Тешко ќе биде за македонската економија брзо да се зацврсти во текот на следната година и со тоа да се постигне раст од 4,6 проценти, дури и во пост-пандемиски период, смета економскиот аналитичар Арбен Халили.
„За жал нашата економија, условно кажано, и во нормални денови не направила толкав раст, а камо ли после пандемијата“, вели Халили.
Коментирите доаѓаат по предвидувањата дека македонската економија следната година ќе забележи раст од 4,6 проценти, како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими при вчерашното претставување на Предлог-буџетот за 2022 година.
Бесими ,меѓу другото, најави и дека платите следната година ќе растат, а оти ќе има и редовна исплата на пензиите и социјалните надомостоци.
За споредба, предвидувањата се дека европските напредни економии ќе постигнат раст од 4,4 отсто во 2022 година, економиите во развој во кои спаѓа Македонија 3,6 отсто, според Регионалните економски изгледи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Професор Борче Треновски од Економскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, од друга страна вели: процентот на раст на економијата не значи истовремено решавање на проблемите. Животниот стандард, начинот на однесување и енергетската криза, не зависат само од Бруто домашниот производ (БДП), вели тој.
„Да не се фокусираме само на стапката на раст на БДП. Постојат земји кои имаат ниско ниво на животен стандард и живеат прилично бедно, а имаат огромни стапки на раст на БДП“, вели Треновски додавајќи дека многу е поважен квалитативниот аспект на буџетот, ефикасноста и подобрувањето на институциите.
Според Халили, Предлог-буџетот за 2022 година генерално може да се смета оти дека е „издржлив“, но посочува на мала веројатност за реализирање на најавеното зголемување на платите и пензиите, во услови на постоечка ковид пандемија и енергетска криза.
„Во овој тежок период да очекуваш зголемување на плати, е повеќе од невозможно. Предлог-буџетот треба да се усвои и да биде одобрен во Собранието, но кај нас секогаш се повторува да имаме ребаланс на буџетот и јас сметам дека меѓу главните точки на првиот ребаланс, ќе биде токму делот на зголемување на платите“, вели Халили.
Министерот Бесими вчера оцени дека буџетот за следната година ќе биде развоен. Но, професор Треновски вели дека во последните десет години социјалните надоместоци во буџетот се зголемени за над 70 отсто, а од друга страна капиталните расходи пораснале за околу 10 до 15 отсто.
„Тоа покажува дека социјалната компонента во буџетот од година во година расте, а ние се повеќе зборуваме за развоен буџет“, вели Треновски.
Буџетот на Македонија за 2022 година ќе изнесува 4,4 милијарди евра – пари кои државата планира да ги потроши, а истворемено планира да обезбеди приходи од околу 3,9 милијарди евра.
Дефицитот е проектиран на 500 милиони евра што е 4,3 отсто од БДП – средства кои ќе бидат обезбедени преку задолжување.
Министерот Бесими потенцираше дека дефицитот ќе се користи „единствено“ за поддршка на позначајниот дел од капиталните инвестиции кои е планирано да изнесуваат над 600 милиони ерва.
„Јас ќе бидам радосен ако на крајот на следната година навистина овие предвидени средства за капитални инвестиции се реализираат барем 70 до 80 проценти. Да не ни се случи како секоја година да планираме капитални инвестиции, а потоа парите да ги насочиме за набавка на канцеларски материјали“, вели Халили.
Треновски вели дека не е проблем дали и колку ќе има капитални инвестиции, туку дали ќе има нивна реализација, но дека клучни се контролните механизми, ревизијата и дали капиталните инвестиции ќе го постигнат посакуваниот ефект.
„Ние мора да зборуваме за механизмите на реализација на тие капитални инвестиции. Тука се тестираат и јавните набавки, градежништвото, контролата, евалуацијата, мониторингот“, вели Треновски.
При претставувањето на Предлог-буџетот за 2022, Бесими рече дека тој бил планиран во услови на ковид пандемијата, глобална енергетска криза и покачените цени, но дека капиталните инвестиции ќе бидат зголемени за 27 отсто во однос на буџетот од минатата година.
Моменталниот јавен долг изнесува 59,3 отсто од БДП. Во 2022 година државниот долг ќе биде 55,3 проценти, а јавниот 65,9 отсто од БДП, рече министерот за финансии.
Треновски вели дека повеќе истражувања покажале дека оптималниот јавен долг во државата не требало да надмине над 53 проценти.
„Нивото над 60 проценти на е веќе прилично високо, а враќањето под тоа ниво нема да биде едноставно во услови на светска пандемија, буџетски дефицит над 4 проценти“, вели Треновски.
Според ММФ, закрепнувањето на економиите во Европа е сè поотпорно со зголменото ниво на вакцинација и мобилност, но сепак посочува дека незивесноста и натаму е висока, не само поради ризикот од нови бранови на инфекции и нови варијанти на вируси во услови на нееднаква стапка на вакцинација во земјите.
ММФ наведува дека императив е да се зголеми вакцинацијата, посебно во европските економии во развој и силно да се поддржат меѓународните напори за забрзување на пристпот до вакцини на глобално ниво.