Достапни линкови

Вишок вработени во јавна администрација, а оправдани вработувања


Министерот Дамјан Манчевски
Министерот Дамјан Манчевски

Јавниот сектор лани се зголемил за 3346 лица, споредбено со 2017 година. За министерството за администрација овие вработувања биле неопходни. Тие вработувања пред се во образованието и во труд и социјала и за упатените се оправдани, но според нив, намалување на вработените треба да има во органите на држаната власт.

Речиси сите институции и органи во јавниот сектор во минатата година го зголемиле својот кадар доколку се гледа вкупната бројка, при што дополнително биле редовно вработени 3346 лица, споредбено со 2017 година, покажуваат годишните извештаи за регистар на вработените во јавниот сектор на министерството за администрација и информатичко општество. Бројката на вработените во јавниот сектор лани изнесувала 132 068.

Најголемиот дел од новите вработени, односно 2329 лица се ангажирани во јавните установи и 415 во јавните претпријатија. Предводник се јавните установи кои работат во областите како труд и социјала, потоа следи образование и здравство. Додека пак кај јавните претпријатија, најмногу нововработени има во секторот за комунални работи.

​Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски изјави дека новите вработувања биле неопходни.

„Се работи за вработени во центрите за социјална работа, во градинки, во училишта и во болниците и другите здравствени установи. Значи не сме зголемувале нестручен кадар. Не сме зголемувале каде што нема потреба. Сме зголемувале каде што сите и јавноста потврдила дека имаме недостаток“, порача Манчевски.

Професорот Драган Гоцевски смета дека тие вработувања се оправдани.

„Зголемувањата на бројката на вработени во установите. Најголем дел во труд и социјална политика, понатаму во здравство, мал број и во образование се должи на сменетата јавна политика на оваа влада дека треба да се направат реформи во социјалната заштита. Сега не може да правите таков вид на реформа без вработени. Вработувани се даватели на јавна услуга, не класични службеници. Така да таму има пораст на бројот на вработени и сега зависи како гледате на тоа. Јас ќе речам дека социјалната заштита и здравството беа запоставувани подолго време во Македонија“, вели Гоцевски.

Манчевски се пофали и со намалување на бројката на вработени во одредени органи на министерствата во кои спаѓаат државните инспекторати, управи и бироа. Се работи за 29 институции, со само 38 помалку вработени.

„На ниво на сите органи во состав на министерствата вкупната бројка во однос на 2017 е намалена“, рече тој.

На сметка за тоа е зголемена бројката на вработени во самите министерства каде лани биле дополнително ангажирани 138 лица. Намалување на вработените во јавниот сектор во 2018 година всушност има само во правосудните институции, каде кадарот се намалил за 36 лица, во судовите за 26 лица и во јавните обвинителства, каде има незначително намалување од двајца вработени. Во сите останати има по плус неколку десетици вработени. На пример реулаторните тела се засилиле со плус 33 вработени, а кадарот во владините институции се зголемил за 23 работници.

Според Гоцевски треба да има намалување кај вработените во органите на државната власт. Бројката за минатата година изнесува 16 594 и е зголемена за нови 24 вработени во однос на 2017, а меѓу органите на државната власт спаѓаат токму владата и министерствата.

„Така да бројот на администрација на ниво на државна администрација треба да падне по мене под 14 илјади. И 16 илјади и 500 државни службеници за мене се многу. Не сум за отпуштање, но сум да има една одговорна кадровска политика во наредните 5,6 или 7 години“, додава тој.

Додека пак за разлика од 2017 година лани преку агенцијата за привремени вработувања биле ангажирани уште 815 лица со што нивната бројка се заокружила на 2439.

„Овие лица немаат статус на вработени во јавниот сектор, и од тие причини не правиме детална анализа, за нивната структура и институции каде се ангажирани“, велат од министерството за администрација и информатичко општество

Не се знае колку лица биле ангажирани со договор на дело во јавниот сектор, бидејќи како што велат, од министерството, таа бројка ја води секоја институција посебно.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG