Достапни линкови

Буџет за предизборен поткуп или за инвестирање во човечки капитал?


Платите во здравството ќе се зголемат меѓу 10 и 25 отсто, во образованието за 10 отсто, а пензиите за 850 – 900 денари. Сето ова е предвидено во буџетот за изборната 2020 година. Премиерот Зоран Заев вели дека на економијата ѝ оди добро, па граѓаните треба да ги почувствуваат бенефитите.

Зголемување на плати и пензии, субвенции, пари за рурален развој, за помош на стопанството... Владата денеска го усвои предлог-буџетот за 2020 година. Премиерот Зоран Заев вели дека не се станува збор за предизборен поткуп на гласачи, туку за буџет со кој се инвестира во човечки капитал.

За наредната година е предвидено владата да собере 3,6 милијарди евра, а да потроши 3,9 милијарди евра. Дефицитот ќе биде 283 милиони евра, односно 2,3 проценти од БДП-то. Се очекува раст на економијата од 3,8 проценти.

На денешната презентација на буџетот пред новинарите, министерката за финансии Нина Ангеловска и премиерот Зоран Заев рекоа дека две третини од буџетот ќе оди во секторите здравство, образование и социјала. Платите во здравството ќе се зголемат од 10 отсто за медицински сестри до 25 отсто за лекари специјалисти, во образованието за 10 отсто, а пензиите ќе пораснат за 850-900 денари.

Премиерот Заев не се согласува дека се работи за предизборен поткуп на гласачи, туку вели дека е резултат на тоа што на економијата ѝ оди добро.

„Ова е резултат на чесни и на храбри политики, коишто денеска дале можност и мегдан да споделиме со нашиот народ заслужено право да почувствува, од сите овие политики коишто досега се донесени во овие две години пет месеци и 11 дена, да може граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од таквите политики“, рече Заев.

Министерката Ангеловска рече дека мора да се инвестира во човечкиот капитал за да се намали иселувањето.

„Доколку како земја не го зајакнеме човечкиот капитал, нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да можеме да го одржиме и да го забрзаме економскиот раст“, рече таа.

Капиталните инвестиции се проектирани на 374 милиони евра, но прашање е колку ќе се реализираат, имајќи ја предвид ниската реализација во изминативе две години. Наредната година владата ќе се задолжи за скоро една милијарда евра, 560 милиони евра на странскиот пазар и 440 милиони евра дома. Од тие пари треба да врати стари долгови од 700 милиони евра, а останатите пари, како што велат, ќе бидат за капитални инвестиции. Министерката Нина Ангеловска не кажа на кој начин ќе се обезбедат овие пари, но посочи дека каматите ќе бидат драстично пониски од досегашните. Јавниот долг ќе се зголеми од сегашните 47,7 отсто од БДП-то на помалку од 51 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG