На урбано Скопје, посебно на љубителите на ликовната уметност и трагачите по возбуда во услови на светска пандемија и превентивни мерки за заштита од вирусот Ковид - 19, во деновите на студени зимски атаци и измешани емоции, им се случи уште едно издание на традиционалната групна изложба „Вечното танго на љубовта во нас“. И овојпат во Галерија „Ко-Ра“, во Домот на културата „Кочо Рацин“ со идеја да ја анимира публиката со својата понуда не само на отворањето туку и во периодот од 12 до крајот на февруари.
А, кога сме веќе тука да кажеме дека Виолета Калиќ, историчар на уметноста и авторка на овој проект, овојпат на едно место ги собра имагинацијата и делата на 18 домашни творци и уметници чија умешност дофрла и подалеку од регионалните огради. Така во Галеријата се најдоа делата на Дита Старова Ќерими, Марија Светиева, Росица Лазевска, Шќипе Мехмети, Љупчо Бојаров, Стеван Илијевиќ, Петра Јовановска, Валентина Илијевска, Борјана Божиновска, Жанета Радевска Спировска, Верина Николова Соуважон, Зулејха Али Зубери, Виктор Бранѓолица, Гордана Винчиќ, Маја Андонова Јокиќ, Ленче Коцевска, Игор Поп Трајков и Витан Божиновски. Значи, уметници од неколку генерации, но и со различни творечки определби и енергии кои овојпат се обединети од „чудесните, возвишените сензации... и бројните искушенија што ги побудува вечното танго и љубовта“. Страста како пожелувана станица во ваквата обичност на страниците од животот.
Во пресрет на овој настан, кој годинава на отворањето притеснет од пропишаните протоколи за жал помина без вообичаениот танц перформанс и без проекцијата на филмот посветен на тангото, Виолета Калиќ, која патем во Домот за култура „Кочо Рацин“ е стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура, ќе забележи дека „тие твореле инспирирани од неодминливоста на возвишените чувства кои не поведуваат и извишуваат кон височините, поместувајќи ги опивните хоризонти на љубовта преточена во славниоте акорди на тангото кое го прославува името на генијот Астор Пјацола ширум светот. Потсетувајќи не носталгично на бурите емоции што се раѓале и пукале по рабовите во аргентинските крчми и биртии и така ги ширеле вибрациите до интернационалните сцени, прдизвикувајќи планетарни академски дискусии и возбуди. Чиста класика.
Згора на тоа таа и со дополна дека во изминатите години уметниците твореле инспирирани од сензациите кои ги побудуваат вечните теми и бројните транскрипции и варфијации на теми како „Танго Обливион“, „Либер Танго“. „Танго Нуево“, Танго Жалузје“... потцртувајќи ја неодминливоста на Вечното танго кое неизоставно побудува занес, воздишка, восхит и незаборав... доближувајќи ни ги вечните митови, легенди и епови посветени на љубовта како исконски порив, феномен, доживелица која е изложена одкулт и апотеоза до разнородни интерпретации, искушениа , контроверзи...
„Живееме соочени со искушенија за нејзината трансмисија, преобразба, трансмодулација во духот на едно поинакво време...Но таа се извишува како вечен предизвик и никогаш до крај недоосознаена енигма...со својата аура на единствено и неповторливо доживување кај секоја единка одделно... Како и акордите на Вечното танго кое го доловуваат токму тој инкарнат...тие сензации, тој изблик на емоции, вознес, страст и порив кон сплотување, каде се насетува секавичноста од трансмодулацијата на лиричноста во моќната експресиј... каде говорот на танцот, музиката и ликовноста се надополнуваат и вдахновуваат секогаш нова сензација, каде се извишува говорот на музите во секогаш една нова креација во виорот на таа синергија која ги сплотува мигот, времето минато и сегашно, силно впиено во ехото на носталгичноста , која провева низ виорот на животот, каде се поместува границата помеѓу занесот, восхитот, страста, љубовта, страдањето, болката, осаменоста, толку моќно воспеани во уметностите...“, ќе рече авторката на проектот Калиќ.
Кон сето ова уште и информацијата дека поставката „Вечното танго на љубовта во нас“ поради интересот на публиката во Галерија „Ко-Ра“ ќе остане и ќе може да се проследи до средината на март годинава.