Достапни линкови

Дали бројките за коронавирусот во Русија се точни?


илустрација
илустрација

Претставникот на Светската здравствена организација во Русија Мелита Вујновиќ ги минимизираше сомнежите во врска со статистиката за коронавирусот во таа земја, и покрај тоа што новите податоци покажуваат дека властите може да го намалуваат бројот на починати од пандемијата. Нејзините коментари во интервју за „Курент тајм“, мрежа на руски јазик предводена од Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка, доаѓаат откако неколку медиумски организации ги нагласија разликите во бројките за смртноста во рускиот главен град.

Податоците, објавени во „Њујорк Тајмс“, „Фајненшал тајмс“ и други даваат докази од скептици, внатре и надвор од Русија, дека властите ја потценуваат пандемијата.

На 14 мај, руските власти соопштија дека земјата има 9.974 нови инфекции, со што официјалниот број потврдени случаи е 252.245 и ја става Русија на второто место, зад САД, во однос на вкупните инфекции.

Бројот на починати изнесува 2.305, што претставува зголемување за 93 од претходниот ден.

Руските власти презедоа некои големи чекори во раната фаза на пандемијата за да го намалат нејзиното ширење, но бројот на случаи постојано расте, иако со побавно темпо од поголемиот дел од Европа.

Ковид-19: Кој е најзагрозен и каде е најопасно?

Експертите се прашуваат дали процедурите за тестирање се со недостатоци и дали локалните и регионалните власти интервенирале во вистинските податоци.

На некои места, како што е Санкт Петербург, на пример, бројот на заболени од пневмонија отиде нагло над сезонските норми.

Рускиот претседател Владимир Путин и градоначалникот на Москва Сергеј Собијанин
Рускиот претседател Владимир Путин и градоначалникот на Москва Сергеј Собијанин

Градоначалникот на Москва Сергеј Собијанин упати трезвени забелешки за состојбата со известувањето во почетокот на април, велејќи дека тестирањето било премногу бавно за да даде целосна слика.

Оттогаш, властите го засилија тестирањето на национално ниво, што ја направи Русија една од земјите со највисоките стапки на тестирање по глава на жител.

Но, стапката на смртност од коронавирусот продолжува да привлекува скептицизам кај експертите, кои велат дека е невозможно кревкиот здравствен систем на Русија да има капацитет за да ги задржи на толку ниско ниво смртните случаи на ковид-19.

Путин ги ублажува мерките, и покрај растот на заболени од коронавирус

За споредба, Британија, има бројка на починати од нешто повеќе од 33.000, додека Шпанија, со околу 229.000 потврдени случаи, забележала повеќе од 27.000 смртни случаи од вирусот.

Пријавената стапка на смртност на Русија од коронавирусот е значително пониска и во однос на другите европски земји.

Претставникот на Светската здравствена организација во Русија Мелита Вујновиќ
Претставникот на Светската здравствена организација во Русија Мелита Вујновиќ

Во интервјуто за „Курент тајм“, Вујновиќ вели дека организацијата им верува на руските официјални бројки.

„Една од причините за ниската стапка на смртност е тоа што сите на кои им требаше болничко лекување може да го имаат. Немаше експлозивно зголемување на случаите и Русија купи време да го зајакне својот здравствен систем“, изјави таа, додавајќи дека стапката на пораст во нови случаи се намалила во последните денови.

Ковид-19 во руското и кинеското влијание на Балканот

Заклучно со 14 мај, таа изнесуваше околу 4 проценти, споредено со скоро 14 проценти пред неколку недели.

„Гледаме добро намалување во изминатите 10 дена. Се чини дека епидемијата е во фаза на стабилизација и е во фаза на опаѓање“.

Здравствените експерти велат дека релативно нискиот број може да се објасни со тоа како се класифицираат смртните случаи; на пример, ако некое лице со срцево заболување е инфицирано со ковид-19 и почине, причината за смртта може да му се припише на срцевиот проблем, а не на коронавирусот.

болница во Москва
болница во Москва

На 13 мај, градскиот здравствен оддел за Москва, каде што е концентриран најголемиот дел од случаите во Русија, објави соопштение во кое се вели дека повеќе од 60 проценти од смртните случаи во Москва не се вклучени во официјалниот број на смртни случаи од коронавирусот во градот.

Коронавирусот ја загрозува слободата на медиумите

Несовпаѓањето во бројките за смртноста, нагласени од „Њујорк Тајмс“ и „Фајненшл Тајмс“, го разбудија немирот во Министерството за надворешни работи, чиј портпарол Марија Захарова инсистираше на тоа дека бројките се „уште една сензационална антируска лага“ и побара повлекување на извештаите.

„Понатамошните чекори од Министерството за надворешни работи ќе зависат од тоа дали тие ќе објават демант“, рече Захарова, посочувајќи дека на репортерите на овие весници во Русија би можело да им бидат одземени акредитациите.

Портпаролката на „Тајмс“ пак, изјави дека весникот стои зад своето известување.

„Ние сме убедени во точноста на нашиот материјал, врз основа на податоците објавени од официјалната владина агенција и интервјуата со експерти од владини институции“, изјави Даниел Ха за руските медиуми.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG