предмет на експропријација. Тој наведува и дека целиот процес е нетранспарентен.
РСЕ повторно стапи во контакт со Влајиќ на 15 мај, но тој одби да зборува со образложение дека Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, која го ангажирала, е одговорна за изјави за експропријацијата.
Од таа канцеларија до објавувањето на овој текст не се согласија да се изјаснат.
Инаку, на експропријацијата на север се спротивстави и Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од официјален Белград.
Колку земјиште е предмет на експропријација?
Владата на Косово на состанокот на 10 мај донесе прелиминарна одлука за експропријација на земјиште во Лепосавиќ и Зубин Поток.
Авни Зоѓани, заменик-министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, на истиот состанок рече дека Одделението за експропријација констатирало дека се исполнети законските одредби и затоа е одлучено да се достави до Владата прелиминарен предлог за одлуката за ја одобри законитоста на експропријацијата.
Не беше соопштено колкаво земјиште е предмет на експропријација, но претходно Зоран Тодиќ, поранешниот градоначалник на Лепосавиќ, изјави дека станува збор за 83 хектари земјиште во таа општина.
Во претходната изјава за РСЕ, тој изјави дека тринаесет парцели се во приватна сопственост, шест се во општествена сопственост и една е во сопственост на косовската општина Лепосавиќ.
За општина Зубин Поток е познато само дека земјиштето се наоѓа во катастарските зони Брњак, Зубин Поток, Вељи Брег, Бање и Горњи Јасеновиќ.
Што велат од Владата на Косово?
Владата на Косово не одговори конкретно на прашањето на РСЕ за тоа колку точно земјиште е предмет на експропријација. Објаснуваат дека неговата цел е да гради проекти кои „ќе влијаат на создавање услови за сеопфатен развој“.
Тие наведуваат и дека ова не е прв пат Владата на Косово да врши експропријација на север заради јавен интерес и посочуваат дека никој досега не протестирал.
Не е прецизирано колкаво земјиште досега е експроприрано ниту што е изградено на него.
Владата на Косово тврди дека процесот на експропријација е во согласност со законот и дека е транспарентен процес.
„Владата одржа јавни расправи со сопствениците на имот во општините Лепосавиќ и Зубин Поток, на кои одзивот беше добар и сите прашања поврзани со процесот беа разгледани со сопствениците на имотот“, наведуваат оттаму.
Додаваат и дека сите сопственици на земјиштето кое е предмет на експропријација, ќе добијат паричен надомест што ќе го определи Заводот за проценка на недвижности, по пазарни цени.
Што вели законот?
Законот за експропријација вели дека Владата на Косово може да изврши експропријација под одредени услови, но дека во тие случаи општината на чија територија се врши експропријацијата има право на суд да ја оспори законитоста на експропријацијата и/или висината на надоместокот.
Освен оние дејствија за остварување на права предвидени со закон, ниту една општина или општински орган не може да спречи или попречува експропријација.
Исто така, се наведува дека експропријацијата на недвижен имот може да се изврши само доколку имотот не е избран заради спроведување на некоја дискриминаторска цел.
Адвокатот Фјорин Љата за РСЕ објаснува дека Законот за експропријација на недвижен имот предвидува можност Владата на Косово да изврши експропријација за „легитимни јавни цели“, што исто така може да биде „изградба или проширување на зграда или објект што ќе го користи централна јавна власт за извршување на своите јавни функции“.
„Бидејќи изградбата на згради – полициски станици – се смета за неопходна во извршувањето на јавната функција на Владата, тогаш се смета дека Владата има право на експропријација на имот за таа цел“, наведува тој.
Но, истовремено додава дека Законот предвидува право на жалба и за сопствениците на земјиштето, кои оценуваат дека експропријацијата не е потребна и не ги исполнува законските услови.
„Сопствениците на недвижен имот имаат право на жалба до судот во рок од 30 дена, кој може целосно или делумно да ја укине постапката за експропријација. Доколку судот ја одбие нивната жалба, постапката за експропријација продолжува и сопствениците повеќе немаат право на противење.
Пораките на ЕУ
Во меѓувреме, Канцеларијата на Европската унија во Косово апелираше до косовските власти „строго да се придржуваат до законските процедури за експропријација на недвижен имот“ и да обезбедат почитување на правата на сопственост на сопствениците.
„Строго да се придржуваат до законските процедури при експропријација на недвижен имот“ и „да се почитуваат соодветниот процес и имотните права“, се наведува во соопштението.
Беше изразена загриженост поради „формирањето на бази на косовската полиција на земјиште во приватна и општествена сопственост - во некои случаи пред да се започне постапката за експропријација“.
Претходно, реагираше известувачот на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, со порака дека е запознаена со одлуката на Владата на Косово за експропријацијата, но дека во овој момент „не треба да додаваме бензин на огнот “.
Прашањето за експропријација доаѓа по тензиите на северот на Косово на крајот на минатата година. Тогаш локалното население подигна барикади со цел да ја спречи Владата на Косово да ја спроведе одлуката за пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички.